Автор: Џек Јуинг
Њујорк тајмс
Економиите кои зависат од туризмот, малите бизниси и синџирите на испорака ќе претрпат најголем удар. Од друга страна ја имаме Естонија
Ниедна европска држава нема да ги избегне економските последици од коронавирусот, но ударот нема да биде ист за сите. Јужна Европа, која беше најмногу погодена од последната голема економска криза, ќе се соочи со најголеми последици. Државите како Грција и Италија многу зависат од туризмот и сè уште ги чувствуваат последиците од должничката криза во еврозоната од минатата деценија, кои вклучуваа програми за строги мерки на штедење кои ги оставија нивните здравствени системи неподготвени за пандемија.
Но дури и државите кои се сметаат за вистински примери на конкурентноста, како Германија и Холандија, можеби ќе си ги покажат слабостите, иако до пред неколку недели важеа за силни. Германските автомобилски производители доминираат на пазарот за луксузни автомобили. Но, вирусот ја изложи нивната зависност од продажбата во Кина, со тоа што мораа да ги затворат нивните фабрики во тој регион. Секоја држава што изобилува со мали фирми и самовработени исто така ќе претрпи штети, затоа што овие бизниси обично немаат длабоки финансиски резерви за да се справат со ненадеен пад во заработката. Грција и Италија се такви примери, но тука не заостанува ни Холандија.
Други држави поседуваат други скриени капацитети. Економија со мноштво компании кои нудат дигитални услуги и каде што вработените можат да работат од дома, ќе успее да се справи со кризата. Таков пример во моментот е Естонија чиј главен град Талин располага со голема заедница на дигитални стартапи. Малата балтичка нација со население од 1,3 милиони жители има една од најдинамичните економии во еврозоната. Лани растот беше над четири отсто, а стапката на невработеност изнесуваше помалку од пет отсто. Јавниот долг е минимален што овозможува голем простор за фискален стимул. Естонија е позната по тоа што е една од технолошки најнапредните држави во светот и има голема предност поради тоа што сега се стимулира електронска економска активност. Во Талин се креираше софтвер за Скајп. Таму се седиштата на електричниот тротинет и службата за испорака „Болт“ која му е конкуренција на „Убер“. Но како што се шири вирусот, така и Естонија мора да биде подготвена да ги заштити оние што не спаѓаат во економскиот бум, а тоа е над една петтина од населението кое живее во сиромаштија.
Најважната економска политика за секоја држава, како што истакнуваат економистите од „Оксфорд економикс“, е да го стави под контрола ширењето на вирусот. Тоа им дава предност на државите нивните лидерите да бидат ефикасни и да имаат добро подготвени здравствени системи. Државите во Јужна Европа ги скратија трошоците во здравствените системи за време на должничката криза во еврозоната, за да ги исполнат ригорозните буџетски ограничувања што беа услов за добивање финансиска помош. Сега овие држави трагично се најизложени. Вирусот се шири на најнепредвидливи начини и дефинтивно ќе следат непосакувани изненадувања.
– Сè уште е тешко да се каже која држава ќе биде најмногу погодена, а која најлесно ќе се справи. Сè уште сме во екот на пандемијата – вели Карстен Бжески, економист во германската банка ИНГ.
Европската економија според структурата е силно внатрешно поврзана, а дури државите кои навидум изгледаат добро заштитени, нема да можат да се изолираат од страдањето на нивните соседи.
– Иако постојат држави кои се далеку поподготвени од останатите, сепак ниедна држава не е подготвена во целост – вели Рајан Морхард, експерт за светска здравствена безбедност од Светскиот економски форум во Женева.
Тој истакнува дека Сингапур, кој секако не е во Европа, добро се справува со кризата.
Превод: Билјана Здравковска