Сегашната редакција

Македонското радио секогаш во чекор со времето

Поминаа точно 75 години откога на 28 декември, 1944 година, со зборовите „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“, писателот и борец во НОВ Владо Малески го означи почетокот на работата на Македонското радио. Првите македонски зборови прозвучија во етерот за време на одржувањето на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, кога пред присутните се обрати Методија Андонов-Ченто, прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Вработените во Македонско радио – Радио Скопје, од 23 до 28 декември на фреквенциите 97,3 и 98,9 мегахерци за своите слушатели подготвија специјална програма, насловена „Недела на радиото“, со која го одбележуваат својот роденден, бидејќи, како што велат, 75 години е платинест јубилеј со кој може да се пофалат малку медиуми во светот, а тоа ги прави особено горди.

 

– Денес програмата на Македонското радио ја креираат повеќе од 80 професионални новинари, спикери, лектори, техничари, продуценти, кои секојдневно, 24 часа на ден, учествуваат во создавањето разновидна и квалитетна радиопрограма, достојна за национален медиум. Македонското радио – Радио Скопје нуди широк спектар емисии креирани од дневната, информативната, редакцијата за играна програма и драмски остварувања, детската, спортската, научнодокументарната, културната, музичката програма, како и преку многубројните дописници од земјата и од светот. Цврсто сме убедени дека доколку продолжиме со емитување разновидна и квалитетна програма ќе бидеме успешни и во наредните 75 години и тоа е „оружјето“ со кое се бориме со модерните медиуми – вели Наташа Андрееска, главна уредничка на Првата програма на Македонското радио.
На своите повеќе од три децении во Македонското радио се наврати Марко Коловски, новинар и музиколог.

– Точно половина од 75-годишната историја на Македонското радио и јас сум дел од него и, благодарение и на фактот што во тој период редовно сум извршувал уреднички задачи, неговиот пулс, неговото значење, неговата темелност и втемеленост во македонската држава и македонското битие сум ги чувствувал малку поинаку. Малку поинтензивно. Дури и тоа да е само моја проекција врз нештата, а не е, јас ја имам потребата да го кажам тоа. Да кажам дека Македонското радио (подоцна и Македонската телевизија) не сум ги чувствувал само како неопходни средства за тековно информирање. Вакво или поинакво. Далеку поважно од ова било сознанието дека Македонското радио (и телевизија) со своите архиви, со своите документарни емисии, со своето ширење на нормираниот и негуван македонски јазик, со негување на духот на македонската традиција преку музиката, поезијата, драмата и другите културни форми, значи, преку ова и сѐ друго се во темелите на македонската државност и самобитност и еден од најбитните столбови врз кои се крепи непобитниот самостоен идентитет на Македонецот. И фактот што денес сме тоа што сме – Македонци со свој јазик и непоколеблив идентитет во голем дел се потпирал и се потпира врз дострелите на Македонската радио-телевизија. Нека ни е честит големиот јубилеј – и нека биде вечна Македонската радио-телевизија – посака Марко Колоски.
Со текот на годините Македонското радио постави високи стандарди, а доказ за тоа се и големиот број награди што ги добиваа неговите вработени. Еден од најнаградуваните е писателот Владо Димовски.

– Во Македонското радио дојдов сосема случајно некаде на крајот на 1970-тите години. Дојдов во Редакцијата за деца и некако најмногу се пронајдов во емисијата „Весела вртешка“, која отиде на престижниот фестивал „Абу прајс“ во Њу Делхи во Индија, а една друга емисија за нашите брзозборки ја емитуваа без превод сите национални радија во тогашна Југославија. Но она што најмногу ме возбудуваше, на некој начин што ми влезе под кожа, беа радиодрамите. Во прво време само ги пишував, потоа по наговор на покојниот Томе Арсовски почнав и да ги режирам. Ако радиото има некаква магија, за мене магијата беше студиото во кое се снимаа драмите, дружењето со артистите, тон-мајсторите и музичките соработници. Од тој мој ангажман останаа неколку бисери на радиодрамското творештво, кои беа и дел од најреномираните светски фестивали („При Италија“, „Абу прајс“, „При Марулуиж“, „Федор“, „При Еуропа“…). Дел од историјата на Македонското радио се многубројните, над десет поединечни, награди на Неделата на Југословенското радио во Охрид, каде што бев најнаградуваниот автор – се сеќава Димовски.

И за новите генерации новинари, кои сега извршуваат уреднички функции во радиото, магијата на овој медиум сѐ уште е мотив да го дадат најдобро од себе.
– Магијата на радиото е мој предизвик, од првиот работен ден до денес. И тоа не кое било радио, туку, верувам сѐ уште нашата медиумска гордост Македонското радио. Зачувувањето на жанровската шареноликост го потврдува тоа на начин, за жал, изгубен во другите (особено електронски) медиуми во кои доминира дневната политика. Еднаш пред микрофон – секогаш пред микрофон. Тоа е „зараза“ што до денешен ден ја носам во себе, како да почнав вчера. Инаку во Македонското радио сум повеќе од 25 години, а уште го паметам првиот ден пред микрофон. Бев во Втората програма многу кратко, а по 3 месеци на Прва почна младинската емисија „Ритам на младите“, што ја водевме со Јасмина Догова – ни рече Тони Цифровски, уредник на Културната програма на Македонско радио – Радио Скопје. И Александар Мучев, уредник на Спортската редакција, вели дека и денес се обидува да работи со истиот жар како на почетокот од неговата кариера во Македонското радио, таму некаде во 1987 година.

– Оттогаш, се променија многу работи во радиото, но желбата за навремено, објективно и професионално новинарство мислам дека остана кај мене до денес. Така ме научија моите постари колеги на времето и не можам поинаку. Иако многумина го потценуваат радиото, во последните десетина години чувствувам дека дури и во самата МРТ некако е ставено „на страна“, мислам дека љубовта кон овој медиум и спортското новинарство не попушта. Желбата за работа сѐ уште е присутна, енергијата е тука, но, за жал, сѐ почесто ниту кадровски ниту технички не можеме да одговориме на она што го бара современото известување од спортските настани. Воопшто не се размислува за иднината, за наследниците на сегашната генерација во Спортската редакција, зашто на пример, цели две децении не е примен ниту еден млад новинар. Деновиве кога ја славиме 75-годишнината уште повеќе ги чувствувам неговата големина и значење, не само во домашната медиумска сфера, туку и пошироко, за државата. Оттаму сметам дека овој потценувачки однос кон него е непримерен и незаслужен – со мала разочараност заклучува Мучев.

За неговата колешка Биљана Николовска, уредничка на Редакцијата за популарна музика, која скоро три децении е вработена во Македонското радио, вистински предизвик е да се биде дел од оваа успешна приказна, и покрај многуте премрежиња, трансформации, дилеми и искушенија.

– Вистински предизвик е да се работи во Македонското радио на Првата програма и тоа во музичката редакција, бидејќи таа е специфична по својата комплексност. А тоа како јавен сервис подразбира да се излезе во пресрет со музика на темите што ги осмислиле колегите од другите редакции, да се изработат авторските музички емисии, илустративно да се одработи извесен радиски момент, да се внимава на процентот на застапеност на домашната виза ви странската музика, да бидат организирани во текот на 24 часа забавната, народната, класичната, детската со сите нивни поджанрови, да има застапеност на различни говорни, јазични поднебја, да се внимава на квалитетот на музиката што се пушта и да се храни компјутерот со нова музика. Да се бои програмата со аудиодизајн, адекватен на одреден период, есен, зима, пролет, лето или, пак, за празници како што е во моментов овој наш голем јубилеј 75 години Македонско радио или, пак, сега во пресрет на Нова година. Деновиве екипата што работи на јубилејот и на новогодишната програма буквално е во карантин, со часови не излегува од студио. Навистина е напорно и возбудливо и просто чуди ентузијазмот што го гледам со задоволство кај колегите и покрај тоа што старосната граница е над 50-та година. И среќна сум што кога ќе дојде (се надевам дека тоа ќе се случи) тој толку очекуван подмладок навистина ќе има што и од кого да учи. Во тоа е тајната, да се одржи традицијата, а да се биде во чекор со времето – ни рече Биљана Николовска.


Марин Бабиќ: Македонското радио и јас – љубов на прво слушање

Глумецот Марин Бабиќ се потсети на своите популарни ноќни програми на Македонското радио, за кои и денес се зборува.

– И по толку години многу луѓе ме среќаваат на улица и ми говорат како им недостигаат тие ноќни програми. Дознавав дека сум бил, без да знам, кум на многу врски, па дури и бракови. И често сум си го поставувал прашањето што феномен ќе беше радиото, кое и ден-денеска во сета оваа технологија сѐ уште опстојува! Одговорот е многу едноставен. Радиото е медиум што не те обврзува, не те ограничува и врзува за едно место. Знам дека за време на моите ноќни програми многу жени пеглале, многу архитекти цртале, а и многу љубови се случувале слушајќи убави разговори и уште поубава музика. А почнав многу наивно, непретенциозно. Едноставно почнав како замена на други водители, кои беа на годишен одмор. Првата реченица што ја изговорив, а со која изгледа ја придобив публиката, беше: „Јас не сум овде да ви мудрувам, да ви солам памет, бидејќи ако бев попаметен од вас ќе бев претседател на држава, а не ноќен радиоводител“. Запознав многу осамени душички на кои им доаѓав како мелем. Им требав бидејќи имаа кого да слушаат и со кого да разговараат, да си ја отворат својата душа. Ете, и тоа е една предност на тој феномен наречен радио. Си ја отвораш душата, а никој не те гледа и не знае кој си и тебе ти е полесно – вели Марин Бабиќ.