Бугарскиот географ Васил К’нчов во својата книга „Орохидрографија на Македонија“ – објавена во 1911 год. вели дека жителите на Македонија: „самите себе се нарекуваат Македонци и околните народи ги нарекуваат така. Турците и Арнаутите не се нарекуваат Македонци, но запрашани од каде се, одговараат: од Македонија… исто така и Грците, кои живеат во јужните области, не се нарекуваат себеси Македонци, па затоа границите во тие места, според народното самоопределување, не се јасно одредени“.
Искажувањето на К’нчов, се потврдува во повеќе етнографски мапи. Така на пример, во 1918 година „Станфорд“ ја објави мапата „Хеленизмот на Блискиот исток“ на Георгиос Сотириадис. Во прилог на мапата, издавачот вели дека било земено во предвид предвид националното убедување, како „единствен задоволителен критериум на националноста“. Во оваа мапа е прикажано постоењето на Македонците на територијата на грчката држава, како одделни од Бугарите и Србите. Според Хенри Роберт Вилкинсон, мапата го претставува официјалниот став на грчката држава по Првата светска војна.
Македонците како одделна етничка и јазична група се сретнуваат и во британската „Мапа на Југоисточна Европа“ – објавена во 1917 год., „Етнографска мапа“ на „Американското географско друштво“ од Њујорк – објавена во 1918 год., француската „Етнографска мапа на Централна Европа и Балканот“ – објавена во 1918 год., „Расите во Источна Европа“ на Александар Грос – објавена во 1918 год., мапата „Европа – раси и јазици“, објавена во 1920 год., како и германската „Етнографска и јазична мапа на Балканот“ – објавена во 1924 год.
Објавените етнографски и јазични мапи го прикажуваат населението во Македонија, пред процесите за размена на населението во периодот 1923-1930 год. и пред миграцијата предизвикана од Грчката граѓанска војна. Мапите ја прикажуваат националноста или етнолингвистичката група – „Македонци“ или „македонските Словени“ во зависност од издавачот, како одделна небугарска и несрпска.