Најголемите партии на косовките Албанци бараат од премиерот на Албанија Еди Рама да го откаже самитот на Албанија, Македонија и на Србија, кој треба да се одржи во Драч, во рамките на иницијативата за создавање на таканаречениот мини-шенген.
Меѓу причините поради кои косовските партии бараат од официјална Тирана да заземе „нов став кон Србија“, е негирањето на официјален Белград, на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ, на злосторствата што српските воени, полициски и паравоени сили ги извршиле за време на војната во Косово во 1998-99 година, објави „Косовапрес“.
Партиите победнички на октомвриските парламентарни избори, движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, како и оние што ја изгубија власта и преминуваат во опозиција, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, се едногласни во ставот дека не може да се разговара за регионална соработка со една држава, која ги негира злосторствата што ги извршила во последните војни во регионот.
Членката на Претседателството на Самоопределување, Албулена Хаџиу, изјави за „Косовапрес“ дека не треба да се зборува за средби со претставници на Србија, „сѐ додека нејзините челници отворено го негираат геноцидот“ што нивната држава го изврши во Косово.
Активностите за формирање на таканаречениот мини-шенген започнаа во октомври годинава, со средбата во Нови Сад во Србија меѓу премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во ноември се одржа втората средба на тројцата лидери во Охрид, а за 21 декември е најавен самит во албанскиот пристаништен град Драч, пренесе МИА.