Фото: Игор Бансколиев

Пандемијата ги промени потрошувачките навики на граѓаните, па одредени производи што порано поретко се користеа сега се меѓу најбараните. Но зголемената побарувачка влијаеше и на цените што драстично се зголемија. Какви се состојбите на пазарите низ земјава, што се бара најмногу и по која цена

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА НАЈБАРАНИТЕ ПРОДУКТИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Пандемијата на коронавирусот од корен им го промени начинот на живот на сите. Оваа опасна зараза ги промени и потрошувачките навики на граѓаните, па одредени производи што порано ретко се користеа сега се најбарани. Зголемената побарувачка влијаеше и на цените на продуктите што се зголемија. „Нова Македонија“ направи компаративна анализа за тоа какви се состојбите на пазарите во Скопје и во поголемите градови во земјава. Стравот од ковид-19 ги поттикна граѓаните многу повеќе да обрнуваат внимание на исхраната. Стана важно да се приготвуваат старите лековити рецепти за оброци што изобилуваат со зеленчуци што го чуваат здравјето. Намирниците ценети како народни лекови сега повторно се вратија на трпезите. Дури и оние што никогаш не помислувале на лукот и кромидот во исхраната, сега во време на коронавирусот почнаа да ги користат почесто и помасовно.

На пазарите во Скопје килограм лук се продава по цена од 350 денари. Некои пазарџии, а и во некои маалски продавнички една главица млад лук се продава од 20 денари до 50 денари, колку што чини и китка млад лук со три или четири стракчиња. Продавачите на зелените пазари и во маркетите во главниот град потврдуваат дека е зголемена побарувачката на лук, кромид, брокула, но и на јужното овошје, како киви, лимони, портокали и банани. Одговорни од маркетите велат дека многу повеќе од порано се купуваат лук и ѓумбир во прав, како и други зачини.
На пазарот, пак, во Битола килограм стар лук се нуди по цена од 400 денари, додека младиот е нешто поевтин и може да се купи за 100 денари за килограм.

Деновиве, пак, во Кичево поради пандемијата побарувачката на одредени продукти е исто така драстично зголемена и цените забрзано отидоа нагоре. Така, во саботата цената на килограм млад лук изнесуваше 450 денари или 30 денари главица. Кокарот се продава по цената од 60 до 70 денари. Во Прилеп, пак, килограм кромид се купува по 50 до 60 денари.
Еден од закупците на тезга на Зеленото пазарче во Скопје ни објаснува дека пред неколку дена, на тезгите немало брокула бидејќи била многу скапа и на Кванташкиот пазар. Поради тоа и не ја прекупувале, за да не им калира на тезгите, оти граѓаните не се решаваат да купат толку скапа брокула. Нејзината цена по килограм е 200 денари. Но пазарџиите тврдат дека сега истото тоа се случува со ѓумбирот, кој повеќе може да се најде во маркетите отколку на зелените пазари.

– Ѓумбирот стана прескап за да го купиме ние од Кванташкиот пазар и да им го продаваме на луѓето на пазар. Од 350 денари сега достигна цена од 500 денари за килограм и затоа воопшто и не го набавувам. Лимонот исто така претходно беше доста скап и достигна цена од 250 денари, а сега на пазаров го продаваме од 120 до 150 денари. Портокалите чинат од 50 до 60 денари, колку што се продаваат и бананите – вели продавачка на тезга на зеленото пазарче во Бутел.

И на пазарот во Битола ѓумбирот достигна цена од 500 денари за килограм, бананите чинат 60 денари, а лимонот 130 денари, додека, пак, за килограм киви треба да се платат 90 денари. Во Кичево, пак, лимонот, и тоа со лош квалитет, чини 120 ден до 150 денари за еден килограм. Ѓумбирот речиси го нема, а тоа што сѐ уште е останато се продава по 300 денари за килограм. Килограм портокал се нуди по 50 до 60 денари. Ништо не е поевтин ниту пазарот во Прилеп, но ѓумбирот е секако најбараната намирница и таму и тој бележи скок во цената за речиси 50 отсто и се продава по цена од 350 до 500 денари за килограм. Вчера воопшто го немаше на пазарските тезги, а граѓаните повторно бараа ѓумбир. Во Прилеп за килограм лук е потребно да се издвојат од 280 до 300 денари. Лимонот се продава за 110 денари за килограм, додека киви и портокал се нудат по 80 до 85 денари.

Во Скопје во локални продавници по населбите, кои можеби го набавиле ѓумбирот, многу пред тоа и по пониска цена, сега се продава за 280 денари за килограм. Овој сега многу баран корен што се смета за лековито растение, се користи како додаток во супи, а од него се приготвува и чај, во кој се додаваат лимон и мед. Ѓумбирот се продава и како суров корен и обработен и пакуван во прав во мали количества.
– Луѓето сѐ почесто купуваат ѓумбир, лимони, портокали и банани. Ѓумбирот и лукот никогаш не се трошеле колку што се трошат овој месец. Не можеме да постигнеме со редење, таман сме наредиле лимони, снемало портокали или нешто трето – вели продавачка во еден од поголемите синџири од маркети во Скопје.

Зголемена е и побарувачката за природен мед, кој повеќе се бара и се продава зимно време, а се употребува како превентива против настинки, воспалено грло и грип. Во скопските маркети некристализиран мед во тегла се продава по цена од 220 до 250 денари. Кристализираниот мед на пазарите, но и во специјализираните продавници во зависност од видот и еколошкото подрачје каде што е произведен, односно каде што се наоѓале пчелните семејства и во зависност од тоа дали е ливадски, планински, багремов, достигнува цена од 400 до 600 денари. Во Битола тегла мед се купува по 350 денари, додека, пак, во Прилеп чини 450 денари.
И билните аптеки овие два месеца станаа попосетени места од граѓаните. Освен комбинирани и чаеви од разни тревки што помагаат во одржување на здравјето на човекот, сѐ повеќе се купуваат и чаеви за зајакнување на имунитетот.