Најновите ликовни творби мотивирани од преспанската убавина од последната ликовна работилница под наслов „Ресенски ликовни мотиви“ ќе бидат изложени вечерва со почеток во 19 часот во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“.
Оваа ликовна работилница која се одржува под покровителство на Општина Ресен а ја организира домот на културата „Драги Тозија“ има за цел да ја задржи традицијата убавината на Преспа да се пресликува во делата на ликовните уметници и на тој начин се промовира како убава туристичка дестинација во Македонија и надвор од неа.
Работилницата се одржува во Претор на Преспанското Езеро каде учесниците непосредно имаат можност да ги пренесат своите визии од природната убавина, езерото и богатата флора и фауна која ги опкружува. На годинашнава работилница учествуваа осум истакнати македонски уметници и 18 членови на здружението „Преспа арт“ од Ресен.
На годинашнава работилница свои дела оставија и кавадаречките ликовни уметници Владимир Темков, Горан Боев и Ќире Јосифов што претставува нишка повеќе за добра соработка на полето на културата на двата дома на културата од Ресен и Кавадарци.
Ми.М.