Перформансот „Во него веруваме“ на авторката Ивана Ивковиќ, изведен во театарот „Битеф“, во недовршената катедрала на Евангелистичката црква во Белград, кога на осветлено градежно скеле седеа, стоеја и лежеа 40 мажи, осум часа на 31 јануари, сѐ уште е во центарот на медиумите. Ова дело претставува изведба на сцена на Страшниот суд.
– На себе имаат само долна облека, a еден е целосно гол. Некои се срамежливи, не гледаат во публиката, додека некои се потпрени на метални прачки и директно гледаат во очите на оние што седат во првиот ред. Во публиката, луѓето гласно разговараат, се смеат, јадат пица. Заедно – тие учествуваат во перформансот на авторката Ивана Ивковиќ, која сакаше да ја оживее сцената на Страшниот суд – извести Би-би-си на српски јазик, каде што Ивковиќ објаснува дека овој перформанс всушност е метафора на верувања, доверба, но и на осуда што се темели на лични несигурности и на стравот пред непознатото.
Таа посочува дека во него се трга од верувањето и довербата, се преиспитува она во што веруваме. Учесниците осум часа беа на сцената, колку што просечно и трае работното време, а Ивковиќ нагласила дека е симболично и траењето, но и бројот на перформерите.
– Осумката е симболичен број, во себе содржи идеја и можност за бесконечно кружење. Долгото траење на перформансот симболично укажува на тежината, на сложеноста и на времето потребно за стекнување доверба, па, така, публиката поминуваше низ тие процеси како и самите перформеpи меѓу себе. Бројот на перформерите е исто така работа на мера, бидејќи таа е еднакво важна, таа го чини делото. Неколку жени ми рекоа дека ја откриле „предаторската страна“, па некои од нив и размениле броеви на телефони со учесниците во перформансот. На некои мажи сцената им дејствуваше како затвор или војска, имаше навистина најразлични реакции – изјавила Ивана Ивковиќ, која за времe на ова нејзино дело била меѓу публиката и перформерите.
Перформерите дошле од најразлични страни, а Ивковиќ истакнала дека таа различност им помогнала да се чувствуваат покомфорно. На скелето стоеле мажи со различни сексуални ориентации, животни искуства, интереси и стилови на живот.
– Клучно беше поголемиот дел од нив да е без претходно искуство на сцена, бидејќи тоа отвора простор за непријатност, поискрено е и удира на болно место. По перформансот ми рекоа дека можеле да почувствуваат реакција од публиката, како и дека имале впечаток дека таа, на моменти, била дури и поизложена од нив иако биле на сцената. Перформансот дејствуваше хипнотички на многумина, поради таа медитативна атмосфера – изјавила Ивана Ивковиќ (1979), која е родена во Белград, каде што и дипломирала сликарство и магистрирала цртеж на Факултетот за ликовни уметности.
Од 2002 година таа самостојно изложува во Србија, Австрија, Германија, Либан, Италија, Шпанија, САД, Турција, Данска, Канада и во Индија. За себе вели дека „номадскиот живот“, кој го води повеќе од една деценија, ѝ влијаел на уметничката работа, но и дека честите промени на средината влијаеле на продукцијата.