Според официјалните податоци, само минатата година со меѓуградскиот автобуски превоз биле превезени два милиони патници помалку во споредба со 2018 година. На што се должи ваквиот драстичен пад? Дали причина е сообраќајната несреќа кај Ласкарци, дотраениот возен парк, иселувањето, падот на стандардот или нешто друго
Тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 патници, дотраениот возен парк, дивите таксисти, како и организирањето преку социјалните мрежи за заеднички превоз меѓу градовите придонесоа изминативе години постојано да опаѓа бројот на превезени патници во меѓуградскиот превоз.
Потврда за тоа се податоците на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека меѓуградскиот превоз последниве години изгубил дури 10 милиони патници, а само минатата година биле превезени два милиони патници помалку во споредба со 2018 година.
Пад има и во меѓународниот автобуски превоз, а статистиката покажува дека со автобус во странство лани патувале само 644.000 патници.
– Порано почесто користев автобуски превоз, но последниве години се организирам преку социјалните мрежи и постојано се наоѓа некој што со возило сака да подели трошок. Така патувам со автомобил и парите што ги давам за превоз се помалку отколку кога би купувал автобуски билет. Покрај тоа, автобусите се често дотраени, пренатрупани со патници, така што квалитетот на превозот е никаков, а цената висока – вели Јовче Николов, студент.
Тој додава дека преку социјалните мрежи може да се најде превоз речиси во секое време.
– Има луѓе што патуваат за Битола, за Штип, за Гевгелија… И ним им се исплати да го поделат трошокот за гориво и за патарини, отколку самите да го платат патувањето – појаснува Николов.
Дополнително врз одливот на патници влијаат и дивите таксисти, кои ги превезуваат патниците по идентична цена како и автобуските превозници.
– Постојано апелираме до инспекциските служби да ги санкционираат дивите таксисти, но тие одвреме-навреме ќе направат некоја акција и потоа повторно сè си продолжува по старо. Ние ги плаќаме сите давачки кон државата, но нелојалната конкуренција ни ги одвлекува патниците буквално од пред автобуските станици – се пожали приватен превозник, кој посака да остане анонимен.
Познавачите на состојбите сметаат дека на намалувањето на бројот на патниците од една страна влијае и економската состојба на луѓето, но и несигурноста што се јавува од постојниот возен парк во меѓуградскиот превоз.
– На падот на превезени патници влијае, секако, намалената економска моќ, па луѓето и помалку патуваат. Покрај тоа, се јавува и несигурност од возниот парк со кој располагаат превозниците, особено по несреќата кај Ласкарци, така што луѓето повеќе се одлучуваат да се организираат и да патуваат со сопствен автомобил, отколку со автобус или со некое комбе, во кои ќе се трескаат по целиот пат – смета професорот Борис Мургоски од Факултетот за безбедност.
Според него, превозот со дотраени автобуси и комбиња создава доза несигурност кај луѓето, поради што се одлучуваат да патуваат со свои возила.
– Воопшто не се води сметка за ревитализација на возниот парк кај превозниците. Има некој чуден менталитет кај луѓето постојано да се избегнуваат обврските и прописите на сметка на остварување што поголем профит. Покрај тоа, ништо подобра не е и ситуацијата со инфраструктурата, па затоа разбирливо е што се намалува бројот на патници во меѓуградскиот сообраќај – додава Мургоски.