Автори: Алексис Мадригал, Робинсон Мејер
(Атлантик)
Откако со месеци беа празни патиштата и јавните места, Американците се вратија на улиците, но не за да се прослави повторното отворање на бизнисите и победата на државата врз коронавирусот. Десетици илјадници луѓе излегоа во знак на протест за убиството на Џорџ Флојд од страна на полицијата. Полицајците покажаа сила, го стеснуваа просторот на движење на демонстрантите, им фрлаа солзавец и ги апсеа и ставаа в затвор.
Нема поента да се негира очигледното, а тоа е дека стоењето во толпа подолг временски период го зголемува ризикот од ширење на коронавирусот што го предизвикува ковид-19. Ваквата форма на масовен протест и соодветниот одговор на полицијата, е плодна почва за ширење на вирусот, како што минатиот петок изјави во едно радиско интервју Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергологија и заразни болести.
Две расни нееднаквости беа дел од причините за актуелните протести. Првата е пандемијата во која Афроамериканците умираат двојно повеќе од останатиот дел од населението, според податоците за следење на состојбата со ковид-19 на „Атлантик“. Втората е полициската бруталност врз малцинското население, која има долга традиција. Флојд, кој веќе во април оздравел од ковид-19, во мај беше убиен од страна на полицаец.
Американците посакуваат вирусот да исчезне, но не е така во реалноста. Иако епидемијата го намали интензитетот на североистокот од државата и се намали вкупниот број на заразени, а во останатиот дел состојбата се контролира, сепак во изминатите денови се јави пораст на нови случаи на ковид-19. Дваесет и две сојузни држави пријавија над 400 нови случаи во петокот, а други 14 сојузни држави и Порторико пријавија дури троцифрени бројки. Аризона, Северна Каролина и Калифорнија забележаа највисок број на регистрирани случаи досега.
Иако пандемијата сè уште трае, сè повеќе држави ги повлекуваат мерките кои ги воведоа за спречување на ширењето на вирусот, а владината работна група за справување со коронавирусот ги намалува своите активности. Сега кога почнува долгото лето, фактите говорат дека САД нема да ја победат болеста, а колективно се чини дека народот се предава.
Демонстрантите не значи дека ја игнорираат пандемијата. На видео-снимките од последните маршеви се забележува дека повеќето од нив носат маски. На нив и на фотографиите се гледаат големи, збиени толпи, но на некои места сепак се почитуваат препораките за физичко дистанцирање, а демонстрантите носеа средства за дезинфекција на раце. Но доказите не покажуваат колективно почитување на препораките на здравствените власти. Демонстрантите во многу градови лежеа наземи еден до друг речиси девет минути во знак на убиството на Флојд. Многу од нив исто така викаа, пееја и скандираа што може да биде ефективен начин на ширење на вирусот, според истражувачите.
Многу од можните поттикнувачи на ширењето на коронавирусот во изминатите денови не вклучуваат тактики на протестирање: десетици полициски единици применија безбедносни мерки што полесно можат да го овозможат трансмисија. На пример во Вашингтон, полицијата користеше солзавец и други хемиски супстанции за да растера стотици мирни демонстранти пред Белата куќа за претседателот Доналд Трамп да може да се фотографира. Солзавецот и слични хемикалии предизвикуваат иритации на организмот и кашлање што се начини на ширење на вирусот. Доцна во ноќта, градската полиција ги апсеше еден по еден и многумина завршија в затвор каде што има голем број на случаи со ковид-19. Новинарите ширум државата пренесоа дека полицајците не носат маски толку често како демонстрантите.
– Државата е таа што има обврска да го заштити јавното здравје на граѓаните – порача Александра Фелан, професорка по светско здравствено право на универзитетот Џорџтаун и додаде дека без разлика каков став има полицијата за протестите, нивна обврска според меѓународното и домашното право е да го чуваат здравјето на демонстрантите и да го минимизираат ризикот од ширење на вирусот.
Постојат повеќе сценарија како ќе се одвива епидемијата во Америка ова лето, вклучувајќи го и влијанието на протестите, но сепак има надеж. Употребата на маските е задолжителна, надворешното ширење е сведено на минимум, а се подобрија и капацитетите за тестирање со тоа што неделно можат да се прават и до три милиони тестови. Системот за јавно здравје откри и дијагностицираше многу повисок број на случаи од почетокот на епидемијата. Ваквата стапка покажува дека бројот на случаи не опаѓа брзо. Од друга страна сојузните држави Џорџија и Флорида, каде што рано беа отворени бизнисите, а граѓаните релативно не ги почитуваа мерките на здравствените власти, постојано имаат ист број на заразени, додека Калифорија со поконзервативен пристап има пораст на случаите. Најкритично е во Аризона каде што вирусот брзо се шири, не само со рекордни бројки на новозаразени, туку и со број на хоспитализирани пациенти и со позитивни контролни тестови.
Американците не сфатија дека не беа преземени доволни мерки како во другите држави од кои некои веќе го победија вирусот. Тие никогаш немаа карантин како во повеќето европски држави, а нивните рестрикции во движењето повеќе наликуваа на шведските мерки и порелаксираниот пристап. Сега за многумина, пандемијата не претставува повеќе најгорливото национално прашање.
Проблемите во Америка со одговорот на пандемијата ги одразуваат и самите проблеми на државата. Американскиот здравствен систем е речиси целосно непогоден за справување со национална здравствена криза поради постоечки разлики во здравствената нега, вкоренет и продлабочен долгогодишен расизам кој не може преку ноќ да исчезне, државни и локални здравствени сегменти на кое им е потребно федерално лидерство кое не го добиваат, Сенатот не понуди долгорочен пакет за спас на економијата, а сојузните држави се соочуваат со фискална криза.
Иако здравствената криза ја одразува американската политичка, општествена и граѓанска инфраструктура, оваа чума не познава морал. Луѓето кои се забавуваат на базен може да преживеат за разлика од оние кои протестираат против полициската бруталност. Луѓето кои строго ги почитуваат мерките за заштита можат да се разболат за разлика од оние кои се забавуваат со пријателите во баровите. Не постои праведна логика. Не постои правда за тоа кој може лесно, а кој не може воопшто да дише.
превод: Билјана Здравковска