Фото: Игор Бансколиев

Долгогодишните европски сојузници на САД остануваат збунети, не знаејќи како да се постават во новиот светски поредок, кој од „прво Америка“ се трансформира во „само Америка“

Одлуката на Трамп да се повлече од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) е уште еден чекор кон демонтирањето на организацијата, формирана по Втората светска војна од страна на САД и Велика Британија. Оваа одлука на Трамп следуваше по повлекувањето од Парискиот договор за климатски промени и Транспацифичкото партнерство. Следствено на ова, Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА) има некакви шанси да преживее, но само во случај на обновени преговори. Наедно, тука се и постојаните жестоки напади кон европските сојузници – по најразлични основи. И конечно, претстојните преговори со Северна Кореја ќе му нанесат штета на американското сојузништво со земјите од Азија, имајќи ја предвид веројатноста Трамп да постигне договор со Северна Кореја со кој ќе ја зголеми безбедноста за својата татковина, игнорирајќи ги притоа интересите на Јужна Кореја, но најмногу на Јапонија.
Што всушност се случува со САД? Имено, многу брзо и на необјасниво несвојствен начин, САД ја губи, или поточно се откажува од улогата на лидер во глобалниот систем на здружување. Нивните долгогодишни сојузници остануваат збунети, не знаејќи како да се постават во новиот светски поредок, кој од „прво Америка“ се трансформира во „само Америка“.

Традиционалните американски сојузници повеќе не се сметаат за неопходни во практикувањето на моќта на САД, а на нивното пријателство веќе не му се придава голема важност. Промената од „прво Америка“ во „само Америка“ сигнализира свртување кон изолационизам (историски многу добро познат како политика на Америка по Првата светска војна), при што меѓународниот ангажман се проценува единствено според критериумот колку корист им носи тоа на самите Соединети Американски Држави. Трамп со право би можел да биде запишан во историјата како првиот во низата американски претседатели, кој ја вратил нацијата назад кон политика на изолација, слична на американското повлекување по Првата светска војна.

Сево ова е најочигледно во последиците од одлуката за повлекување на Америка од JCPOA, кои навестија „експлозивна“ ситуација за Атлантската алијанса. НАТО како организација е создадена во 1949 година во одбрана на западниот општествен систем на вредности, која досега опстануваше поради заеднички споделените интереси, кои се доволно силни да ги надминат и внатре спротивставените економски и трговски интереси на земјите-членки. Колапсот на Советскиот Сојуз и неговата империја ја „отстрани“ причината за постоење на Алијансата, па, така, НАТО почна природно да ослабнува. Следниот лош сигнал дојде во 2003 година, кога две големи европски сојузнички, Франција и Германија, одбија да учествуваат во воената операција предводена од САД против Ирак на Садам Хусеин. Освен во случај одлуката за JCPOA да е само краткотрајна фаза или, пак, да се оди на некои нови преговори – иако тоа личи само на пуста желба – Америка ги соочува своите европски сојузници со многу непријатен избор. Повлекувањето на Америка од JCPOA ги остави европските сојузници на нестабилен терен и му направи штета на трансатлантското единство на патот кон заедничките цели. Сојузниците се во ситуација да останат во JCPOA или да ја следат САД, без да знаат каде ќе ги води тоа. Сите факти укажуваат на тоа дека администрацијата на Трамп повторно ќе воведува бизнис-санкции. Ова значи дека САД ќе „истури“ лавина од економски и од трговски рестрикции врз Европа и врз нејзините компании што соработуваат со Иран. Ако Европа не ги почитува ваквите рестрикции, или не воведе свои кон Иран, Америка ќе гледа на своите европски сојузници како на некој што ја изгубил вредноста или, пак, веќе не е на нејзина страна. Економската цена што ќе ја платат европските бизниси поради американските санкции ќе биде висока, така што утехата дека поради тоа ќе настрадаат и многу ривалски компании во САД (како што е „Боинг“) е многу мала. Политичките последици ќе бидат уште подлабоки. Европејците со право ќе се чувствуваат понижени и згазени. Америка едноставно ги зема здраво за готово, очекувајќи дека нејзините сојузници секогаш ќе го испорачаат она што го бара од нив, без оглед на интересите, ставовите и политиките. Ова не е вид сојуз каков што сакаат Европејците – наместо него, тие очекуваат нормално договарање и уважување на нивните гледишта.

Опасноста е во тоа што како последица на американското повлекување од JCPOA, силната врска на заедничките и на споделените вредности ќе биде раскината. Европејците знаат дека НАТО никогаш не била организација со рамноправни партнери, но порано САД барем се трудеа да изгледа така. Можеби тие денови се веќе минато.
Другата алтернатива е европските држави сепак да решат да ја следат Америка и да воведат и свои санкции кон Иран. Ова ќе предизвика европските компании да не ги испочитуваат договорите со Иран, лишувајќи се на тој начин и од многу тековни и идни можности за инвестирање. Европа би можела да одлучи дека политичката и економската цена на раскинатото партнерство со САД би биле премногу високи и ризични за неа. Ваквиот чекор би ги означил европските држави што даваат премолчена согласност како „приврзок“ на Америка на Доналд Трамп. Ваквата понижувачка улога ќе се толкува како таква прво од самите Европејци, потоа од САД и државите на Блискиот Исток, но и од големите сили како Русија, Кина и Индија.

Дилемата на Европа се зголемува, бидејќи станува збор за баланс во еднаквоста на партнерите. Ако Европа раскрсти со Америка, другите потписници на JCPOA ќе се соочат со тешкотии во одржувањето на економските и на трговските врски со Иран, бидејќи САД и Европа го контролираат глобалниот финансиски систем и се домаќини на повеќето глобални финансиски институции. Економските санкции ќе го притиснат Иран и Америка повторно ќе го истера своето. Ако, пак, од друга страна, Европа остане во JCPOA, комбинираната економска сила на Европа, Кина и Русија може да ги спречи плановите на САД. Во случај да успее ова, првпат од 1945 година наваму, Америка нема да може да ја наметне својата волја врз остатокот од светот. Станува збор за огромен ризик. Прашање е дали се свесни за тоа креаторите на политиката во Вашингтон.

Во глобалната игра на моќ, Иран и другите партнери на JCPOA комплетно ja разбираат ситуацијата. Тие ќе прават маневри за Европа да остане во JCPOA, дополнително изолирајќи ги САД. Тоа само по себе ќе ги засили американскиот гнев и чувството на напуштеност по европското позиционирање на страната на членките на JCPOA. Кога Америка ќе се запраша зошто би останала пријател со Европејците ако тие се подготвени да ги жртвуваат долгогодишните врски со неа, Европа ќе возврати со „зошто се доведовте и себеси и нас во ваква ситуација“. Традиционалната дипломатија укажува на тоа дека зад кулисите ќе се бара некаков вид компромис. Меѓутоа, на агендата на Трамп нема место за традиционална дипломатија. Можно е да се направат напори за да се дојде до вакво решение, а во овој и ваков свет, тоа не е целосно исклучено. Сепак, мала е веројатноста за едни вакви напори. Дури и да се постигне нов успешен компромис, европските ставови во врска со војната во Ирак од 2003 година и тековното иранско прашање, укажуваат дека на ваков или на онаков начин, Северноатлантскиот сојуз, односно НАТО, полека но сигурно однатре се разединува и засега сигурно оди во правец на редефинирање, а можеби и целосно разединување. Н.Р.

(Во анализата се користени мислења на Јирген Орстром Мулер, поранешен државен секретар во Министерството за надворешни работи на Данска)


Интересот на НАТО за Македонија и за регионот

И додека на глобално ниво како постепено да гние и да се намалува ангажираноста и интересот на НАТО, сосема спротивни се случувањата кон Балканот и регионот каде што тој интерес за засилено присуство и влијание на НАТО расте и се зголемува. Дека НАТО се закотвува и го фрла сидрото на Балканот и во регионот показател е и интегрирањето на Црна Гора во НАТО, воената база на Бонд стил на Косово и отворените заложби за брзо интегрирање на Македонија и заштита од други влијанија. Деновиве постојаната претставничка на САД во НАТО, амбасадорката Кеј Бејли Хачинсон, изјави дека Алијансата ќе направи сѐ што е можно за да ја заштити Македонија од, како што кажа, агресија од страна на Русија и покрај тоа што процедурата за прием на земјата во организацијата сѐ уште не е почната поради нерешеното прашање за името, пренесе РИА Новости.
– Ако спорот за името не биде решен до средбата на врвот на членките на НАТО и не биде почната процедурата за нејзин прием ќе продолжиме да работиме за заштита на земјата од штетните влијанија. Имаме блиски работни односи со Македонија, и во НАТО ќе направиме сѐ што е можно за да ѝ помогнеме на земјата да му се спротивстави на погубното влијание од страна на Русија, било да е хибридна војна или каква било друга дејност – истакна Хачинсон.
Со ваквиот пристап НАТО настојува да оствари воено-политичка превласт на Балканот и затворање на дупката на заднината на линијата на раздвојување меѓу големите сили.