Овој по малку таинствен проект претставува ангажман на група научни експерти, медицински професионалци, милијардери и индустриски моќници, кои тврдат дека имаат одговор за пандемијата на коронавирусот, но и начин за да го спроведат својот план во Белата куќа
Група научници, истражувачи, индустриски магнати и исклучително богати поединци го сочинија и го поддржаа т.н. проект „Менхетн“. Тие тврдат дека нивниот пристап е поинаков од вообичаените, бидејќи тие немаат никаква врска со корпоративни или со политички интереси, па затоа нивните предлози за борба против ковид-19 и за излез од кризата не се обременети со пристрасност.
„Ние сме група мотивирани научници и граѓани и нудиме четири непристрасни предлози за сигурна и ефикасна терапија и вакцина за ковид-19 во најкраток можен рок, отворајќи го притоа повторно нашето општество на начин што ќе го намали ризикот од идни изблици на ковид-19“. Вака се опишаа себеси членовите на групата „Менхетн“ во својот извештај составен од 17 страници, кој беше испратен до „Волстрит журнал“.
Создавањето на атомската бомба како инспирација?!
Групата ја предводи 33-годишниот лекар и инвеститор Том Кахил, кој живее во изнајмен еднособен стан далеку од очите на јавноста, поседува само еден костум, но затоа има доволно силни врски за да влијае врз одлуките на Владата во војната против коронавирусот. Тој и неговите колеги ги опишуваат своите активности како „Проект ’Менхетн‘ во време на изолација“, именуван според групата американски, канадски и британски научници од времето на Втората светска војна, кои помогнаа во создавањето на атомската бомба.
Но овој пат, целта на членовите е да ги искористат своето знаење и пари за да се излезе со најдобрите идеи собрани низ светот. Всушност, тие функционираат како ад хок одбор за преглед на податоци од истражувањата во врска со ковид-19, елиминирајќи ги недоволно јасните студии, пред тие да стигнат до политичките креатори. Групата што се нарекува „научници што ќе го запрат ковид-19“ се состои од хемиски биолози, имунобиолози, невробиолози, онколози, гастроентеролози, епидемиолози и нуклеарни експерти.
Меѓу нив се наоѓа и Мајкл Росбах, кој во 2017 година ја доби Нобеловата награда за медицина. Никој од групата не сака да профитира финансиски. Велат дека ги мотивира шансата да ги искористат своите врски и современата наука во борбата против коронавирусот, која не функционира баш најдобро на државно и на федерално ниво. „Можеби ќе успееме. А ако се случи тоа, би можело да го промени целиот свет“, изјави Стјуарт Шрајбер, хемичар од универзитетот „Харвард“ и член на групата.
Четири нивоа на дејствување на проектот „Менхетн“
Во својот извештај, групата наведува четири нивоа на дејствување.
Прв бран – употреба на постојните антивирусни лекови за борба против вирусот (тестирање од април до мај 2020 г. и аплицирање веднаш потоа).
Втор бран – тестирање лекови за терапија со антитела, развиени специјално за неутрализација на ковид-19, но само на оние што нудат ветувачка комбинација на брзина и безбедност (тестирање во јуни и август 2020 г. и користење подоцна).
Трет бран – вклучува вакцини за долготрајна победа над вирусот, кои ќе помогнат во развојот на сезонскиот и повеќегодишен имунитет (тестирање од март 2020 до март 2021 г.).
И конечно, повторно отворање на САД, кое оди паралелно со истражувањата (имплементација во мај-јуни 2020 г. и ќе трае додека не пројде заканата).
Научниците тврдат дека е неопходно пристапот до лекови и вакцини и повторното отворање на општеството да се одвиваат во исто време.
– За да го победиме овој нов коронавирус во САД и низ светот, ќе биде потребна огромна и добро организирана соработка меѓу Владата, индустријата, филантропијата и граѓаните. Од витално значење е да ги воспоставиме овие партнерства и веднаш да преземеме акција – напишаа тие. Директорот на Националниот институт за здравство, Франсис Колинс, неодамна изјави дека се согласува со повеќето препораки во извештајот, имајќи ги предвид документите испратени до „Волстрит журнал“ и мислењата на луѓето што се блиски до оваа проблематика.
Извештајот е предаден во врвот на американската администрација
Извештајот беше доставен до членовите на кабинетот и потпретседателот Мајк Пенс, шеф на оперативната група административци, задолжена за активности во врска со ковид-19. Групата е уверена дека нивниот план би можел да биде остварен преку фондот за наука на д-р Кахил. До пред две години, Кахил работеше на својот докторат на универзитетот „Дјук“ и спроведуваше истражувања за ретки генетски заболувања. Тогаш беше сигурен дека ќе продолжи со таквите активности и по докторирањето. Меѓутоа, неговата кариера започна во инвестициската фирма „Раптор груп“. Во тој период Кахил сфати дека ќе биде покорисен ако наоѓа научници и инвестира во истражувања, па одлучи да формира сопствен фонд „Њупет партнерс“, вреден 125 милиони долари. На помош му дојдоа голем број богати инвеститори како Питер Тил и Стив Паљука.
На почетокот на март, кога беше забележан пораст во бројот на жртви од ковид-19, Кахил беше незадоволен од дотогашните истражувања за вирусот.
– Науката и медицината беа тргнати настрана од сѐ она што се случуваше – рече тогаш тој.
Веднаш по првата видеоконференција за спречување на ширењето на ковид-19, тој почна да добива голем број идеи и финансиска поддршка. Милијардерите како Питер Тил, Џим Пелот и Мајкл Милкен му овозможија финансии за добивање легитимитет пред властите во екот на кризата.
– Веќе 50 години сум вклучен во медицински истражувања и никогаш досега немам видено толку добра соработка како сегашнава – изјави Милкен. Во текот на минатиот месец, Кахил и неговата група често го советуваа телефонски Ник Ајерс, помошник на потпретседателот Пенс.
Паљука, косопственик на Бостон Селтикс и еден од инвеститорите на Кахил, кој помогна во уредувањето на нацрт-извештајот, испрати една верзија до Дејвид Соломон, извршен директор на „Голдман Сакс груп инкорпорејтид“. Тој, пак, го проследи до министерот за финансии Стивен Мнучин. Исто така, Паљука го претстави планот и пред републиканскиот гувернер на Масачусетс, Чарлс Бејкер, кој телефонски потврди дека ќе ги усвои елементите во документот.
Проектот протежира обединување на целата нација, Владата, бизнисот и науката за да се победи коронавирусот
На почетокот на функционирањето се дистрибуираа стотици светски научни трудови посветени на кризата. Најпрвин се селектираа идеите и ставовите што се ветувачки или, пак, сомнителни. Секој од членовите разгледуваше дури по 20 научни трудови дневно, што значи дека работеле речиси десетпати повеќе одошто во своето нормално секојдневие. Се собраа по пат на видеоконференции и текстуални пораки, или, како што се изрази Розбах, „како куп тинејџери“. Дискусиите не беа секогаш исклучиво научни. На пример, групата дискутираше за предлогот вирусот да се преименува во САРС-2, но заклучија дека тоа име би можело да звучи застрашувачки. Наедно, групата ја отфрли идејата за лекување со хидроксихлорокин, лекот против маларија што беше промовиран од претседателот Трамп.
Не ја прифатија ниту идејата за широко тестирање на антитела, чија цел беше да им се овозможи на луѓето да работат иако нивните резултати биле позитивни, сметајќи ја за високоризична.
Членовите на групата велат дека се свесни за тоа дека многу нивни идеи и предлози можеби нема да бидат спроведени, затоа што администрацијата на Трамп ќе ги игнорира. И покрај тоа, последниве денови тие продолжуваат да разговараат со службените лица, во надеж дека нивниот план ќе добие зелено светло да стане акциски.
– Ни треба целата нација – Владата, бизнисот и науката – да се обединиме сите за да победиме – истакна Стив Паљука.