Состојбата и проблемите на прехранбениот синџир сѐ повеќе се во фокусот на ЕУ, како еден од актуелните проблеми на нејзината политика. Отсуството на рамнотежа во одделни делови на синџирот и колебањето на цените, имаат негативно влијание врз производството и побарувачката. Од своја страна тоа не придонесува за одржливо функционирање на земјоделството на национален и меѓународен план, ниту за решавање на проблемите што можат да се јават кај исхраната на населението. Затоа, проблемите на одржливо функционирање на прехранбениот синџир стануваат сѐ поактуелни како на теоретско така и на практично ниво.
Одржливост на прехранбениот синџир, вклучувајќи го и прехранбениот синџир со органски производи, подразбира деловите (секторите) да се способни да ги задржат и да ги шират своите пазарни позиции, а во исто време да се справат со економските, регулаторните и општествените предиспозиции. Поточно, под одржливост на прехранбениот синџир со биолошки производи во функционален аспект се подразбира како тековна состојба на одделени алки во синџирот, така и нивните можности во иднина да функционираат ефективно и да ги зачуваат позарните позиции. Одржливоста на прехранбениот синџир ги разгледува интегрирано одделните етапи во производството на храна, обидувајќи се да ги оцени и прикаже последиците и ефектите од проблемите на секоја етапа и ниво на производство.
Производството во системот на „органско производство“, како и реализацијата и побарувачката на производите од него, не е исклучок од општата слика на развој на прехранбениот синџир и е важна алка во него. Во својата политика, развиените земји сѐ повеќе ставаат акцент на органското производство како еден од начините за постигнување одржлив развој. Се прифаќа идејата дека треба да се охрабрува квалитетот, а не количеството кога се стимулираат органскиот сектор и другите природно заштитни методи на земјоделска обработка, бидејќи земјоделството е уникатен систем што произведува не само трговски производи, туку и општествено добро и услуги на екосистемот и важни еколошки услуги (биолошка разновидност, заштита и чување на водите на почвите…)
Општо е познато дека производите се конкурентни кога се произведуваат со повисок квалитет, а со пониски производствени трошоци од тие на конкурентите. И покрај тоа што конкурентската способност на производите е поврзана пред сѐ со економските аспекти на анализа на факторите, кои имаат влијание на зголемување или на намалување на конкурентската способност на органските производи и водат до одржливост на нивната понуда и побарувачка, тие имаат во голем степен социјална и еколошка условеност. Тоа е така бидејќи може да се каже дека органското производство е феномен во земјоделската практика, што не се сведува само и единствено на земјоделската практика туку ги има и своите филозофски, социјални, институционални и еколошки корени, кои условуваат и некои негови важни црти.
Како што веќе предочивме, одржливоста на функционирањето на прехранбениот синџир се толкува како способност да се одговори на проблеми и да се прифатат предизвици од различен карактер – економски, регулаторни, општествени. Аналогно, пазарот на органски производи не се детерминира и координира од еден принцип, туку има го предвид дејствувањето на тие три аспекти – општествен или социјален, регулаторен, (институционален и економски (цена и добивка). Како дополнување имаме и еколошки аспект, кој е поврзан со вредности, кои ги споделуваат мнозинството потрошувачи, а тоа е заштита на животната средина и на здравјето на животните. Така може да се обопшти дека во одржливо функционирање на органско производство, играат улога многу објективни и субјективни фактори: зголемување на површините на културите, одгледување на зголемените количества на органските производи, гаранција за разновидност на асортиманот на понудата на органски производи, ниво на информираност на потрошувачите, цените на органските производи, зголемување на разновидноста на асортиманот, државната политика во однос на органското производство… Можно е, поради фактот што органското земјоделство кај нас е млад сектор, да има силен недостиг од официјални статистички податоци за некои од погоре изнесените аспекти.
Органските производи до потрошувачите можат да стигнат преку различни пазарни места – големи трговски синџири, специјализирани продавници за биопроизводи, фармерски пазари, директна продажба, онлајн-трговија… Повеќето се реализираат преку специјализираните штандови на големите трговски синџири.
Некои органското земјоделство го викаат луксузно производство на храна. Повисоките стандарди кај одгледувањето на животните и кај заштитата на природата во органското земјоделство несомнено означуваат дека органското производство е сѐ поскапо.