Фото: Игор Бансколиев

Калкулиран ризик е новиот термин што доминира во македонската јавност за време на пандемијата и пред кој се исправени социолози, психолози, здравствени работници, економисти, па и политичари. Според аналитичарите, сите тие се пред тешка дилема, која не е воопшто едноставна за решавање. Со други зборови, секој има свој калкулиран ризик во зависност од гледната точка на проблемот и целта што се сака да се постигне. Но може ли Македонија да поднесе толку многу калкулирани ризици и по која цена

ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНА ДОНЕСЕ НОВ И СЀ ПОЧЕСТО УПОТРЕБУВАН ТЕРМИН

Откога Македонија започна да се справува со последиците од пандемијата на коронавирусот сѐ почесто се користи и употребува терминот „калкулиран ризик“, кој се чини како да влезе во редовниот вокабулар на социолозите, психолозите, здравствените работници, економистите, па и политичарите.
Во своја анализа, „Нова Македонија“ се консултира со повеќе експерти од различни области да дадат свое видување, објаснување и дефинирање што всушност значи поимот „калкулиран ризик“ и што се сака да се постигне со неговата примена.

Медицинска процена

Проф. д-р Никола Пановски, кој е микробиолог, од научен агол на случувањата вели дека калкулиран ризик во медицината означува вредност што ја отсликува реалноста колкава е можноста човекот да заболи и да се справи со вирусот. Според Пановски, во оваа комплицирана пресметка, за да се добие калкулираниот медицински ризик, влегуваат многу фактори што се поврзани со болеста и со човекот. Се пресметуваат вредностите што покажуваат во колкава мера вирусот навлегол во човечкото тело, потоа се забележува каква била состојбата на имунитетот на лицето пред да се разболи, дали во тој период заболениот страдал и од други заболувања и слично.
Според д-р Пановски, во моментов е многу тешко да се изврши точна медицинска процена или т.н. калкулиран ризик за пандемијата врз државата, кој се мери за да се добие процена за болеста на национално ниво.

Тоа е тешко да се утврди, според докторот, бидејќи оваа болест сѐ уште не е темелно истражена од науката, а во јавноста и меѓу стручните лица се шират дијаметрално различни размислувања за нејзиното лекување.
– Од медицинска гледна точка, терминот „калкулиран ризик“ има уште една употреба, кога тој се користи и во делот кога се пресметува на пример процената кога едно општество или држава би добиле колективен имунитет и со каков успех и со какви негативни последици – вели докторот.
Според него, има одредени процентни точки што сега се актуелни во стручните трудови на оваа тема, кои се појдовна основа за да се направи процена да се види колкава цена платиле државата и нејзиното население за добивање колективен имунитет против вирусот.

Во овој дел од процените, калкулираниот ризик се мери кога се споредува бројот со заболени и излечени луѓе во една земја од ковид-19 и се споредува со бројот со нејзиното население, по што се добива одредена средна вредност, од која потоа се заклучува дали, на пример, Македонија добро се справила со пандемијата.
Според Пановски, во науката се смета дека една држава добро се справила со пандемијата ако успеала да постигне колективен имунитет и во тој процес се заразиле единствено 0,03, 0,5 и 3 проценти од нејзиното вкупно население, што е ниска стапка, а сѐ над овие проценти се смета за лошо справување со болеста.
Тој додава дека Македонија има два милиони жители и ако се спореди бројот на заболени со овие проценти, може да се добие првична слика или впечаток како ние се справуваме со болеста, дали е тоа добро или лошо, и колкав е нашиот калкулиран медицински ризик.

Политичка варијабла

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски објаснува дека од гледна точка на политичките случувања во земјата терминот „калкулиран ризик“ претставува своевидна равенка на партиите, кои во овие моменти кога се одлучува терминот на изборите се обидуваат да пресметаат кој датум за нив е најпрофитабилен за да се одржи гласањето и, спротивно, на кој датум тие би претрпеле најголема штета од изборниот процес, во смисла на добивање помал број пратеници во парламентот.
Конкретно, според Пекевски, најактуелен пример е случувањето каде што партиите од власта се обидуваат дури и без опозиција да заминат на избори, а тоа е така, бидејќи тие имаат пресметано калкулиран ризик дека ако сега се случат гласањата, тие ќе бидат во подобра позиција од некоја точка во иднината, каде што штетата по нивното салдо ќе биде поголема.

Пресметување економска варијабла

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов од Економскиот факултет вели дека како термин „калкулиран ризик“ во научна економска смисла на зборот значи пресметување на веројатноста на конкретен чин.
– Ако се преведе терминот на пример во економско одредено случување, во кое сме заклучиле дека би имале успешност од 70 проценти во вршење некоја активност, тогаш во тој случај преостанатите 30 проценти ни се калкулиран ризик дека економскиот подвиг нема да ни успее. Имено, отсликано во трговијата, на пример во компанија што се занимава со производство и извоз на добра во Германија, калкулиран ризик би било на осигурувањето на пратките, кое е своевиден гарант дека стоката неоштетена ќе стигне до купецот, но истовремено е и дополнителен трошок на фирмата, бидејќи не секогаш оштетувањата на производите се случуваат за време на транспортот – објаснува професорот.

Според Узунов, калкулираниот ризик во голема економска слика на Македонија би се согледал во дилемата што ако не ги отвориме нашите претпријатија, компании, ресторани, фарми, кафулиња, а што ако ги отвориме.
– Ако не ги отвориме, тогаш ќе настапат несакани ефекти, кои ќе доведат до сиромаштија, а загубата ќе биде неиздржлива и ќе имаме економски колапс на нашата држава. Но ако ги отвориме, ќе бидеме подготвени дека одреден процент од вработените што работат е можно да се разболат, па дури и да починат – истакнува професорот.

Тој додава дека оние што раководат со државата пред себе имаат една навистина тешка дилема, која воопшто не е едноставна за решавање.
– Ако пресметаш калкулиран ризик за отворање твоја компанија или не, тогаш е лесно решението, бидејќи самиот за својот имот и лично за себе одговараш и ги преземаш последиците. Но ако одлучуваш во име на државата, тогаш состојбата е навистина одговорна, бидејќи ти решаваш за добросостојбата на сите граѓани во земјата, а тоа како конкретна политика не е нешто што лесно се детерминира – поентира професорот Узунов.

[email protected]