Како подобро да се справат граѓаните со животот во самоизолација и како полесно да се пребродат моменталните состоjби поврзани со ширењето на коронавирусот во земјава и постојаните препораки на властите да се остане дома. За многу категории на граѓани, пензионери, деца, жени и други, постојаното седење дома предизвикува и одредени тешкотии и, несомнено, влијае и на нивното расположение. Како најлесно и најдобро да се пребродат ваквите појави и што препорачуваат психолозите за различните категории граѓани во согласност со нивната возрасна структура.
Од Министерството за здравство информираат дека е обезбедена телефонска психолошка поддршка за оние граѓани и ранливи групи на пациенти на кои ваков вид помош им е потребен, меѓу нив родители на деца на предучилишна и училишна возраст, возрасни лица во самоизолација, граѓани на Дебар и Центар Жупа, како и психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради ковид-19.
Психолозите и социолозите со кои се консултиравме оценуваат дека животот во карантин е поинаков, но доколку добро се испланира, тој може да биде добар, бидејќи самоизолацијата не значи изолација од социјализацијата.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска вели дека состојбите поврзани со справувањето со коронавирусот со сигурност се одразуваат на менталното здравје на луѓето од сите категории, со акцент на ранливите категории на луѓе, тука вбројувајќи ги пензионерите, хронично болните лица, децата и слично.
– Ако карантинот го прифатиме како нешто што во овој момент е важно за да се заштитиме себеси и нашите најблиски, тогаш би можеле да го прифатиме како нешто што не ни е наметнато и принудно од некого, туку како еден заеднички договор дека заеднички ќе направиме сѐ за да се олесни ситуацијата. Ако тоа го прифатиме како одговорни луѓе, тогаш и самата изолација нема да значи дека е принуден чин, кој ни го загорчува животот – вели таа.
Психологот советува дека постои т.н. успешна терапија на однесување, која може многу да им помогне и на лицата што во овој период треба да останат во самоизолација, но и на оние што мораат, и покрај случувањата, да продолжат да функционираат на работните места, како медицинарите, војниците, новинарите и полицајците.
Според Стојановска-Јовановска, најдобриот начин да се преброди овој период почнува со добар план на дневните активности што секоја личност може да го состави врз основа на лични потреби и обврски во домот.
– Откога ќе се стокми дневниот план, треба да се знае дека може да се организира и исхраната, која овој период не треба да е обемна и калорична, бидејќи престојуваме во домовите, а со тоа и не трошиме енергија. Натаму, треба да се информираме за случувањата само од кредибилни извори на информации, кои потекнуваат од етаблирани медиуми и од владини институции.
Во овој период, здраво е да се вежба, па качувањето и симнувањето по скалите во зградата или куќата може добро да ни дојде, а треба и да се знае и дека полните шишиња со вода може да бидат и одлични тегови. Дополнително, интернетот е одлична можност преку социјалните мрежи, а и програмите со видеоврски (Скајп и Вибер), да комуницираме и да се дружиме со нашите пријатели и роднини – вели таа.
Социологот Илија Ацевски вели дека луѓето по дефиниција се социјални битија, а самоизолацијата драстично ќе ја смени секојдневната рутина, која, според него, со сигурност ќе ги погоди граѓаните.
– Овие состојби, како и сите други типови елементарни непогоди, го будат најлошото во општеството и ги исфрлаат сите проблеми на површина, но истовремено состојбите се можност нашата држава и народ да излезат победници во случувањата и со поразување на болеста да ги поразиме проблемите, со што истовремено сите ќе станеме поодговорни кон себе, кон блиските, кон животната средина и кон нашето општество и земја – вели Ацевски.
Според Ацевски, мобилизацијата на целосното општество во позитивен правец ни е успешна формула, која треба да ја спроведеме во моментов ако сакаме да имаме стабилна и силна држава.
[email protected]