Браќата Димитар и Драган Тануровски заедно со нивите колеги периодов се во првите борбени редови на фронтот во борбата против вирусот, помагајќи им секојдневно на оние на кои им е најпотребна помош

ВОЛОНТЕРИТЕ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ВКЛУЧЕНИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОВИД-19

Ковид-19 и сите мерки што беа преземени за спречување на ширењето на оваа болест доведоа до ситуација многумина да зависат од помош при набавката на најнеопходните намирници и лекови, особено хронично болните пациенти и повозрасните лица. Браќата Димитар и Драган Тануровски, кои со години се волонтери на Црвениот крст, заедно со нивите колеги периодов се во првите борбени редови на фронтот во борбата против вирусот, помагајќи им секојдневно на оние на кои им е најпотребна помош.
Овие двајца млади херои во разговор за „Нова Македонија“ раскажуваат со што се соочуваат на терен, што најчесто бараат луѓето да им биде обезбедено, а зборуваат и за својата љубов кон ова што го работат.

– Во Црвениот крст членувам уште од седмо одделение. Најпрво бев дел од екипата за натпреварот по прва помош на ниво на основни училишта. Се запишав во средното медицинско и уште повеќе имав мотив да бидам дел од Црвениот крст. Во неколку наврати подготвував екипи за натпревар по прва помош и истите тие го освоија првото место на државниот натпревар. Често сум дел од медицинските тимови што нудат медицинско обезбедување на културни и спортски настани и за уште еднаш да се потврди тезата дека екипите на Црвениот крст се секогаш први при укажување прва помош. Сега, како студент, уште повеќе се ангажирам во Црвениот крст и од ден на ден сфаќам дека Црвениот крст треба да биде потреба и основен показател за животот на младите – вели Димитар.

На прашањето од каде желбата тој и брат му да бидат солидарни и хумани, тој вели дека волонтеризмот и подавањето рака или го имаш во себе или го немаш.
– Пред неколку дена водев дискусија во клубот на млади на ЦК Центар баш на темата зошто волонтираме. Доста време ми требаше за да го пронајдам мојот одговор, но би издвоил една мисла што ја има кажано францускиот филозоф Волтер: „Секој човек е виновен за сето добро што не го направил“. Не треба да постои идеја, едноставно волонтеризмот и подавањето рака или го имаш во себе или го немаш. Ако го имаш, тогаш треба да се негува и да се издигне до совршенство, а ако го немаш, мора барем малку добрината да ја видиш и да ја споделиш – вели тој.
Димитар е член на тимот за одговор на катастрофи, кој секогаш треба да е подготвен за некаква непогода.

– Вообичаено, нашите активности вклучуваат медицински обезбедувања на спортски и културни настани, обуки за дејствување при катастрофи. Периодов откако трае кризната состојба, тимот има зголемен обем на работа, секојдневно некаде околу 8 часот ни почнуваат подготовките за денот и не е едноставно да се координираат екипите за да се насочат да го искористиме правилно времето и да може да помогнеме. Се обидувам да ги ислушам сите што ќе се јават, да им помогнеме на тие што чекаат хуманитарна помош, тие што чекаат терапија, а и на крајот едноставно да ги ислушаме луѓето, обично повозрасни, кои се најпогодени од кризата – раскажува Димитар.
Драган, пак, вели дека денот го почнува со утрински брифинг и тријажа на повиците. Потоа ги облекува униформата и соодветната заштитна опрема и почнува со работа на терен, упатувајќи се кон корисниците.

– Обично имам листа на корисници што треба да ги посетиме тој ден. Меѓутоа, најчесто таа листа се дополнува во текот на денот. Многумина од нив нѐ очекуваат со трпение и радост и барем досега никој не покажал недоверба или сомнеж кон нас. Ако одиме кај лица во изолација, тие листата за потребни намирници и приближната сума ни ги оставаат во ќесичка пред врата или ни ги подаваат од влезната врата на становите. Ќе ги собереме нарачките, одиме да испазариме во маркетите и во аптеките и потоа се враќаме да им доставиме сѐ што им треба – објаснува Драган.
Старите и болни лица, додава тој, се скромни во барањата и најчесто за нив ги набавуваат основните намирници.

– За Велигден беше малку поопширен списокот, меѓутоа тој најчесто се сведува на леб, млеко, зеленчук, овошје, сѐ што е потребно за да ја поминат седмицата. Хронично болните се малку поспецифични и секогаш гледаме што побргу да завршиме со обврските кон нив. Ми се случило цело работно време да чекам на онкологија за да ми дадат терапија за да им ја однесам ним. Има посебна процедура за онколошка и хематолошка терапија и добро ни оди соработката со здравствените институции. Сакам да споделам дека иако се повозрасни, сепак знаат да се организираат и во 21 век, се јавуваат во аптеките да го резервираат лекот – додава Драган.
Во однос на анегдотите што им се секојдневие, Драган издвои неколку.

– Имавме претчувство дека во една висококатница можеме да се заглавиме во лифт. Ни се случи токму тоа. Повозрасните брачни двојки знаат пред нас да се кошкаат за тоа чии производи имаат поголем приоритет, обично мажите знаат да попуштат и обично да се насмееме и да премолчиме. Но има и такви што се желни за разговор и нѐ покануваат да влеземе внатре, притоа заборавајќи дека не смее да имаат контакт – завршува Драган.