Иако сме на патот кон Брисел (ЕУ), ние мораме да имаме сопствени политики, кои ќе бидат во одбрана на нашите интереси, а не да изигруваме протекторат, како што срамно сме се однесувале многупати во минатото, велат дипломатите
Во време кога најголем светски предизвик е справувањето со реалната и секојдневна закана од коронавирусот, изненадувачки ефект имаше соопштението од шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел, дека ЕУ се одлучила за санкции против Турција, за нејзините сондажни операции во потрагата по природен гас во слободната економска зона (ЕЕЗ) на Република Кипар. А уште поизненадувачки за македонските политички состојби е дополнението во соопштението на Борел.
– Земјите-кандидатки (за пристапување во ЕУ): Македонија, Црна Гора и Албанија, Исланд, како и Ерменија ќе се приклучат на оваа одлука на Советот. Тие ќе обезбедат нивните национални политики да бидат во согласност со одлуката на Советот. Ја поздравуваме оваа заложба – се вели во соопштението на комесарот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Покрај одлуката за преземање санкции од страна на ЕУ, во време кога генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш апелира да се запрат и веќе активните економски санкции против одредени земји во светот, чувствителен елемент во ова соопштение на високиот претставник во ЕУ за надворешната политика на Македонија претставуваат и долгогодишните исклучително пријателски односи со Турција.
Во тој контекст, „Нова Македонија“ упати прашање до македонското министерство за надворешни работи, колку е продуктивна поддршката на политиката на санкции од ЕУ особено во време на поголеми здравствени, политичко-економски и општествени приоритети. Упативме прашање и до Делегацијата на ЕУ во Македонија, дали поддршката од страна на Македонија на сите мерки на ЕУ, претставува своевиден услов во процесот на преговарање, но до затворањето на денешното издание на весникот не стигна одговор.
Од друга страна, Движењето за национално единство на Турците во Македонија реагираше на најавата од ЕУ за македонска поддршка на санкциите против Турција.
– Како критична маса и совест на Турците на Македонија изразуваме огромно незадоволство и најенергичен протест против оваа одлука на Владата – се вели во реакцијата на Движењето за национално единство на Турците. Тие бараат Владата да се огради од најавените санкции бидејќи тоа претставува мешање во внатрешните работи на други земји.
Инаку, Турција е меѓу земјите што се најголеми поддржувачи на Македонија во тридецениската независност.
– Ќе биде голема грешка ако Македонија се приклучи во какви било санкции против Турција. Факт е дека досега, во сите овие 30 години на македонски голготи, предизвикани од погрешните и нелегални политики на Вашингтон и на Брисел, речиси единствен пријател ни беше Анкара. Тоа не смее да се заборави, бидејќи народот убаво рекол дека не смее да се плука во бунарот од кој се пиело вода. Иако сме на патот кон Брисел (ЕУ), ние мораме да имаме сопствени политики, кои ќе бидат во одбрана на нашите интереси, а не да изигруваме протекторат, како што срамно сме се однесувале многупати во минатото – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Од друга страна, неодамна првиот руски воен транспортен авион со заштитни маски и медицинска опрема слета на аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк (САД) во екот на епидемијата на коронавирусот. Американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да го ублажи недостигот од респиратори и опрема за лична заштита, ја прифати понудата за помош од рускиот претседател Владимир Путин. Тоа само покажува дека во услови на криза солидарноста треба да биде на прво место наместо политиката на санкции.
Инаку, САД имаат воведено економски санкции за Русија, по анексијата на Крим во 2014 година, кои потоа се продолжувани по различни поводи.