Затворот во Шуто Оризари ќе се гасифицира како една од мерките на Владата за намалување на загадувањето на воздухот. За оваа цел, Владата на денешната седница ги зголеми средствата наменети за замена на постојните нееколошки системи за греење во административните и други објекти во сопственост на државата во најзагадените градови.
– Владата ги прифати измените на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година и ги зголеми средствата наменети за замена на постојните нееколошки системи за греење во административните и други објекти во сопственост на државата во најзагадените градови со цел замена на системот за греење на Казнено-поправната установа ‘Затвор Скопје’ – соопштија од Владата.
Затворот, кој сега користи екстра-лесно масло за затоплување, со оваа пренамена ќе се загрева на гас, што, како што велат од Владата, со оглед на локацијата на котларницата во населено градско подрачје е од големо значење за намалување на аерозагадувањето во општината и градот пошироко.