Ако постои начин да се спречи ковид-19, тоа ќе значи да се спречи репликација на вирусните протеини, но и потиснување и заобиколување на човечкиот имунолошки систем
Авторка: Сара Џанг
Атлантик
Новиот коронавирус има вкупно 29 протеини со кои ги напаѓа човечките клетки кои изобилуваат со десетици илјадници протеини што се дел од одбраната на сложениот и софистициран човечки организам. Токму 29 протеини освоија доволен број на клетки во доволен број на тела за да убијат над 80.000 лица и да го парализираат светот.
Ако постои начин, вакцина, терапија или лек да го спречи коронавирусот, нивната цел ќе биде да ги блокираат овие протеини за да не го напаѓаат, потиснуваат или заобиколуваат човечкиот клеточен систем. Коронавирусот можеби изгледа ситен и незначаен само со 29 протеини, но токму тоа му дава голема отпорност во борбата против него.
Научниците напорно работат за да најдат слабост на коронавирусот уште откако се појави во Вухан, Кина во јануари. За само три месеци, лабораториите ширум светот непрестајно испитуваат поединечни протеини и мапираат дел од нивните структури атом по атом. Други истражувачи се фокусираа токму на овие 29 протеини и како тие реагираат со делови од човечката клетка со цел да најдат лек кој ќе цели на домаќинот наместо на вирусот. Ова е поврзано со циклусот на репликација на вирусот.
– Вирусите го користат системот на домаќинот за да се реплицираат со тоа што ги мамат човечките клетки да ги копираат нивните вирусни геноми и да создаваат вирусни протеини – вели Адолфо Гарсија-Састре, микробиолог од медицинската школа „Икан“ при болницата „Маунт синај“ во Њујорк.
Една идеја е да се спречат овие нарачани вирусни функции без да се наруши нормалната работа на клетката.
– Сметам дека терапијата за вирусот треба да наликува на онаа против рак – вели Кеван Шокат, фармаколог од универзитетската болница во Сан Франциско.
Поинаку кажано, терапијата треба селективно да ги уништува човечките клетки кои имаат нарушена функција. Многу е полесно за еден лек да прави разлика меѓу човечка клетка и бактерија отколку нормална и клетка нападната од вирус. Противирусните лекови ретко се сметаат за „чудотворни лекови“ како антибиотиците против бактериите. На пример „Тамифлу“ го скрати времетраењето на грипот за ден или два, но не го лекува во целост. Добрата вест за коронавирусот е што не мутира брзо како обичниот вирус.
Да се спречи вирусот да навлезе во клетката
Вирусот се шири со тоа што го намамува домаќинот за да влезе во неговите клетки. Надворешната обвивка на новиот коронавирус изобилува со клинести протеини кои се врзуваат со рецепторот што е присутен кај некои човечки клетки што се нарекуваат АЦЕ2. Сите три коронавируси (САРС, МЕРС, САРС-ков-2) имаат слични клинести протеини поради што научниците во новата борба ги користат стратегиите против САРС и МЕРС. Затоа вакцината на „Модерна“ започна толку брзо со клинички тестирања поради претходното искуство со овие вируси.
Клинестиот протеин исто така е во средиштето на терапијата со антитела, која изгледа дека побрзо ќе се воведе отколку самиот лек, поради тоа што ја користи моќта на имунолошкиот систем. Повеќе болници веќе почнаа да лечат пациенти со крвна плазма од претходни пациенти со ковид-19. Во моментов, истражувачки групи како и биотехнолошки компании ја истражуваат крвната плазма од претходни пациенти за да можат да започнат со масовно производство.
Клинестите протеини се лесна цел на антителата затоа што се наоѓаат на површината на вирусот. Но коронавирусот не може да навлезе во човечката клетка само ако клинестиот протеин се прикачи за рецепторот. Тој станува активен само кога ќе се подели на два дела. Потоа вирусот корист друг човечки ензим како фуринот (ТМПРСС2) кој случајно се врзува и го активира клинестиот протеин. Неколку предлози за лекови имаат цел да ги спречат овие ензими несвесно да ја вршат работата на вирусот. Еден механизам е хидроксихлоркинот кој го намалува процесот на активација на клинестиот протеин. Ако клинестиот протеин се активира, тогаш новиот коронавирус се врзува со мембраната на клетката на домаќинот и го активира својот геном.
Да се спречи реплицирањето на вирусот
За човечката клетка, геномот на новиот коронавирус личи на посебен тип на РНК, молекулата која нормално дава инструкции за создавање на нови протеини. Како војник кој добил нови наредби, човечката клетка послушно почнува да создава вирусни протеини со кои се размножуваат вирусите. Еден експериментален антивирусен лек наречен „ремдесивир“, кој веќе е дел од клиничките испитувања, цели врз вирусниот протеин која ја копира РНК, по што го уништува процесот на репликација на геномот.
Сепак постојат други протеини кои можат да навлезат низ внатрешните мембрани на човечката клетка, да создадат меуреста мембрана која станува мала фабрика на вируси. Новиот коронавирус има релативно мистериозни „дополнителни протеини“ кои се посебни за него. Според вирологот Метју Фриман од медицинскиот факултет при универзитетот во Мериленд, откако ќе се открие која е функцијата на овие дополнителни протеини, научните ќе знаат подобро како новиот коронавирус реагира со човечката клетка. Токму овие протеини можеби му овозможуваат на вирусот да ја избегне природната антивирусна одбрана на човечката клетка што може да стане нова цел на лекот.
Да се спречи нарушената функција на имунолошкиот систем
Антивирусните лекови даваат најдобри резултати на почетокот од заразата, кога вирусот нема инфицирано многу клетки или нема многу негови реплицирања.
– Кога предоцна давате антивирусни лекови, ризикот е дека имунолошкиот систем веќе е совладан – вели вирологот Мелани От од институтот „Гледстоун“ од универзитетската клиника во Сан Франциско.
Во случајот со ковид-19, пациентите кои се со потешка или фатална клиничка слика се соочуваат со таканаречена цитокинска бура во која болеста предизвикува неселективен и брз имунолошки одговор. Спротивно на очекуваното, цитокинската бура нанесува понатамошна штета на белите дробови, понекогаш и трајна, поради тоа што се собира течност во ткивото, како што вели имунологот Стивен Гочалк од истражувачката детска болница „Сент Џад“. Друг начин за третирање на ковид-19 е терапија за имунолошки систем наместо за вирусот.
Цитокинските бури се јавуваат кај пациенти со генетско нарушување, автоимуни болести или кај оние со пресадување на коскена срж. Лековите за потиснување на имунолошкиот систем сега се пренаменети во клиничките тестирања за ковид-19. Ренди Крон, ревматолог од универзитетот во Алабама, планира да го тестира лекот „анакинра“ кој се дава за ревматски артритис. Други лекови како тоцилизумаб и руксолитиниб исто така веќе почнаа да се тестираат. Третирањето на вирусната инфекција со потиснување на имунолошкиот систем е тешко затоа што пациентот сепак треба да се избори со вирусот.
Крон вели дека кај пациентите заболени од ковид-19, цитокинската бура била специфична дури споредено со други респираторни болести како грипот и додава дека „болеста брзо ги напаѓа белите дробови, но не и другите органи“.
Повеќето од првичните истражувања на лекови за борба против ковид-19 беа фокусирани на пренасочување на актуелните, затоа што тоа е најбрз начин за да се даде на хоспитализираните пациенти. Докторите ги знаат нивните несакани ефекти, а компаниите знаат како да ги произведат. Освен ако на истражувачите не им се насмевне среќата наскоро, мали се шансите дека постоечките лекови ќе бидат терапија за ковид-19.
Превод: Билјана Здравковска