Првата од трите Јавни расправи за нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година и за нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година се одржа денеска во Скопје.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна на Нацрт-Планот заеднички работеле Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, а во процесот беа вклучени општините и други надлежни институции.
– Очекуваме во финализирањето на Планот да се вклучат и надлежните институции од Албанија, со кои ја споделуваме одговорноста за управување со ова прекугранично мешовито светско наследство. Воедно, Нацрт-Планот и Стратегиската оцена на животната средина се доставени за коментари и до центарот на светското наследство УНЕСКО – рече Нуредини.
Министерот за култура, Хусни Исмаили, истакна дека станува збор за исклучително важни правни документи со чие донесување по 40 години од впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО се прави вистинска пресвртница во пристапот за зачувување и одржливо и економско користење на потенцијалите на Охридскиот регион.
Министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми истакна дека еден од највисоките приоритети на владата е зачувување на статусот на Охридскиот регион на листата на светско наследство на УНЕСКО.
– Чувствуваме должност, пред нашите граѓани, пред се, да не дозволиме понатамошно загрозување на природното и културното наследство на регионот и да воспоставиме систем за негово одржливо, стручно и организирано управување кое ќе спречи било какво уништување и узурпација на природните и културните ресурси на Охридскиот регион – рече Адеми.
Според него, планот и извештајот се многу важен сегмент и ја формираат рамката на сите понатамошни активности во заштитеното подрачје.
Нацрт-планот и стратегиската оценка веќе се испратени во Центарот за светско наследство на УНЕСКО и неговите советодавни тела, од кои се очекува стручно мислење и придонес во насока на подготвување на документи за Охридскиот регион кои ќе бидат во целосна согласност со стандардите и препораките на УНЕСКО.
Јавни расправи за двата значајни стратегиски документи ќе се одржат и утре во Охрид и Струга.