Само во текот на десетте месеци од годинава откриени се 67 случаи на криумчарење на над 1.300 мигранти, и притоа кривично се пријавени над осумдесет сторители, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на конференцијата „Идни предизвици за управување со миграциите“, што се одржа во Скопје во организација на Македонското здружение на млади правници заедно со канцеларијата на УНХЦР. Сепак, рече тој, потребни се дополнителни напори и во другите сегменти за менаџирањето со миграциските проблеми.
Според Спасовски, прашањето околу миграциските политики, односно предизвиците што миграцијата ги носи, особено по настаните од 2015 година што директно ги почувствуваме сите ние не само во регионот туку и во цела Европа, несомнено и во годините пред нас ќе биде една од приоритетните теми на општествено-политичките агенди.
– Не само поради тоа што во нашето непосредно соседство, сè уште има голем број мигранти, туку и заради фактот што регионите од каде што и се случи силниот миграциски бран – Блискиот и Среден Исток и денес се далеку од реална стабилизација. Она што е евидентно е фактот дека миграцијата единствено може да се превенира и менаџира само доколку постои силно партнерство и соработка на сите европски држави, без исклучок. Партнерството, пак, го издигнува во фокусот на внимание предизвикот за координација, солидарност и нормативно-опертивна стандардизираност, неопходни за успешно справување со вакви предизвици – рече Спасовски.
Министерот кажа дека нашата полиција бележи одлични резултати во поглед на откривањето и сузбивањето на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти.