Ширум Европа, монарсите сакаат да му дадат поддршка на загрижениот народ
Автор: Чарли Даксбери
Политико
За кралевите и кралиците во Европа, пандемијата од коронавирусот почнува да наликува на воена состојба. Привременото укинување на рутинските церемонии кои се дел од нивното секојдневие ги натера монарсите на континентот во изминативе неколку да се свртат кон телевизиски емитувања, за да повикаат на смиреност и да упатат препораки на начин последен пат виден за време на Втората светска војна.
– Многумина се загрижени за здравјето, за роднините, за животот. Сега сме во состојба во која сите треба да понесат одговорност – порача шведскиот крал Карл Густав Шеснаесетти во своето обраќање, покрај солидарноста и апелот за социјално дистанцирање.
Ако правилно се постапи, кризата може да биде одлучувачки момент, но и можност една застарена и често критикувана институција да стане извор на национална сила. Ако погрешно се постапи, штетата може да биде закана за самото постоење на монархот: зошто да постои кралската династија ако не знае да му помогне на народот во најтешкиот период?
Кралска поддршка
Покрај шведското кралско семејство, во средината на март кралевите на Норвешка, Белгија и Холандија исто така се обратија пред својот народ, како и данската кралица. Во Лондон, кралицата Елизабета Втора издаде писмено соопштение.
– Пораката со поддршка го олеснува чувството на опасност. Сè уште не се работи за национална катастрофа, но многумина се вознемирени и загрижени за состојбата во Шведска – вели Кристина Вајдстед, истражувач на универзитетот во Стокхолм, која воедно ја проучувала улогата на кралските семејства во општеството.
Кралското појавување нема цел само да ги олесни стравовите на луѓето и да даде поддршка, како што сметаат експертите. Туку, тие ја нагласуваат идејата дека кризата наложува користење на ресурси и колективна жртва како во време на војна. Во Шведска, кралот Карл Густав (73) испрати апел до лицата на негова возраст кои се под најголем ризик да заболат, но воедно се лутеа на новите ограничувања на нивното движење. Шведскиот пристап е целосно поинаков од останатите што се презедоа во Европа. Некои академици предупредија дека владината стратегија е „руски рулет“ и може милиони да загрози.
– Треба да ги слушаме препораките на специјалистите и властите. Заедно со кралицата и нашето семејство се трудиме да ги почитуваме – порача кралот чие обраќање наиде на позитивен прием кај народот.
– Кралот знае како треба и успеа во тоа. Не беше сосема совршено, но доволно за народот – напиша колумнистката Лена Мелин за шведскиот дневен весник „Афтонбладет“.
Меѓутоа локалните жители на Стокхолм не беа толку воодушевени. Во анкетите шведското кралско семејство има околу 50 отсто поддршка.
– Искрено за мене и мојата генерација, кралот не е важен. За многумина е само лик од стриповите кому му се смееме кога ќе погреши – вели Даниел Линдел (33), уметнички директор кој го шеташе своето куче во близина на кралската палата.
„Претстојат тешки денови“
Во Шпанија, каде што кралското семејство неодамна се најде во корупциски скандал, говорот на кралот Фелипе Шести наиде на лош прием со тоа што многумина излегоа на терасите и го изразија своето незадоволство со удирање по тавчиња и свирежи. Незадоволството се должеше на тоа што кралот бавно реагирал на пандемијата и се обратил пред нацијата откако тоа го направиле другите кралски семејства во помалку загрозените европски држави.
Сепак, поновата историја покажува дека кралските говори во воена или вонредна состојба или криза го подобруваат угледот на кралското семејство и го зголемуваат моралот во државата. Пред почетокот на Втората светска војна, британскиот крал Џорџ Шести во своето обраќање пред нацијата предупреди за „тешки денови“ и дека „војната ќе се пренесе и надвор од бојното поле“ што беше силен стимул за народот. Кога шпанскиот крал Хуан Карлос се обрати на телевизија за да го отфрли државниот удар во 1981 година, настанот подоцна се сметаше за клучен потег во задушувањето на бунтот. Во 2004 година, кралот Карл Густав изненадувачки ја презеде улогата на „татко на нацијата“ кога неговата држава беше во жалост за 543 загинати Швеѓани во азиското цунами.
Доколку се влоши кризата со коронавирусот и расте бројот на смртни случаи, европските монарси повторно ќе се најдат во слична улога. За некои, кризата ќе биде можност повторно да ја покажат нивната важност со тоа што ќе ѝ помогнат на Европа во тешки времиња. За другите можеби веќе е доцна за да ја спасат неважната институција. Националната катастрофа само ќе ја разоткрие нивната ослабена моќ и оддалеченоста од народот.
– Кралот нема што многу да каже за кризата за јас да го слушам. Но ако ја отвори палатата и постави болнички кревети, тогаш навистина ќе се покаже – вели Линдел.
Превод: Билјана Здравковска