Некои стравуваат дека појавувањето на епидемијата на коронавирусот во Кина – на почетокот од прославите на Кинеската нова година и во текот на традиционалните патувања за распустот – ќе ги засилат негативните економски последици од епидемијата. Но влијанието на вирусот на кинескиот и глобалниот БДП може да го ограничат три важни фактори
Паниката од новиот коронавирус, кој се појави во Вухан, еден од најголемите кинески градови и важна домашна транспортна крстосница, многумина ги потсети на стравот и неизвесноста при кулминацијата на кризата со САРС во 2003 година. Кинеската берза, по повеќемесечен пораст, го смени трендот, а по неа следуваа и глобалните пазари, очигледно отсликувајќи ја загриженоста за влијанието на епидемијата на кинеската економија и на глобалниот пораст. Дали оваа загриженост е оправдана?
Мојата основна проекција е дека епидемијата на коронавирусот ќе се влоши пред да се подобри, при што инфекциите и смртните случаи најверојатно ќе кулминираат во втората или третата седмица од февруари. Но очекувам дека кинеските власти и Светската здравствена организација на почетокот од април ќе соопштат дека епидемијата е под контрола. Поаѓајќи од ова основно сценарио, мојата процена е дека вирусот ќе има само ограничено негативно економско влијание. Неговите ефекти врз стапката на пораст на кинескиот БДП во 2020 година најверојатно ќе бидат мали, можеби намалување од само 0,1 отсто. Ефектите во првата четвртина од 2020 година ќе бидат големи, најверојатно намалувајќи го порастот за еден отсто на годишно ниво, но тоа значително ќе биде надминато со натпросечниот пораст во текот на преостанатиот дел од годината. Влијанието врз светскиот БДП ќе биде уште помало.
Таквото предвидување потсетува на искуството со кризата со САРС во 2003 година: големото намалување на порастот на кинескиот БДП во вториот квартал од таа година беше надоместено од повисокиот пораст во следните две тримесечја. И додека годишната стапка на пораст во 2003 година беше околу десет отсто, многу економисти од инвестициските банки ги преувеличија очекувањата за негативното влијание на епидемијата врз порастот. Споредувајќи ги стапките на годишен реален пораст на БДП од 2000 до 2006 година, тешко е да се забележи дека САРС воопшто имал влијание. Некои стравуваат дека времето на појавување на епидемијата – на почетокот од еднонеделната прослава на Кинеската нова година и на средината од традиционалниот училиштен распуст – ќе ги зголемат економските последици, бидејќи многу луѓе нема да ги посетуваат продавниците, рестораните и туристичките дестинации. Но влијанието на вирусот може да го ограничат три важни фактори.
Прво, за разлика од епидемијата на САРС, Кина сега се наоѓа во ерата на интернет-трговијата, при што потрошувачите сѐ повеќе купуваат преку интернет. Поголемиот дел од намалувањето на офлајн-продажбата поради вирусот, најверојатно ќе биде надоместен од зголеменото купување на интернет. Најголемиот дел од сегашните откажани патувања ќе биде заменет со идни патувања, бидејќи побогатите семејства веќе го тргнале настрана буџетот за празничното патување. Многу фабрики и онака испланираа запирање на производството во текот на празниците за Кинеската нова година, па, така, периодот на епидемијата можеби ќе ја минимизира потребата за понатамошни запирање. Слично на тоа, повеќе владини канцеларии и училишта планираа да не работат за празниците, независно од појавувањето на вирусот. Затоа, краткорочното негативно влијание најверојатно ќе биде концентрирано помеѓу рестораните, хотелите и авиокомпаниите.
Второ, сите извештаи укажуваат на тоа дека коронавирусот од Вухан е помалку смртност од САРС. Еднакво е важно и тоа што кинеските власти многу побргу реагираа отколку во епизодата со САРС, префрлајќи се од контролирање на информациите на контролирање на ширењето на вирусот. Преку имплементирањето агресивни мерки за изолирање на актуелните и потенцијалните пациенти од преостанатиот дел на населението, властите ги зголемија своите шанси за побрзо справување со епидемијата. Тоа, за возврат, ја зголемува веројатноста загубениот економски аутпут ова тримесечје да биде надоместен со зголемена активност во преостанатиот дел од годината.
Трето, без разлика на тоа дали кинеските трговски преговарачи ја знаеја сериозноста на вирусот од Вухан кога го потпишаа трговскиот договор „прва фаза“ со САД на 15 јануари, периодот на договорот по сѐ изгледа е среќен. Со зголемувањето на својот увоз на заштитни маски и медицински резерви од САД (и други земји), Кина може истовремено да се справи со здравствената криза и да ги исполни своите ветувања од договорот, за поголем увоз од странство.
Влијанието на вирусот на другите економии ќе биде уште поограничено. Во текот на изминатите пет години, многу големи централни банки развија модели за надминување на влијанието од забавувањето на економскиот пораст во Кина врз нивните економии. Овие модели не беа создадени, земајќи ја предвид актуелната здравствена криза, но, сепак, ги земаат предвид трговијата и финансиските врски помеѓу Кина и нивните економии. Како по некое правило, негативното влијание на намалувањето на порастот на кинескиот БДП врз САД и европските економии изнесува околу една петтина, изразено во проценти. На пример, доколку актуелната епидемија на коронавирусот ја намали стапката на кинескиот пораст за 0,1 отсто, тогаш порастот во САД и Европа најверојатно ќе забави за 0,2 отсто. Ваквите пресметки претпоставуваат дека коронавирусот нема многу да се прошири во овие земји и да предизвикаат директен хаос. Ова засега изгледа малку веројатно, ако се земе предвид малиот број на случаи надвор од Кина.
Се разбира, влијанието врз Кина и другите економии може да биде многу поголемо доколку кризата со коронавирусот потрае многу повеќе отколку што предвидува ова основно сценарио. Во тој случај важно е да се запамети дека кинеските политичари сѐ уште имаат простор за монетарна и фискална експанзија: резервите на банкарскиот сектор се релативно високи, а уделот на долгот на јавниот сектор во БДП сѐ уште е под контрола во споредба со кинеските интернационални соработници. Разбирливо е тоа што епидемијата на коронавирусот го вклучи алармот во Кина и другите делови на светот. Но, гледано од економска перспектива, прерано е за паника.
Шанг-јин Веи е бивш претседател на Азиската банка за развој и професор по финансии на универзитетот „Колумбија“