Реформи на ОН се неопходни, бидејќи во момент кога се создава нова прераспределба и рамнотежа на силите во светот, отсуството на принципите на меѓународното право и меѓународните институции би значело уште поголема анархија во меѓународните односи. Стана практика големите сили да ги заобиколуваат меѓународното право и институции. Но токму устројството на принципите на меѓународното право и меѓународните институции што треба да важат еднакво за сите се од суштинско значење за помалите држави. Токму во глобалните односи, помалите држави имаат (или барем треба да имаат) еднаков статус и можат да се повикаат на меѓународните правни норми. Ако тие се заобиколуваат или се суспендираат секогаш кога не им се во прилог на големите сили или на државите што се нивни миленичиња, каде и како тогаш можат другите држави да ја бараат својата правда? Република Македонија е жив пример за ова
Организацијата на Обединетите нации (ООН), меѓународното право и заштитата на човековите права претрпеа уште еден тежок удар со одлуката на САД да се повлечат од Советот за човекови права на светската организација. Таков е ставот на повеќето поборници за заштита на човековите права, по контроверзниот потег на администрацијата на Доналд Трамп. Вашингтон, пак, тврди дека се решил на таков чекор зашто телото на ООН било „лицемерно и полно со предрасуди“ и неспособно да се реформира, а истовремено примало земји за кои постоеле докази дека масовно прекршувале права.
Организациите и активистите за заштита на човековите права се согласуваат дека Советот и самата ООН треба да се реформираат за да одговорат на геополитичките предизвици на 21 век и на новата распределба на моќта во светот, но исто така се согласни дека големите сили, кои реално се и мотор на реформите на меѓународните тела, најчесто самите најмногу ги девалвираат, бидејќи се обидуваат да ги заштитат тесните интереси.
Критичарите на Трамп го обвинуваат дека со потегот да ги повлече САД од Советот на ООН за човекови права уште еднаш покажал дека има намера да ги игнорира глобалните институции и меѓународното право, како и дека го урива угледот на САД како главни заштитници на човековите права. Тие посочуваат дека Трамп од почетокот на мандатот објави повлекување од Парискиот климатски договор, ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма, УНЕСКО, а сега и од Советот на ООН за човекови права. Во меѓувреме, Трамп реши да поведе трговска војна со ривалите, но и со сојузниците, воведувајќи им високи царински стапки. Неговата најнова одлука да се повлече од Советот на ООН се критикува како едностран пристап кон мултилатералните предизвици. Во целата ситуација сигурно не помагаат ниту изјавите како таа на советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, кој порача дека на САД не им се потребни ОН или која било друга меѓународна организација да им кажуваат како да управуваат со државата.
Аналитичарите велат Трамп како бизнисмен се води од мотото „Америка на прво место“ и кога станува збор за глобалните институции како ООН. САД најмногу плаќаат за финансирање на ОН, а зградата во Њујорк е седиште на светската организација, па на Американците не им се допаѓа ако некоја меѓународна институција реши да ги критикува. Администрацијата на Трамп и амбасадорката на САД во ООН, Ники Хејли, повеќепати се закануваа дека земјите што не ги поддржуваат САД во светската организација може да ја загубат американската помош. Последната критика дојде само еден ден пред САД да ја објават одлуката за повлекувањето од Советот, кога шефот на ООН за човекови права, Зеид Раад ал Хусеин, ги обвини САД дека нивната имиграциска политика, со која децата се раздвојуваат од родителите-имигранти, всушност претставува „злоупотреба на деца санкциОНирана од државата“ (Трамп под силен јавен притисок ја укина таквата практика, а правната битка се пресели во Конгресот).
Но наспроти сите критики кОН Трамп за неговите ставови кон ООН и кон другите светски организации, сепак може да се каже дека тој е во право кога вели дека нивната улога денес е маргинализирана (проблемот е во тоа што токму најмоќните држави, кои се и постојани членки на Советот за безбедност на ООН, најчесто најмногу ја маргинализираат светската организација). ОН се обвинети дека многупати играат улога на набљудувач на многу глобални настани, како и дека се сведени на дебатен клуб на дипломати, кои земаат огромни плати, а ништо не работат или дискутираат само за општи работи. Се посочува и дека тешко може да се најдат одлуки на ООН што придонеле да се спречат судири, а притоа да не се договориле самите актери на терен.
Можеби ОН со право се обвинуваат дека често се само неми набљудувачи на многу кризи, конфликти и хуманитарни катастрофи во светот, но сепак тоа не значи дека треба да се укинат. Напротив, светската организација и нејзините тела треба да се реформираат и за тоа се согласуваат повеќето држави, лидери и аналитичари. На пример, мнозинството надворешнополитички експерти во една анкета на американски „Форин полиси“ нагласуваат дека се неопходни промени во ООН и особено во Советот за безбедност (некои сметаат дека треба да се зголеми бројот на постојани членки со Индија како прва кандидатка, а други сметаат дека треба да се напушти системот на вето и да се замени со мнозинскиот принцип). Какви и да бидат конечните реформи, тие се неопходни бидејќи во момент кога се создава нова прераспределба и рамнотежа на силите во светот, отсуството на меѓународните институции би значело уште поголема анархија во меѓународните односи.
Секој нов поголем конфликт во светот со себе носи нови повици за бајпасирање на меѓународните институции, со што уште повеќе се девалвира нивното значење. Едни тесноградо го користат правото на вето, а други сметаат дека меѓународните тела не можат да им кажуваат како да реагираат на некоја хуманитарна криза и најчесто веднаш се фаќаат за кОНтроверзната операција наречена „хуманитарна интервенција“. За едните тоа е единствениот спас да се спречат уште поголеми крвопролевања, а за другите тоа е само еден еуфемизам за бескрупулозна воена интервенција за заштита и промоција на нациОНалните интереси, зад кои секогаш се крие некаква битка за доминација, поголемо влијание или експлоатација на туѓи ресурси. Конфликтната зона тогаш се сфаќа само како арена за остварување на интересите на големите сили, со што се јакнат шансите за разгорување на конфликтот, наместо да се намалат. Во таква ситуација, интересите на најмоќните имаат примат, а локалното население се сведува само на колатерална штета што треба брзо да се заборави.
Големите сили можеби можат да си дозволат повремено да ги заобиколат меѓународните институции и меѓународното право, но тие се од суштинско значење за помалите држави. Тие токму во глобалните форуми имаат (или барем треба да имаат) еднаков статус и треба да можат во секое време да се повикаат на меѓународно востановените правни норми секогаш кога сметаат дека им се повредени нивните права. Конечно, токму големите сили како најголеми претставници на т.н. меѓународна заедница, и најмногу повикуваат на почитување на меѓународните правни норми и на меѓународните институции. Ако ги заобиколуваат или ги суспендираат секогаш кога не им се совпаѓаат со интересите, како и каде тогаш можат помалите држави да ја бараат својата првда. Пример за тоа е и т.н. договор од Нивици, кој лицемерно упатува на Повелбата на ООН како главна правна рамка, а како крајна инстанца за решавањето на споровите помеѓу Македонија и Грција го посочува Меѓународниот суд на правдата. Но каде беа т.н. меѓународна заедница, ООН и Повелбата на ООН досега, ако се знае дека Грција во изминатите години во наметнатиот спор не ги почитуваше ниту Повелбата на ООН ниту пресудата од Меѓународниот суд во Хаг во полза за Македонија од 2011 година? Како Македонија сега со т.н. договор од Нивици може да се надева на почитување на меѓународното право и на поправичен пристап во меѓународните институции и од меѓународната заедница, кога тоа досега не беше случај? Наместо да се повлекуваат, големите сили треба да ги засукаат ракавите и да ги поведат реформите на глобалните институции, и тоа токму за во иднина да се создаде поправичен систем во кој еднакво ќе се слуша и почитува гласот на сите.