Санкциите против одредени руски државни компании и постојаната антируска реторика од страна на американската политика и тамошните медиуми, сепак не успеаја да ги одвратат американските инвеститори од вложување милијарди
долари во рускиот финансиски пазар
Американските компании, со чии акции се тргува на Волстрит, оствариле повеќе од половина од вкупните странски вложувања во руски компании, и покрај антируските санкции, што Вашингтон ги воведе по анексијата на Крим. Санкциите против одредени руски државни компании и постојаната антируска реторика од страна на американската политика и тамошните медиуми, сепак не успеаја да ги одвратат американските инвеститори од вложување милијарди долари на рускиот финансиски пазар. Од друга страна, пак, компании од Европската Унија ја користат Србија за извоз во Русија, благодарение на договорот за слободна трговија помеѓу овие две земји. Па, така, од 20-те најголеми извозници од Србија во Русија, само пет се во српска сопственост. Дури 14 српски компании всушност се подружници на компании со седиште во ЕУ.
Од 2013 година, како што пренесува „Форбс“, уделот на американските фондови во вкупните странски вложувања во руски акции пораснал на 51 отсто, а вкупното количество на сите странски вложувања од 2015 година се зголеми на 58 проценти и изнесува 79,3 милијарди долари. На северноамериканските инвеститори отпаѓа повеќе од половината странски капитал што е вложен во руски акции. Истовремено, на инвеститорите од ЕУ, која е руски сосед и која до почетокот на украинската криза беше лидер според вложувањата во Русија, отпаѓаат само 26 отсто.
Американските компании водат и кога станува збор за директните инвестиции во Русија во изминатата година. Секоја американска компанија во просек вложила 224 милиони долари во Русија, додека, пак, компаниите од ЕУ по 90 милиони, а од Азија околу 40 милиони долари. Во Русија работат повеќе големи американски компании, како што се „Ексон мобил корпорејшен“, „Марс“, „Монделез интернешнл“, „ПепсиКо“, „Кока-кола“ и „Проктер енд Гембл“. Според „Форбс“, американските компании во 2018 година го зголемиле бројот на бизнис-проекти во Русија од 19 на 33 и водат во овој сегмент со удел од 16 отсто. Уделот на кинеските компании изнесува само три проценти.
Кога станува збор за 2019 година, меѓународните компании планираат да инвестираат 6,5 милијарди долари во Русија, од кои 44 отсто се однесуваат на вложувања во енергетскиот сектор и природните ресурси – проекти што носат најголеми и најбрзи приходи.
Од друга страна, истражувањето на БИРН покажува дека компании од ЕУ ги користат своите подружници во Србија, за да ги заобиколат антируските санкции што ги воведе Брисел и да извезуваат во Русија. Според податоците на српското министерство за трговија, од 20-те најголеми извозници од Србија во Русија, само пет се во српска сопственост, додека, пак, дури 14 се подружници на компании со седишта во Унијата.
Прва на листата е „Тигар гуми“, со седиште во источносрпскиот град Пирот, која е во сопственост на вториот најголем светски производител на гуми – францускиот „Мишелин“. Извозот на „Тигар гуми“ во Русија е во вредност од 40 милиони евра, или повеќе од десет отсто од вкупната вредност на извозот на оваа компанија. Покрај „Тигар гуми“, листата на најголеми извозници од Србија во Русија ги вклучува и „Вели“, која е подружница на италијанската „Голден лејди компани“, потоа „Хемофарм“, фармацевтската компанија во сопственост на германската „СТАДА груп“, „Тетра пак Србија“, која е во сопственост на холандската „Тетра лавал холдингс“ и производителот на пумпи „Грундфос Србија“, која е во данска сопственост.