Зошто охриѓани би напишале „Бугарите ни го отфрлаат јазикот“ ако „бугарскиот јазик е јазикот на населението во Македонија“? Каков јазик и какво писмо користеле македонските војводи во писмената комуникација? Кој пишувал на бугарски, кој на српски, а кој на народен, македонски јазик?
Блаже Миневски
Во 1890 година, сто и дваесет охриѓани, признавајќи дека долго биле заблудени од Бугарската егзархија, се потпишале под молбата упатена до патријархот во Цариград со барање за дозвола за обнова на Охридската архиепископија, односно дозвола за „наши училишта“ во кои „нашите деца“ ќе учат на својот мајчин јазик и ќе се воспитуваат во духот на својата православна вера и црква. Зошто охриѓани би напишале „Бугарите ни го отфрлаат јазикот“ ако „бугарскиот јазик е јазикот на населението во Македонија“? Каков јазик и какво писмо користеле македонските војводи во писмената комуникација? Кој пишувал на бугарски, кој на српски, а кој на народен, македонски јазик?
Според Цочо Билјарски, бугарски историчар и поранешен директор на бугарскиот Централен државен архив, кој ги има подготвено двата тома архивски материјали за ВМРО од 1893 до 1919 година, „сите документи на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација се пишувани на бугарски јазик, кој е јазикот на населението во Македонија и Одринско“. Бидејќи документите може да се видат во оригинал, Билјарски се сетил да каже дека „одделни документи објавени во двата тома“, што тој ги приредил, „иако се на бугарски јазик, бидејќи се препишувани од српски и грчки дипломати, имаат редица правописни грешки, но сите се со непроменета содржина и смисла, што ги прави исто така автентичен историски извор!“ Значи, со други зборови, ВМРО е „бугарска револуционерна организација“, која својата кореспонденција ја води исклучиво на „бугарски јазик“, со мали „правописни грешки“!
„Нека сет живи… сите чесни и добри македонски синој!“
Во Крушево на 6 август 1903 година бил напишан, а потоа веднаш доставен до седумнаесет села во околијата познатиот Крушевски манифест. Манифестот е напишан на македонски јазик, крушевски дијалект, а потоа, преведен на турски јазик. Ќе пренесеме неколку извадоци од тој документ: „Браќа земљаци и мили комшии! Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и от неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, неможејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап, и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода… Ние не сне муртати на сфојата земја, шчо не родила, ние не сне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се бориме и ке се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџиите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд… Елате, браќа мусљумани, при нас да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајрако на ’Афтономна Македонија‘! Македонија јет заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи! ’Слобода или смрт‘ јет писано на нашите чела и на нашио крваф бајрак. Ние веќе го дигнафне тој бајрак и немат враќање. Ако и вие нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега, и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо – а тоа јет голема помошт: да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села! Нека Госпот Бог да благослојт светата борба за правото и слободата! Нека сет живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синој! Ура! За ’Афтономна Македонија‘“!
Но, во име на истата „автономна Македонија“ дел од македонските војводи, особено оние што биле „учени“, односно оние што завршиле по неколку класа во училиштата на Бугарската егзархија, подоцна, како „писмени луѓе“ се труделе да пишуваат на „книжовен бугарски јазик“, но и тој бил далеку од јазикот што го користел, на пример, Христо Ботев. Дека е така може да се види од преписката на некои од војводите што не биле во списокот на таканаречените „егзархиски револуционери“. Постоеле војводи што биле надвор од егзархиската пропаганда, па единствен јазик што го знаеле и го користеле бил оној што го научиле од своите родители, односно таканаречениот мајчин јазик. Притоа, се разбира, бидејќи не постои писмено утврдена македонска азбука, всушност македонската глаголица и старомакедонската кирилица биле узурпирани од оние што успеале во меѓувреме да направат свои држави, преписката се вршела со букви што се користеле во соседните кнежевства и кралства. Ќе пренесеме извадоци, на пример, од неколку писма на војводи, кои од спротивниот табор биле нарекувани „контрачетнички војводи“ затоа што не биле дел од движењето што било под доминантна контрола на егзархијата, односно на бугарската пропаганда во Македонија.
„На 14 април 1907 година. Шума. До свите сељани од село Крајница. Ако мислите да ви се не стори во селото како што се стори во Извор и во Никодинево, сега братски ве каниме да се откажете од тија кокошкари којито се прават јунаци само на сељани, а каде треба јуначки да се бијат тија бегаат, а оставаат сиромасите којито не са видели пушка да се бијат и да гинат. Мије од борч излегуеме и еве сега молиме да дојдете и да не поземе за у ваше село. Ако и не дојдете да не поземете мије сами ће дојдеме, али и ваше село нема да бидет. Ако со добро да се предајете кај нас на свите проштаваме и нико од наша страна нема да пибнот, а ако се не предајете со добро тога мије немамо никакав кабајет зашто ће ви гори селото и народ ће ви гинет.“
Ова писмо или повик е потпишано од извесен Васил, војвода во велешкиот крај, за кого Бугарите велат дека е српски војвода. Сепак, за разлика, од таканаречените „бугарски војводи“, кои пишувале на некаков бугарски јазик, толку колку што го знаеле, овој таканаречен „српски војвода“ од 1907 година, со својата каква-таква писменост, барем пишува на народен, македонски јазик. Кој е тука поголем патриот? Македонецот од Битола што своите писма ги пишува на некаков бугарски јазик, кој воопшто не го зборуваат неговите сограѓани, или војводата Васил од Велешко, кој пишува на македонски јазик, користејќи букви преземени од бугарската, руската и српската азбука?
„Последен пат ве поканујеме да дојдете кај нас и да се представите!“
Во таа насока интересно е и писмото на извесниот српски „контрачетнички“ војвода, Јован Бабунски. Имено, бугарскиот трговски агент во Скопје до бугарскиот министер за надворешни работи Д. Станчов во Софија, препраќа писмо од, како што вели, извесен српски војвода до жителите на селото Крива Круша, Велешко, потпишано од таканаречениот Горски штаб на Јован Бабунски. Значи, станува збор за писмо на војводата Бабунски од декември 1907 година. Кој е Јован Бабунски? Јован Стојков или Стојковиќ, познат како Јован Бабунски е роден во 1878 година во велешкото село Мартолци, а умрел 1920 година во Велес. Прекарот го добил по местата во кои дејствувал: планината Бабуна, особено селото Богомила, и реката Бабуна. По завршување на четирилетката во Велес со семејството емигрира во Белград, каде што една година учи гимназија, а потоа се префрла во богословско-учителско училиште, но образованието го продолжува во нижа гимназија, па во учителската школа во Ниш. Како агент на српската пропаганда, како што вели официјалната македонска историографска наука, Стојков или Стојковиќ ги поттикнувал граѓаните да вршат клевети и предавства над активистите на ВМОРО пред турските власти. Поради едно такво предавство, Ѓорѓи Сугарев го ликвидира брат му, а потоа и татко му. По оваа сурова казна на организацијата, Бабунски станал војвода и дејствувал во Поречието и во Велешко. Соработувајќи со турските власти, Бабунски успеал да создаде многу силна мрежа во областите во кои бил активен. Најблиски соработници му се Глигор Соколов и Јован Долгач. Кога во Турција бил извршен преврат од страна на младотурците во 1908 година, кои донеле Устав и таканаречен општ мир, Бабунски прекинал со четништвото на определено време, исто како и Јане Сандански. Подоцна се истакнува во борбите на Солунскиот фронт во Првата светска војна, за што добил највисоки француски воени одликувања. Умрел во 1920 година во Велес. Е, сега, тој значи е предавник, работел за српската власт, а да речеме, според Билјарски, не се предавници оние што работеле за бугарската власт и бугарските интереси. А Бабунски, за разлика од нив, своите повици и преписка во најголем дел ги пишувал на македонски јазик, односно на велешки дијалект, кој му бил мајчин јазик. Едно такво писмо е писмото што го фатил Т. Недков, бугарскиот трговски агент во Скопје, всушност бугарски шпион што вршел разузнавачки работи во Македонија. Во придружното писмо испратено заедно со фатеното писмо на Бабунски, меѓу другото, стои: „Господине министре, тука приложеното во препис писмо е испратено од српскиот војвода во Велешката каза, Јован Бабунски од селото Мартулци, истата каза, поранешен бугарски четник, до селаните на Крива Круша, Велешко… Содржината на тоа писмо им е соопштена на конзулите и на власта, пред кои се покрена постапка за заштита на заплашените села.“ На писмото што е доставено во препис, во левиот агол пишува: „13 деценбар 1907 година, Планина“, а во десниот агол има тркалезен печат со натпис: „За крст часни и слободу златну“. Во писмото на Јован Бабунски, на народен, македонски, а не бугарски или српски јазик, пишува: „До сите сељани во Крива Круша. До сега много пати ви пишавме и ве поканивме да дојдете и да се представите кај нас, но вије нашите писма ги предавахте на турците. Сега последен пат ве поканујеме да дојдете кај нас и да се представите. Ако не дојдете кај нас от сега за десет дена, да знајете оти кај да најдеме човек от ваше село ће загубеме. Во планина, на пат, по дрва, на оране и кај да најдеме ваш човек ће загубеме. И това да знајте оти ова е последно писмо од наша страна.“
„Мие ви проштеваме на сите братски и от се срце!“
Во писмото, пак, до селаните од Бистрица од 17 март 1908 година, со локација „Шума“, или како што стои во некои други писма „Планина“, потпишано со „братски поздрав на сите од Војвода Василије“, меѓу другото стои: „Мие ви знајме нивите ваши и патот каи што врвите, но никои пат не сме сакале да ви направиме лошо. Сега со ово писмо идам каи вас, да вас со братско срце поканим да доите каи нас да се претставите и да се сториме едно, сите да бидеме братиа. Не треба да мислите што мие сакаме да сториме лошо на некои ваш селанец. Мие ви проштеваме на сите братски и кои били работници, и кои не бил, на сите ће простиме от се срце. Ете и по друзи села имало работници но на сите им е простено за што на та страна беха. Така им беше заповед па така и работеха. За това пак ви давам збор да никои не берете гаиле, доидете каи нас и сето до сегашно ће заборавиме и ће си останеме братиа до веки. На ово писмо чекам одговор по брзо.“
На 10 март 1908 година, истиот војвода до истите селани на Крива Круша, оние на кои претходно им пишува и Јован Бабунски, упатува покана да се придружат на нивна страна, на страна на таканаречената српска пропаганда, но за разлика од бугарската пропаганда, овие ниту ги тераат да зборуваат бугарски, ниту пак писмата ги пишуваат на српски, туку на чист, народен македонски јазик. Во писмото до селаните на Крива Круша, пишува: „Еве ве поканујам да дојдете и да се претставите кај мене. Слободно и без шубе да идете кај мене, за што ве имаме за наши братиа и ви даваме кувлет до неделја да се преставите а ако не дојдете тогава сами грехот ће си го носите. Сега ве чекаме да дојдете.“
Со писмо од 19 март 1907 година, Јован Бабунски, како шеф на Горскиот штаб им се обраќа на селаните од селото Сенокос, Прилепско, а потписите на штабот се заверени со печат. Заедно со Бабунски на писмото се потпишани и Јован Долгач, Јосиф Михајло и Бошко Наце, сите Македонци. Писмото како и секогаш почнува со директно обраќање до селаните: „Брако сеноковски, вије разбравте нашата сила и разбравте вчерашната работа оти бугарите не можат со нас да се бијат; вије да не берите гаиле, човеците ће ви ги пуштиме и пушките ће ви ги дадеме и друзи пушки ће ви дадеме; без гаиле да бидите патот ће ви биде отворен на сите страни от сега на вамо…Да се допрашујете до долненци оти они се сега наши човеци. Срећа сте имале оти не пукна пушка од ваше село и за това све ће ви опростиме и от сега на вамо вије ће бидете наши, и бугарска чета неће примате. Гледајте што чуете одма да чинете абер на селата наши. Није за све што било до сега ви опроштаваме и од сега ако биде нешто ће одговарате.“
Како пишувале Ѓорче Петров и Христо Узунов?
А како пишувал Ѓорче Петров, на пример? Ќе пренесеме едно негово писмо до Никола Зафиров од август 1899 година по повод осудувањето на Тодор Лазаров и Христо Попкоцев на четири години затвор за револуционерна дејност.
„Брат Кольо, Завчера ти писах. Вярвам, че моето и твоето последно писмо са се разминали по пътя. Ще изпълня исканието ти и когато го свърша, ще ти обадя. Вчера ти изпратих исканите дълги и къси пушки. За пари ще потърпиш. Накето ги донесе до Радомир. Гьорги се е прибрал вече.Няма ли да се захване работата?Тодор и Попкоцев са осъдени на по 4 години. Хубаво правите, че следите дирите на онези гадове. То е позор за българската полиция, но не малък позор беше и за нас, че не можахме досега да ги разберем и да направим нещо. Ще направя остъпка, ако се може заловените вещи да ни се предадат. Tвой брат, Гьорче Петров“.
Или Христо Узунов во писмото до Гоце Делчев од 21 мај 1902 година:
„Брате, всичко, което си поръчал по пътника, ми разправи. Излиза, че повечето от писмата ми не сте ги получили. Види се, заловени са от другия комитет… Второ, пари – без тях нищо не бива. Да вземем тук да събираме освен що няма от кого и ще има – трябва сила, понеже знаят каква сила има да упражним. Пък зная и да излагаш едно дело за пет лири. Затова пари да се изпращат тук за разноски за затворниците. Особено за тях може да знаете, че гладуват (нека разправи Станко за мене). Досега ги правех, защото има пари, що съм изпращал взети в заем и досега не върнати. Не остане лице да искам други. От Скопие постоянно писма за пари. Отговарям: чакайте, не са пристигнали. Най-после като видят, че няма, сипват се псувни. Затова обърнете внимание. Друга част за къщите им. Сигурно ще ни требва една сума от сто лири за Тодор и Попкоцев, иначе не е възможно да се освободят. А пак да харчи брат му Арсе, няма да му изпрати една лира, камо ли пък толкова. Да се изпратят десет револвери за куриерите, два – три л-наганта. Искат да купят някои пет манлихери от късите, защото никакво оръжие няма. Ако има патрони от шухеловите пушки, пратете, защото има една без патрони от деветачките… Никъде не мога да отидам и ужасно ме подозират. Затова или тамо да дойдам, или ще отидам в Света Гора, ако има работа…Ако поседам още тук, ще станам человек направен от страх. Получих от Подрум писмо. От тамо писат за пари. Изпратете ми. Има още много да писвам, но куриера ме чака. Затова съкратявам писмото. Подир ще ви пишам за генералистите, че са имали разговор с Тасе Омев за уреждане на нов комитет. Вярвам от Кочани да са ви писали. С братски поздрав Узунов. Поздрави всички хъшове. Незабавен отговор.“
Шифрираната азбука со која се служел Даме Груев
Во најголем дел од ваквите писма се користела шифрираната азбука на ЦК на ВМРО. Со една таква шифра Даме Груев кореспондирал од Солун со Кирил Прличев во Воден, каде што бил учител во 1895, 1896 и во 1897 година. Од шифрата може да се види дека користеле замена на старословенските букви со латинични букви, но сосема различни од соодветните букви во текстот што го пишувале. Така за кирилската „а“ ја користеле латиничната „n“, за „б“ – латиничната „i“, за „о“ латиничното „g“, за „в“ латиничното „q“, за „у“ – латиничното „w“ итн. Како пишувал Даме Груев кога ќе се дешифрира текстот? Во едно писмо од него до Кирил Прличев испратено на 17 август 1906 година од Софија во гратчето Цариброд, каде што Прличев бил учител, пишува: „Кириле, преди два-три дена изпратих едно писмо за Иван Пасков в Цариброд а днес се научавам од брат му, че тои бил учител в град Трън. Mоля, погрижи се да не пропадне писмото, като поправиш адреса. С поздрав, твои Д. Груев “
А како зборувале во тоа време селаните во неговото родно Смилево? Еве, за Ѓурѓовден, на пример, оделе на чешмата наречена „Горановец“, се миеле, собирале цвеќиња и се враќале во селото пред да „почне црквата“. Откако ќе завршела литургијата, сите излегувале од црквата и заедно со свештениците, сосе крстови и икони, кои морале да ги носат, го обиколувале селото, и застанувале на секоја чешма и кладенец, пеејќи: „Се кревает чесни крсти, господи помилуј, се кревает бога молит, да се родит дар бериќет, дар бериќет жито и вино, господи помилуј, жито и вино, мед и млеко, господи помилуј, да се ранит сирачиња, господи помилуј.“