Три или четири месеци пред избори не се менува Изборниот законик, па јавната манифестација на заложби за негова имплементација на овие избори е ништо повеќе од изборен политички блеф, коментираат експертите по изјавата на премиерот Зоран Заев дека СДСМ не се откажува од ветувањето за измени во Изборниот законик и за воведување една изборна единица
Одбројувањето на деновите до започнување на пржинската процедура, позната и како стоте дена на техничката влада заради организирање на предвремените избори, најавени за 12 април, некако го згуснува распоредот на политички одлуки што треба да ги донесе Собранието до неговото самораспуштање на 12 февруари. Една од приоритетните задачи, според изјавите на претставниците од владејачкиот СДСМ, се измените на Изборниот законик во насока на менување на изборниот модел, од шест во една изборна единица. Декларираниот приоритет на владејачката партија треба да манифестира доследност во намерите за исполнување на нивните предизборни ветувања уште од претходните парламентарни избори.
Актуелната состојба на собраниската процедура за измени на Изборниот законик е дека тој е ставен на дневен ред на тековната собраниска седница, но од технички причини не може да започне ниту комисиската расправа. Имено, коалицискиот партнер во Владата, албанската партија ДУИ, и опозициското ВМРО-ДПМНЕ имаат поднесено вкупно околу шест илјади амандмани за предлог-законот, кои собраниските служби не стигнуваат да ги преведат за пратениците да ги имаат на увид како материјали во двојазична верзија. Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека е доцна да се организира јавна дискусија за измените на Изборниот законик, кои се носат по скратена постапка, а наредната недела треба дa почне и амандманската расправа, односно дека деловнички нема можност за јавна дебата. Предупредувањето на Џафери дојде откако претседателот на матичната комисијата за политички систем, Александар Кирацовски, најави дека наредната среда (25 декември) планира јавна расправа за измените на Изборниот законик, а потоа, како што рече, очекува да бидат повлечени шесте илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.
На предупредувањето од спикерот на парламентот се надоврзаа иницијаторите од помалите политички партии во Собранието, кои укажаа дека сѐ уште има време и простор за јавна дебата за измените на Изборниот законик. Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ уште еднаш истакна дека дебатата ќе биде на 25 декември, а потоа го повика и претседателот на матичната комисија Александар Кирацовски да ја почне седницата додека паралелно се преведуваат непреведените амандмани.
И покрај овие пратеничко-деловнички надмудрувања, премиерот Зоран Заев и понатаму вели дека СДСМ не се откажува од ветувањето за измени во Изборниот законик и за воведување една изборна единица.
– Ниту сакаме, ниту имаме право, ниту треба да се откажеме. Јас сум свесен дека со ваков огромен број амандмани и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, тоа буквално изгледа невозможна мисија. Но тоа дава можност и за дијалог, за разговори и за сѐ. Ако го промениме изборниот модел од шест во една изборна единица, има доволно време тој да се имплементира. Ќе одиме со дискусијата докрај во парламентот и верувам нашите граѓани уште повеќе ќе знаат што е предноста на едниот концепт, што е предноста на другиот – изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали можеби за овие избори ќе се откаже од измените во Изборниот законик во делот на една изборна единица.
За изгласување на измени во Изборниот законик е потребно мнозинство од најмалку 61 пратеник, што со сегашната бројност и позициите на пратениците од коалицијата на СДСМ во однос на оваа прашање, тоа не може да се постигне.
– Го разбирам СДСМ, затоа што е во коалиција со 20 партии, кои ценат дека ова е добро решение и тоа е нивна обврска, да ја постават таа дебата. Но нашиот извештај кон еден таков изборен модел не е однос против СДСМ или нашите коалициски односи, туку се принципиелни ставови што ги дебатираме – изјави во една дебатна програма вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој притоа аргументираше дека за овие избори тој принцип за една изборна единица не може да се примени поради одредени технички недостатоци.
Политичките аналитичари проценуваат дека измени во Изборен законик за кои е потребен консензус не се носат непосредно пред одржување избори.
– Моделот со една изборна единица, но без изборен праг или со многу низок изборен праг им одговара на помалите партии за да добијат свој претставник во Собранието. Иако не се нагласува тој момент, една изборна единица со пропорционален изборен модел, сепак, најмногу му одговара на победникот на изборите, вообичаено голема политичка партија, бидејќи во корист на победникот се сите евентуално „пропаднати“ гласови. Или, победникот добива сѐ! Тоа го знаат сите активни фактори на политичката сцена, како што го знае и СДСМ. Знаат и дека три или четири месеци пред избори не се менува Изборен законик, па јавната манифестација на заложби за негова имплементација на овие избори е ништо повеќе од изборен политички блеф. Наводно, настојуваат да ги исполнат своите предизборни ветувања, но вината за неспроведувањето е кај другите политички фактори – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.