Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ посочуваат дека оваа состојба со ковид-19, колку и да изгледа лошо и застрашувачки, сепак влијае позитивно врз психичкиот развој на децата бидејќи им овозможува на семејствата да се зближат
Карантинските мерки за заштита од коронавирусот, во рамките на кои физичката дистанца меѓу луѓето стана правило, реално ги оддалечи луѓето едни од други што, се разбира, не важи за најтесните семејства. Колку и како овој период на мерки за заштита од заразата влијае врз децата? Дали овој начин на живеење ги зближи децата со родителите и со семејството? Иако овој начин на функционирање предизвикува прекин на детските игри, сепак експертите велат дека ова нема да се одрази негативното врз развојот на децата, туку може да има дури и позитивен момент, пред сѐ, во градење на односите помеѓу децата во семејството и на децата со родителите. Токму затоа, тие укажуваат дека можноста за повеќе време, кое родителите го имаат сега, треба да им го посветат на децата и на градењето љубов и хармонија во семејството.
Родителите, особено оние што имаат деца од предучилишна возраст, велат дека децата не ја сфаќаат секогаш сериозноста на состојбата. Затоа, велат дека им треба малку поголем напор и време да им објаснат зошто не можат да одат во градинка или на училиште, или дека не можат да се дружат со своите врсници во блиското паркче. Но како предност, тие пред сѐ го посочуваат фактот што сега имаат повеќе време да им се посветат на децата, да создаваат нови игри заедно.
Психолозите се согласни дека родителите се затекнати во оваа ситуација и се ставени пред предизвикот да им го објаснат на децата сево ова што се случува.
Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, сепак, велат дека целата новонастаната ситуација со ковид-19 не може негативно да влијае на целокупниот социјален развој на децата, бидејќи социјалниот раст и развој се долг процес што кај луѓето трае и се надградува со години. Оттаму посочуваат дека оваа состојба со ковид-19, колку и да изгледа лошо и застрашувачки, сепак влијае позитивно врз психичкиот развој на децата.
– Семејствата долго време, на некој начин, беа растргнати од стегите на општеството, сите членови итајќи кон остварување на своите цели како да ги заборавија семејството, неговото значење и неговата моќ. Се отуѓуваа едни од други, се отуѓуваа децата од своите родители, како и луѓето сами од себе, а основната клетка на општеството е токму семејството. За жал, таа долго време се распаѓаше и токму поради тоа имавме многу случаи на различен вид насилство и проблеми кај децата. Таа глувост за проблемите и потребите на детето, немање време да се свртат луѓето и да ги погледнат вистински случувањата во нивното семејство водеше кон целосен распад и создавање нефункционални семејства. Ова физичко дистанцирање придонесува кон враќање во домот, вртење кон себеси и кон семејството, сплотување, обновување на духот и односите во семејството, а тоа во никој случај не може да влијае негативно. Се случува регенерирање на основната клетка на општеството од која тргнува сѐ, а кога ќе се обнови и ќе зацврсти основата тогаш целото ткиво ќе биде многу поздраво и поцврсто – велат од „Меѓаши“.
Во оваа организација, чија примарна цел е грижата кон децата, сметаат дека актуелнава состојба би требало да го обнови целото општество, да ги врати моралните вредности и од сево ова да излезат здрави, воспитани и среќни деца.
– Дури и во семејствата во кои претходно имало проблеми, со ова сплотување, се враќа довербата во другиот, се зголемува сигурноста, се јакнат моралните и семејните вредности. Доказ за тоа ни се и пријавите што ги имаме овој период, за одреден вид насилства што жртвите ги трпеле пред настанувањето на оваа ситуација, но се чувствувале осамени, несигурни, без поддршка и молчеле.
По враќањето и собирањето во семејството се зајакнува и духот, особено кај луѓето што биле жртва на некој вид насилство, се враќа чувството на сигурност и храброст за да се борат против неправдата, дека повеќе не се сами, дека семејството е тука за нив, а кога стои семејството зад човек тогаш човекот е семоќен. За децата ваквото сплотување и љубов се од големо значење за нивната добра психичка состојба, а добро е познато дека добри луѓе не се раѓаат, туку излегуваат од семејства со многу љубов, поддршка, работа и правилно насочување. Според тоа, физичката дистанца во оваа состојба во децата може само да ги вкорени добрите навики, манири и морални вредности – нагласуваат од „Меѓаши“.
Оттаму изминатиот период им помагаат на најзагрозените семејства со најосновните продукти за исхрана и за хигиена, но и едукативно.