Успехот го нагласува значењето на тестирањето и на изолирањето на „здравите“ ширители на заразата, односно оние што немаат видливи симптоми. Ваквиот пристап беше поддржан и од страна на СЗО, која ги повика сите земји да пристапат кон агресивно тестирање

УСПЕШЕН ЕКСПЕРИМЕНТ

Експериментот за сузбивање на ширењето на коронавирусот, кој беше спроведен во малото италијанско гратче Во (регион Венето), на самиот почеток на кризата, резултира со целосна елиминација на нови случаи, пишува „Фајненшл тајмс“.
Здравствените работници го постигнаа овој успех со постојано тестирање на сите 3.300 жители, независно од тоа дали покажувале симптоми на болеста. Штом ќе утврдеа дека некој е позитивен на коронавирусот, веднаш го ставаа болниот во строг карантин, заедно со сите лица со кои бил во контакт. Благодарејќи на ваквиот режим, тие успеаја да го запрат ширењето на заразата.

Андреа Крисанти, стручњак за заразни болести од Кралскиот колеџ во Лондон и учесник во експериментот, ги повика сите земји, кои го ограничуваат тестирањето (меѓу нив се Велика Британија и САД), да земат пример од италијанското гратче и да започнат со темелно тестирање на поголем број граѓани.
– Во Велика Британија има многу заразени луѓе, кои целосно се игнорираат. Ние овде успеавме да го запреме ширењето на заразата со детектирање на „скриено инфицираните“ и нивна изолација. Тоа беше клучно во процесот – изјави Крисанти.
Нивниот успех го нагласува значењето на тестирањето и на изолирањето на „здравите“ ширители на заразата, односно оние што немаат видливи симптоми. Ваквиот пристап беше поддржан и од страна на СЗО, кој ги повика сите земји да пристапат кон агресивно тестирање, истакнувајќи притоа дека Тајван и Јужна Кореја токму на таков начин успеале да го спречат до одреден степен ширењето на заразата.
– Нашата клучна порака гласи: тестирајте, тестирајте, тестирајте – порача челникот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Крисанти вели дека овој необичен и по многу нешта случаен експеримент им овозможил на научниците да создадат целосна епидемиолошка слика на болеста. Тестирањето во гратчето Во започна откако на 22 февруари се случи првиот смртен случај предизвикан од ковид-19. Сѐ уште е нејасно зошто бројката на заразени драстично скокна токму во северниот дел на Италија, многу пред тоа да се случи во остатокот на Европа. Крисанти и некои негови колеги сметаат дека причината би можела да се крие во блиските економски врски на овој италијански регион со Кина.
Првиот круг на тестирањето, спроведен кон крајот на февруари, покажа дека 3 проценти од населението на Во се заразени со коронавирус, но и дека речиси половина од носителите на заразата не покажуваат никакви симптоми на болеста.

Откако заразените беа изолирани, вториот круг на тестирањето, спроведен десет дена подоцна, покажа дека стапката на новозаразени кај вкупното население изнесува само 0, 3 отсто.
Во текот на вториот круг, идентификувани се шест заразени лица, кои немаа никакви видливи симптоми, но и покрај тоа веднаш беа ставени во карантин.
– Ако не ги препознаевме, заразата ќе продолжеше да се шири – објаснил Крисанти за медиумите.
За разлика од стратегијата на опширно тестирање, која беше применета во гратчето Во и е препорачана од страна на СЗО, држави како Велика Британија и Холандија се определија за стратегијата наречена „имунитет на стадото“, која подразбира слободно ширење на заразата кај популацијата. На ваков начин, според нив, луѓето самостојно би стекнале отпорност кон вирусот и би го зајакнале сопствениот имунитет.
Дорит Ницан, координаторка за итни случаи при европскиот оддел на СЗО, тврди дека стратегијата „имунитет на стадото“ не би требало да се користи во случајот со коронавирусот, бидејќи засега многу малку се знае за самиот вирус и здравствената заедница сѐ уште врши проучувања во врска со неговата појава и особености.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека стратегиите на одредени земји за борба против ковид-19 постојано се менуваат. Минатата недела Велика Британија најави дека ќе го зголеми опсегот на тестирање, за да го намали бројот на нови случаи, кои би можеле да го преоптоварат британскиот здравствен систем.
Властите во италијанскиот регион Венето имаат намера да продолжат со агресивно тестирање на своите жители. Нивна цел е дневно да земаат најмалку по 11.000 бриса.
– Ако некој се јави на нашите специјални телефонски броеви и каже дека е болен, се тестираат сите членови на неговото семејство, сите пријатели и лицата што живеат во близината на заразениот – објасни Крисанти.
Лука Заја, гувернер на регионот Венето и двигател на проектот во малото гратче, ја даде својата целосна поддршка на иницијативата за агресивно тестирање.
– Еден носител на заразата што нема симптоми, може да зарази дури десет нови луѓе. Брисевите ќе спасат многу животи – изјави Заја.