Основниот кривичен суд Скопје, објави листа на итни и неодложни судења кои ќе се одржат во наредниот период.
Станува збор за предмети во кои еден или повеќе обвинети се во притвор или куќен притвор, предмети во завршна фаза, како и предмети од јавен интерес и предмети за сериозни кривични дела поврзани со убиство, семејно насилство, силување на немоќни или малолетни лица.
Како што информираат од судот, издвоени се околу 300 итни и неодложни предмети, во сите оддели, а ќе се постапува и по сите обвиненија поврзани со здравјето на граѓаните како и непочитување на полицискиот час и другите мерки.
Од судот истакнуваат дека дел од странките во постапките, и покрај сите укажувања на судот и Министерството за правда, прават напори да ги одложат и одолговлечат овие расправи со што единствено им наштетуваат на останатите обвинети кои се во притвор и оштетените кои се во ичекување на исходот од судењата.
– Во интерес на ажурно постапување на правосудниот систем очекуваме надлежните институции, со посебна уредба да ги запрат сите рокови за застарување како и процесните рокови за време на вонредната состојба, со што сегашното „мирување“ на судските процеси нема да ги застари предметите и ќе продолжат онаму каде што застанале. Заради сето тоа, уште еднаш апелираме, дека до евентуални нови напатствија на Судскиот совет и Министерството за правда, судот доследно ќе ги почитува препораките и ќе продолжи да постапува и истото го бара и од странките во постпаката. Мерките на Владата на РСМ се јасни и недвосмислени и за секоја злоупотреба од било која странка – Законските одредби даваат можност за санкција, построги мерки за обезбедување присуство и назначување бранител по службена должност се со цел заштита на правата на другите странки и оштетените во постапката како и целокупната јавност – додаваат од судот.