Разгранетите мрежи од Македонија и од Грција користат разни методи за засилување на политичките пораки и влијание на јавното мислење, од ширење лажни вести до теории на заговор и екстремизам во дигиталниот свет. Активноста е креирана да создаде лажен впечаток за интернет-дискусија од широки размери, за да ги поттикне креаторите на јавното мислење, како што се медиумите и активистите, да ревидираат одредени свои ставови. Според експертите, група искусни компјутерџии може да извршат големо влијание со загрижувачки импликации врз демократскиот дискурс
Жесток интернет-судир е во тек помеѓу Македонија и Грција. Поттикнати и мотивирани од Преспанскиот договор, виртуелни војски од двете страни, чие вооружување се ставови, тези, сфаќања, мислења и гледни точки, засилени со историја, право и политика, преточени во своевидни аргументи, зачинети со клевети, навреди и закани се арсеналот што секојдневно се троши на социјалните мрежи. Суштината на битките е од идентитетски, национален и етнички карактер.
Кои се војсководците во виртуелниот бој меѓу Грција и Македонија?
Меѓу најистакнатите „борци“ на спротивставените страни се македонскиот твитер-корисник познат како Чиз и неговиот грчки ривал Палас Атена. Истражувањето објавено на интернет-порталот „Балкан инсајт“ открива дека завојуваните армии се составени од кибер-воини т.н. „корисници-духови“ на социјалните мрежи, чија цел меѓу другото е и да мобилизираат што повеќе граѓани да се приклучат и да влезат во што помасовен конфликт.
За македонскиот твитер-корисник Чиз се знае само дека е 38-годишник, кој е вработен во маркетинг-компанија во Скопје. Тој почнал кампања на социјалните медиуми во 2018 година, преку која ги повикал Македонците да го бојкотираат референдумот за спроведување на спогодбата за промена на името. Чиз, кој има безмалку 10 илјади следбеници на Твитер на три континенти, не се смета себеси за имагинарен „дух“, туку дека тој и неговите колеги се олицетворение на „крстоносци на тастатурата“, со свои сфаќања, знаења и вештини, кои се идентификуваат себеси како обични луѓе и патриоти.
Интересен факт за македонскиот твитер-корисник Чиз е што апликацијата за идентификување на т.н. ботови „Твитерботс“ открила дека профилот на македонскиот лидер-воин Чиз во просек има речиси 110 „активности“ дневно: твитови, реобјави, допаѓања и други интеракции. Експертите поставиле стандард што вели дека зад профилите со над 70 „активности“ дневно се „кријат“ ботови.
Од другата страна на виртуелното боиште, откај јужниот сосед канонадата атаки ја води твитер-корисникот Палас Атена. За грчкиот виртуелен воин-лидер, апликацијата „ТвитБотОрНот“ проценува со веројатност од речиси 70 отсто дека Палас Атена е т.н. бот, односно автоматизиран „дух“. Големиот број твитови на Палас Атена, околу 478 илјади за пет години, претставуваат јасен показател за автоматизацијата. Но интересно е тоа што Палас Атена, пак, се идентификуваше како Македонка со постојано живеалиште во Шведска, која се активирала на Твитер во 2014 година, откако „видела дека има скопјани што тврделе оти претрпеле геноцид од страна на Грците“. Чиз и Палас Атена имале повеќе жестоки размени пред да се блокираат меѓусебно на Твитер. Но тие продолжиле со своите активности.
И Оксфорд ја истражува и анализира виртуелната војна
Институтот за Интернет при Универзитет од Оксфорд го користи терминот „компјутеризирана пропаганда“ за „интеракција на алгоритми, автоматизација и политика“. Новите војници во пропагандната војна всушност претставуваат лажни твитер-профили програмирани за да се однесуваат како луѓе. Разгранетите мрежи од Македонија и од Грција користат разни трикови за засилување на политичките пораки и искривување на јавното мислење, ширејќи лажни вести и теории на заговор од десничарскиот екстремизам во дигиталниот свет. Активноста е креирана да создаде лажен впечаток за интернет-дискусија од широки размери, за да ги поттикне креаторите на јавното мислење, како што се медиумите и активистите, повторно да ги обмислат нивните ставови. Според експертите, мала група искусни компјутерџии може да извршат големо влијание со загрижувачки импликации врз демократскиот дискурс. Последиците од ширењето на пропаганда на интернет врз демократијата во регионот уште се недоволно познати.
Македонците и Грците од дијаспората се најбезмилосните виртуелни воини
Во пресрет на референдумот за Преспанскиот договор е забележана појава на повеќе „влијателни“ профили на Твитер (корисници со голем број следбеници – н.з.) што се обиделе да доминираат во вестите преку објавување провокативни твитови, кои потоа биле реобјавувани од армија компјутеризирани профили. Целта била ваквите пораки да стигнат во „трендинг“ на Твитер, односно да бидат забележани од големите агрегатори на вести. Намерата била преку репродуцирање на твитовите да се стекне впечаток оти информациите се веродостојни. Во период од девет дена, истражувачите од лабораторијата за дигитални форензички истражувања (ДФРЛаб), експертска група на американскиот Атлантски совет, откриле дека повеќе од 80 отсто од 23.800-те твита поврзани со поимот „бојкотирам“ всушност се реобјави, во сооднос четири спрема еден (ретвитови во однос на оригинална содржина). Тоа сугерирало на неконтролирана автоматизација. Се наведува дека најголемото спротивставување на Преспанскиот договор потекнува од Македонците и од Грците што живеат во дијаспората. Грчките активисти од странство успеале да ја претворат онлајн-пропагандата во улична акција, при што антипреспанскиот гнев ги разгорел најголемите протести во Атина и во Солун уште од времето на должничката криза во Грција. Извесно е дека интернет-војната за ширење пропаганда помеѓу двете спротивставени страни не стивнува, така што нејзиниот крај не е на повидок. С.Н.М.