Врвен тим визуелни уметници – вклучувајќи ги Гормли, Пери, Џереми Делер и Гилијан Варинг – лансираат „пакет активности“ полни со креативни идеи за периодот поминат во самоизолација. Марк Волингер се надева дека луѓето на кои им е здодевно, без разлика каде се наоѓаат во светот, ќе се вклучат во овој национален бран, а Џереми Делер предлага да напишеме песни за тоалетна хартија.
Мајкл Ланди, уметник најпознат по тоа што си го уништи целиот свој имот, им предложи на децата да најдат нешто во куќата што можат да го расклопат, и да најдат возрасно лице да им помогне да го склопат повторно.
– Тоа може да биде фантастично. Или, да, може да биде вистинско мачење. Можам да помислам на сѐ што не би сакала да биде расклопено во мојата куќа – вели Сали Шо, директорка на галеријата, која бара од визуелните уметници да смислат креативни активности за луѓето во самоизолација.
Шо е директорка на галеријата „Фрстсајт“ во Колчестер, која периодов лансира „уметнички пакет со активности“, кој може да се симне од интернет, за да ги забавува и ангажира децата и младите во време на самоизолација. Идејата на Шо потекнува од нејзините лични спомени од детските денови.
– Кога бев дете, мајка ми ми подари масивна книга наречена „Големата книга на нештата што треба да направам“. Таа ќе ми ја дадеше книгата на првиот ден од летниот училиштен одмор и ќе ми речеше: „Се гледаме подоцна!“.
Ми се допаѓаше тоа, бидејќи на секоја страница имаше идеја да се направи нешто со работи што ги имате во домот. Се потсетив на тоа кога започна целава ситуација со коронавирусот, па затоа помислив дека би требало да го направиме ова. Знаеме многу уметници, ајде да го направиме „ултимативниот пакет активности за уметници“ со сите најдобри луѓе на кои би можеле да помислиме – додава таа.
Навидум едноставно, оваа задача е вистински предизвик за уметниците: активноста што ќе ја предложат мора да биде забавна; да може да се објасни или направи на лист хартија во А4-формат; да ја изведат дете или возрасен или, пак, заедно; и идеално, тоа би било нешто што може да се сподели.
Волингер бара од луѓето тие да ја следат својата дланка со молив/пенкало, а потоа да ги нацртаат сите детали. Тој откри дека инспирација за оваа идеја биле праисториските пештерски сликари, кои ги користеле своите раце како матрици. Тој потоа бара учесниците да го закачат цртежот на прозорец и да го објават тоа на интернет.
Околу 10 уметници, меѓу кои и Гилијан Варинг и Идрис Кан, придонесуваат за првиот сет активности, а Шо се надева дека ќе добива нови идеи и од други уметници на неделна основа. Меѓу другите уметници е и Антони Гормли, авторот на идејата за „хартиен синџир од луѓе“. На парче хартија ќе има цртеж на човек, кој потоа ќе може да се исече во саканата форма и да се закачи на хартиен синџир.
Делер состави список на 10 работи што „може да бидат уметност“, од кои некои досега ги има самиот направено – како на пример изложба во спалната соба.
Учествува и Ени Морис, која во наредните недели ќе придонесе линиски цртежи што можат да претставуваат боенка. Рајан Гандер направи сет етикети што можете да ги закачувате на разни места и предмети низ вашата куќа, како на пример: „пронајдете нешто што е метално“ или „пронајдете нешто што може да се движи“. Повеќе уметници, вклучувајќи го и Грејсон Пери, се вклучуваат во проектот. Идејата е пакетот насловен „Уметноста е каде што е домот“ да расте од недела на недела.
– Проектот е насочен кон децата и младите, но возрасните во никој случај не се исклучени. Од она што го имаме досега, гледаме дека станува збор за активности што би можел да ги изведува секој и би било убаво ако различни типови луѓе посакаат да се вклучат. Станува збор за креативност и за користење на вашата фантазија – и сите можеме да го сториме тоа – посочува Шо.