Шведска откри дека е далеку од постигнување за колективниот имунитет на кој се надеваше. И покрај усвојувањето на порелаксирани мерки за справување со коронавирусот, само 7,3 отсто од луѓето во Стокхолм до крајот на април развиле антитела потребни за борба против болеста, пренесува Си-ен-ен.
Овие бројки се слични со бројките на другите земји, кои наметнаа порестриктивни мерки, а се далеку под очекуваните резулати за кои се веруваше дека ќе се постигнат, односно 70 до 90 отсто од потребните за колективен имунитет на полулацијата.
– Бројките се малце помали отколку што очекувавме, но сепак не е толку страшно – изјави главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел.
Студијата спроведена од шведската Агенција за јавно здравје има за цел да го утврди потенцијалниот колективен имунитет кај населението, засновано на 1.118 тестови направени за една недела. Студијата има за цел да спроведе ист број на тестови на секои седум дена во период од осум недели.
Шведска реши да постапи поразлично од другите нордиски земји кога станува збор за мерките за заштита од коронавирусот. Училиштата, рестораните и угостителските објекти останаа отворени, но сепак, на населението му беше посочено да одржува социјална дистанца и да биде одговорно. Иако постапките за создавање колективен имунитет не беа поддржани од експертите на земјата, властите одбиваа дека тоа им е целта.
Колективен имунитет се постигнува кога 70-90 отсто од населението прележало некоја болест, или преку вакцинација. На тој начин, болеста има помала шанса за ширење бидејќи повеќето од луѓето се имуни.
– Ниедна земја досега не го постигна тоа, а преку вакцина тоа ќе биде поедноставно – изјави Мајкл Мина, доцент на епидемиологија на универзитетот „Харвард“.
Според извештаите на епидемиолозите, за една земја да стекне колективен имунитет се потребни помеѓу 18 и 24 месеци.
– Концептот за колективен имунитет е „опасна пресметка“ – изјави Мајк Рајан, доктор и извршен директор на Програмата за здравствени случаи на Светската здравствена организација (СЗО).
Сепак, властите во Шведска не се разочарани од резултатот.
– Властите веруваат дека Стокхолм има ниво на имунитет помеѓу 15 и 20 отсто од населението – изјави главниот епидемиолог Тегнел за Би-би-си на 24 април.
Тој рече дека стратегијата „работела во некои аспекти“, затоа што здравствениот систем успеал да се справи со ситуацијата, а најмалку 20 отсто од креветите за интензивна нега биле празни и подготвени за пациентите заболени од ковид-19.
– Дефинитивно ова ќе влијае на ширењето на вирусот во иднина и ќе ја забави стапката на неговата репродукција. Сепак, ова не доведе до создавање на колективен имунитет – вели тој.
Но, шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде и Питер Линдгрен, управен директор на Шведскиот институт за здравствена економија (ИХЕ), минатиот месец изјавија дека Шведска не успеа да спречи голем број смртни случаи во домовите за нега на стари лица.
Според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“, Шведска има 32.117 заболени од коронавирусот и 3.871 смртни случаи.