Епидемијата од светски размери, која човештвото ја живее првпат, ги стави на тест образовните системи низ светот, вклучувајќи ги и европските. Секој систем си има свои специфики, па затоа секоја држава се однесува различно кога станува збор за работењето на градинките, училиштата и на факултетите во услови на пандемија. Иако во ефикасноста на онлајн-наставата немаа доверба ни еминентни професори во светот од развиени земји, сепак во европските држави тој процес е во тек, а учењето на далечина не запре ниту во нашата држава. Во меѓувреме, Европската комисија преку европската информативна мрежа за образовни системи и политики „Евридика“ објави компаративни мапи што прикажуваат како реагираат европските образовни системи на пандемијата на ковид-19. Тие ја опфаќаат состојбата во институциите за предучилишно/рано детско образование и грижа, потоа во основните и средните училишта, како и во институциите за високо образование. „Нова Македонија“ во серија написи ќе ги анализира овие прикази со податоци.
Втор месец едноподруго македонскиот воспитно-образовен систем поминува низ најголемиот предизвик. Како што вели проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на Штипскиот универзитет, ова е период кога најголемиот број држави ги затворија институциите за учење, кога повеќе од 90 отсто од учениците и студентите во светот веројатно до крајот на учебната година нема да одат на настава и кога сите образовни институции, секој родител, наставник, па и министер за образование го поставуваат прашањето како во овие моменти да ги решат предизвиците со учењето, наставата, оценувањето.
Од европските земји, во овој момент се отворени единствено универзитетите во Германија и тие функционираат вообичаено.
– Кога сите трагаат по некое решение и кога единствениот избор пред сите се онлајн-настава, учење на далечина, е-учење, така и ние, и нашиот образовен систем трага по најдоброто решение. И верувам дека сака да го направи најдоброто за сите. Никој сам во овие моменти не може да донесе одлука или да каже како треба. Она што е потребно е итно да се формира стручно координативно тело, кое врз основа на информациите од експертите во здравството и Владата ќе сугерира стручни одлуки за сите нивоа на воспитно-образовниот систем, за усогласеност на одлуките. Тука има два клучни моменти: педагошкиот и административниот дел од обврските – смета Барбареев.
Според професорот, тоа тело ќе треба да создаде услови за реализација и дефинирање процедури за тоа како да се заврши академската година, како ќе се спроведат уписите 2020/2021 година, како да се гарантира безбедноста на личните податоци, какви се реалните услови на секој факултет, универзитет, училиште.
– Тоа тело треба да реши и како ќе се заклучи и оцени практиката. Дали можеби постои потреба од законски измени на задолжителните компоненти на студиската програма (настава, оценување, практика), заради слични ситуации и по септември?
Треба да се има предвид и дека 70-80 отсто од учебната година е помината. Што ќе биде со матурата? Што со студентите во странство или од странство? И уште многу други предизвици што треба да се решат – додава професорот.
Системите на сите европски земји, вклучувајќи ги и оние многу поискусните од нашиот, овој период имаат нешто заедничко, а тоа е исклучителна внимателност за тоа како да се постапи со оценувањето и проверката на знаењето.
– Најголемиот број држави, многу образовни институции, дури и врвните универзитети и центри за вреднување сѐ уште не излегуваат со решението за тоа како ќе се оценува, освен што се споделуваат информации дека се трага по решението и се чека до последниот момент од контекстот на ситуацијата за да се одлучи. Од 84 земји во истражувањето до 9 април, 58 ги одложиле оценувањата, 23 вовеле алтернативни форми, а некои целосно го откажале оценувањето – вели Барбареев.
Во услови кога повеќе од 90 отсто од учениците и студентите во светот веројатно до крајот на учебната година нема да одат на настава, сите образовни институции, секој родител, наставник и министер за образование го поставуваат прашањето како во овие моменти да ги решат предизвиците со учењето, наставата, оценувањето
Според мапата на „Евридика“, европската информативна мрежа за образовни системи и политики, која се однесува за високото образование во Европа, универзитетите во сите бившојугословенски земји се затворени, сѐ додека властите не одлучат да ги отворат. Но исто постапуваат и Шведска, Франција, Шпанија, Португалија и Британија.
Во Европа, освен во Германија, во моментов се затворени универзитетите во сите држави. Не функционираат ниту додипломските ниту постдипломските ниту докторските студии. Институцијата се смета за затворена кога редовните студенти не одат на предавања. Предавањата речиси во сите држави продолжија преку учење на далечина.
Крај