Охрабрувачки вести од Италија
Шефот на Клиниката за заразни болести на поликлиниката „Сан Мартино“ во Џенова, Матео Басети, за јавноста соопшти една многу охрабрувачка вест, а тоа е дека на клиниката има прв случај на излекување заболен пациент од ковид-19, со експерименталниот лек наречен ремдесивир.
– Станува збор за пациент во 79-та година од животот, чие лекување со ремдесивир почнало на 7 март. Бидејќи има два негативни бриса, наскоро ќе биде отпуштен од болницата и ќе се врати дома во Ломбардија.
Тоа навистина нѐ воодушеви – се чини дека лекот ефикасно дејствува. Имаме и други пациенти на лекување – изјави Басети за италијанската агенција АНСА. Експерименталниот лек ремдесивир во рамките на клинички опит пред една недела почнаа да го користат уште некои болници, вклучувајќи ја и онаа во Падова.
Антивирусниот лек ремдесивир го разви американската биотехнолошка компанија „Џилед сајенсис“ за лекување смртоносни заразни тропски болести предизвикани од вирусите на ебола и марбург. Но за време на минатогодишната епидемија на еболата во ДР Конго ремдесивир не се покажа успешен.
Клиничките студии со лекот ремдесивир се спроведуваат во неколку центри во САД, а овие денови почнуваат и во Германија и во Хрватска. За ремдесивирот позитивно се изрази и Светската здравствена организација.
– Моментално постои само еден лек за кој сметаме дека има вистински ефект, а тоа е ремдесивир – изјави кон крајот на февруари на конференција за новинарите во Пекинг Брус Ајлвард, помошник на генералниот директор на СЗО.
Иако ремдесивир моментално е најголема надеж во лекувањето на ковид-19, тој не е единствена терапија што се користи во овој период. Лекарите ги користат и добропознатите антивирусни лекови против ХИВ, како и лекови што се користат за лекување маларија. Бидејќи „на сите им се брза“, научниците се свртеа кон лековите што веќе постојат но не се покажаа како многу ефикасни во лекувањето некои други вирусни болести.
Сметаат дека така штедат време, го намалуваат трошокот и ги зголемуваат шансите за брзи клинички испитувања. За да им помогне во давањето одредена структура во потрагата по ефикасен лек, во февруари СЗО почна да ги проценува оние што ги сметаат за најперспективни. Досега утврдените сознанија ги ставија на листа од 120 лекови безбедни за луѓето. Се покажа дека постојат 31 кандидат за профилакса и лекување ковид-19.
Деновиве британскиот Велкам траст, Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, како и фондот Мастеркард импакт, почнаа акцелератор за развој на терапијата против ковид-19 со почетно финансирање од 125 милиони долари. Целта е да се поддржи и да се координира истражувањето на лекови што ветуваат, како и новите лекови да ги направи достапни за сиромашните земји. Сето ова се работи во соработка со СЗО.
– Науката се движи со феноменално темпо против ковид-19. Но ова е исклучително предизвикувачки вирус.
Затоа ќе треба да се вложат многу пари за да се стави пандемијата под контрола – вели Џереми Фарар, директор на Велкам траст..
Освен по ефикасен лек, научниците трагаат и по ефикасна вакцина. Моментално во светот се во подготовка неколку десетици разни вакцини за кои согласност даде СЗО. Така, пред два дена во Сиетл почна првиот клинички опит со вакцина што ја разви американската биотехнолошка компанија „Модерна“. Во клиничкиот опит се вклучени 45 здрави и релативно млади доброволци. Ако се покаже вакцината сигурна и ефикасна, би можела да се појави на пазарот за 12-18 месеци.
Од нашиот соработник од Хрватска Ангел Митревски