Циклусот за Црното Сонце, со кој се заклучува стихозбирката „Гледач во пепелта“, би можел да се согледа како уште една значајна етапа во возвишената геопоетичка авантура на Ацо Шопов. Подземниот оган сега се пресликува на некое уште подалечно, потаинствено небо.
Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад.
На својот ноќен пат Сонцето е невидливо, исчезнува пред нашиот поглед. Станува Црно Сонце, кое ацтечкиот бог го носи на грбот, а Маите го замислуваат преобразено во црн јагуар. За алхемичарите тоа е првичната материја, сѐ уште нееволуирана, за аналитичарите – потсвеста во својата најелементарна состојба. Астролошки, пак, поаѓајќи од претпоставката нагласена уште во халдејската невидлива црна Месечина, што многу подоцна ќе ја добие астролошката поткрепа во Лилит како темна месечева сила, како и од тврдењето на питагореецот Филолај од Тарент (од кого потекнува идејата за антителото) дека Сонцето е рефлекс на некој средиштен оган зад Земјата што не може да се види – може да се прифати, макар симболично, постоењето на Црното Сонце. Но астролошките особини и консеквенции го приближуваат Црното Сонце кон Сатурн, чија опозиција со „светлото“ сонце е лесно забележлива.
Наспроти брзото, експлозивно и топло дејствување на Сонцето, Сатурновото е бавно, долготрајно и студено.
Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.
Тајниот невидлив Оган во поезијата на Шопов, и надвор од астролошките импликации што сами по себе се наметнуваат, е ограден, заштитен во темнините на почвата или на вселената (сатурновската врзаност за митовите, предците, старците).
Тука сѐ на тебе смртоносно личи.
И овој катран расфрлан врз ридјето.
И оваа смола
што се цеди низ грлото на три суви дола.
И тагата на песот
низ приградските населби што квичи
и таа на тебе личи.
Веќе наведуваната сродност на Црното Сонце на Шопов со Црното Сонце на Виктор Иго, што во поезијата на големиот француски романтичар се среќава на повеќе места во периодот на неговата зрела митотворечка или космичка фаза, ја поврзува опседнатоста од темните-црни води, сонца со митското доживување на сопствената внатрешна реалност. „Небиднината“ силно асоцира на „Црното јадро на светот“ од воведната песна на Игоовата „Легенда на вековите“ со превласта на темното, во огромниот космички бедем од згуснати количества мрак. Страшното црно сонце од кое ноќта зрачи во Игоовите „Les contemplations“, господари и низ стиховите на Шопов („како оган на есента доцна, како светлина што капе врз нас со ѕвездата што одамна згасна“).
Накратко речено, соларните атрибути може да бидат амбивалентни, компатибилни на категоријата промени. Тогаш тие стануваат тероморфни, застрашувачки, извори на опасност и тегобност. Атрибутот „црно“ не само што ги превртува основните појавни карактеристики на Сонцето (место истакнато-невидливо, место светло-темно, место дневно-ноќно, место јасно-недефинирано), туку тоа сугерира непрекинато менување на сфери и светови (со користење низа аналогии, чести во поетската постапка на Шопов). Црното Сонце, наспроти овде и сега на машкото свело Сонце, е секаде и никаде, наближувајќи се до двосмисленото (меѓу свирепоста и благоста), непредвидливо дејствување на анимата.
Интересно е дека кај некои номадски народи од Централна Африка, сонцето е токму од женски пол. Во огледот „Црното сонце кај Шопов“, Атанас Вангелов се повикува на етимолошкото толкување, според кое „… старогерманската верзија на соларната хиоиморгија е malrt, не само по звучење туку и по значење, тој збор е близок до старословенската мора, вештерка, самовила, односно до староруското мора – виножито; полската и чешката вредност на мора е кошмар, а пак за тој збор психоаналитичарот Карл Густав Јунг наоѓа дека е близок со францускиот mere, кој има исто толку позитивна колку и негативна симболна валоризација од перспектива на психоанализата“. Мората, вештерката, самовилата, мајката, се можни облици на црната анима-верзија на Сонцето.
О песно, земјо, жено, одѕивот и смрт ведно,
сѐ што ми носиш денес сам ќе го испијам жедно.
Црната жена е веќе интуитивно насетена, нејзиниот ноќен танц, како најдлабок звук, како Луно, црна буно.
(продолжува)