Дали возраста на политичарот е пресуден фактор за добивање квалитетен државник што би ги предводел земјата и граѓаните? Дали енергијата, динамиката и храброста што ја носи младоста може да им парираат на искуството, акумулираното знаење, вештините и мудроста што ги имаат повозрасните политичари?
Општествениот феномен „млади наспроти повозрасни“ е евергрин-тема уште од осамостојувањето на нашата држава. И во последно време оваа тема е актуелна во нашата политика, а граѓаните постојано ги имаат во фокусот јавните личности, политичарите, од носителите на политичко-партиските, па до највисоките државни функции.
Како е во високоразвиените европски земји?
Дилемите повторно станаа актуелни во домашната јавност, по неодамнешната вест пренесена од медиумите во која Финска ја избра својата нова премиерка, 34-годишната министерка и пратеничка Сана Марин, која ќе биде најмладата претседателка на тамошната влада во историјата. Тоа, меѓутоа, во Европа не е изолиран случај бидејќи во моментов активни млади високи државници во Европа има повеќе.
Како такви примери можат да споменат бившиот канцелар на Австрија Себастијан Курц (33), кој во моментов е во процес на формирање идна влада на земјата, премиерката на Нов Зеланд Јасмина Ардерн (39), ирскиот министер за одбрана Лео Вардкар (40), Јури Ратас (41) актуелниот премиер на Естонија, претседателот на Франција Емануел Макрон (41), Марјан Шарец (42) премиерот на Словенија, премиерката на Данска Мете Фредериксен (42), Кетрин Јакобсдотир (43) премиерката на Исланд, Петар Пелегрини (44) премиерот на Словачка и Софи Вилмес (44) премиерка на Белгија.
Американскиот магазин „Политико“ на оваа тема анализира дека во моментов просечниот лидер во ЕУ има под 50 години, а сето тоа е резултат на генерациските смени, актуелните трендови во политиката и на популистичките политики, кои ги водат, условно кажано, најчесто младите политичари.
– Ваквиот тренд се согледува и во тоа што Европа ја зафати бран млади државници што победуваат на изборите – пишува магазинот.
Какви се македонските искуства во врска со ова прашање?
Јавноста во нашата земја за највисоките државни функции памети политичари што биле млади, неискусни и енергични, но од друга страна сме имале и државници што биле повозрасни, искусни политичари со долг стаж во таа сфера. Меѓутоа, за жал, ниту едните ниту другите својата визија и мисија не успеаја да ги операционализираат преку државните институции (на пр. законски решенија, владина програма и функционалност во сите три столба на власта), а сето тоа првенствено да го стават во функција и во интерес на граѓаните, нацијата и државата.
Политиколозите со кои се консултиравме сметаат дека актуелните европски трендови со младите државници, генерално, не гарантираат сеопшт просперитет. Тоа особено се однесува за нашите услови, каде што образованието, стекнатото знаење и вештините се далеку под нивото во споредба со младите во западните земји. Имено, политиколозите со кои се консултиравме тврдат дека стекнатите знаења, искуствата и умешноста за политичко менаџирање (во економијата, стопанството, политичкиот систем, правото и правораздавањето) кај нас, кај младите се на исклучително ниско ниво, во споредба со младите политичари во западните поразвиени системи.
Според гледиштето на политиколозите, рецептот за успешен избор на домашен политичар не лежи во годините, туку во успешноста во справување со политичките и економските предизвици.
Срцето и забите се пресудни за добар политичар, а не годините
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски на темава вели дека за него се пресудни две работи за да се оцени кој државник е најповолен да ја предводи земјата, а годините, полот или искуството се само секундарни атрибути на политичарите што немаат тежина.
– Јас кога би говорел каков државник, односно како во случајот со Финска, каков премиер би ни бил потребен во земјата, сето единствено би го мерел низ две варијабли – вели Арсовски.
Според политикологот, државниците односно лидерите се мерат по срцето и по забите.
– Тоа го говорам симболично бидејќи срцето во политиката за мене асоцира на правецот во кој одреден држaвник би требало да ја води земјата, а забите се синоним на неговата подготвеност тој да загриза во исполнувањето на неговите одредби – вели Арсовски.
Натаму, политикологот истакнува дека втор битен фактор по кој се избираат држaвниците е вербата во нивната способност да ги истуркаат политичките заложби што ги имаат.
Политикологот Милан Стефаноски се согласува со Арсовски и истакнува дека гласачите во земјата паметат голем број изборни циклуси во кои власта ја освојуваа политичари што беа и млади, но и искусни во фелата.
– Без разлика кој и да победил на изборите, дали искусен или млад политичар, во земјата има практика лидерите да бидат прифатени на идентичен начин од граѓаните и од нив со оптимизам да се очекува исполнување на изборните ветувања. Но, за жал, најголем дел од домашните политички елити, како по некое непишано правило и тоа без разлика на нивните години и возраста за време на мандатот најчесто ги разочаруваат гласачите – вели Стефаноски.
Политикологот поентира со став дека успешниот рецепт за најдобар домашен политичар не лежи во годините, туку во способноста првенствено успешно да се справи со економските предизвици, рапиден економски раст и брз стопански развој.