Љубљана – Словенија од вчера почна постепено да ги укинува ограничувањата поради епидемијата на коронавирусот. Здравствените установи ќе почнат да извршуваат специјалистички и амбулантски прегледи што беа запрени, а повторно ќе бидат отворени и центрите за рехабилитација. Почнуваат со работа и големите производствени капацитети. (МИА)

Атина – Од островите Лезбос, Самос и Иос дванаесет деца бегалци без придружба заминуваат за Луксембург, со што и официјално започнува реализацијата на европскиот план за релокација на 1.600 деца од Грција во членки на ЕУ. За сабота е планирано 50 деца без придружба од Грција да заминат за Германија. („Локално“)

Белград – Државниот секрета во Министерството за правда на Србија, Радомир Илиќ, по завршувањето на вонредната состојба најави донесување закон за амнестија, а во него ќе се знае кои затвореници ќе бидат ослободени од натамошно издржување на затворската казна.
– Затворениците покажаа висок степен на одговорност во вонредната состојба, а некои беа ангажирани за шиење заштитни маски – изјави Илиќ. (РТС)


Бисер балкански

Во војна со вирусот

– Колку што гледам на Фејсбук, главниот „виновник“ за пробивањето на вирусот во Геронтолошкиот центар во Ниш сме јас и стручниот тим. Време е поради тоа да се повлечам и да им препуштам на другите да ја водат пандемијата. Подобро не знам и не умеам. Нема да водам „војни“ против никого, освен против вирусот. Непрекинато ги следам сите мислечки луѓе и целиот гнев, наместо кон состојбата и самиот вирус, се насочи кон мене и стручниот тим, па време е да заминам. Привремено исклучување… Сѐ најдобро – изјави епидемиологот Предраг Кон. Тој најави дека ќе се повлече од раководењето на епидемиолошкиот тим во Кризниот штаб на Србија, кој е формиран за справување со епидемијата, по критиките на социјалните мрежи откако вирусот зарази 140 лица во старски дом во Ниш.