Фото: Дарко Андоновски

Рецензија

Кон изложбата „Црвени емоции“ на Маја Стефановска во Музејот на градот Скопје

„Црвени емоции“ е најновиот циклус на слики од креативниот опус на авторката Маја Стефановска во кој таа на исклучително деликатен начин ја третира главно женската фигура и нејзините бескрајни метаморфози и трансформации, низ сите животни фази и периоди и различни психолошки/емоционални состојби. Во последните свои циклуси, Стефановска со нагон на имагинативен раскажувач, успешно го негува фигуративното сликарство како стилска определба. Нејзиниот сликарски универзум се состои од документирани сцени проткаени со мистериите на љубовта, радоста и непредвидливоста на живеењето, меланхолија од некои замрзнати мигови присутни во некоја друга стварност, реминисценција и носталгија по изгубени времиња од кои останале распарчени фрагменти сеќавања, кои таа ги преточува во слики-сведоштва полни со сензибилитет и суптилност на искусеното.

Во околу шеесетина дела („Принцеза во ноќта“, „Растурени емоции“, „Сериозноста на животот“, „Патувам со куќата“, „Потекло“, „Едно“, „Бабино сонце“…), длабоко лични, интимни и натопени со емоции, се претставени различни женски фигури, групни и индивидуални портрети и поретко актови. Претставите на човечки фигури најчесто се детално разработени со портретни карактеристики и сугестивни фацијални експресии, но понекогаш тие во контекст на приказната се целосно деперсонализирани. Иако насликани без јасно дефинирани детали и карактеристики, тие се еднакво моќни и сугестивни како првите, создадени со само неколку мајсторски потези и знаци ја поседуваат силната сликовна симболика и можност за бескрајна интерпретација, набљудувачот да може да се поврзе и идентификува со нив и да занурка во некоја сопствена верзија од приказната.

Сликите се изработени главно во техники масло и акрил на платно и хартија. Стефановска вешто и мајсторски ги гради своите композиции, таа користи едноставен линеарен цртеж, каде што контурата е нагласена, а на одредени места само се навестува или целосно се губи за да ѝ даде примат на бојата, која е примарна. Колоритот во овие дела е посмирен, посуптилен и деликатен, таа користи гама на пастелни бои најчесто нанесени во плохи, кои се во совршена хармонија со поинтензивни колористички акценти и сензации што се неопходни за да се истакнат одредени психолошки состојби и длабоки емоции.

Црвената боја, иако присутна во делата, не е интензивна и доминантна туку е повеќе симболична и се појавува како нишка на поврзување, таа ги означува женскиот принцип, страста, љубовта, копнежот, тоа е бојата на крвта и огнот, храброста и енергијата. Астеците ја добивале црвената боја од кохинела (вид инсект што ги населува суптропските предели), со цедење на исушените тела на женките на овие инсекти што на своевиден начин е уште една чудесна и неверојатна симболика во прилог на делата од овој циклус.

Делата на Стефановска бескомпромисно зборуваат во прво лице еднина, тоа се автобиографски психограми што понекогаш поседуваат терапевтска и катарзична моќ, која индиректно влијае и врз набљудувачот. Преку сликањето и раскажувањето на својата интимна приказна, таа допира до некои сопствени потиснати и заборавени микросветови, намерно или несвесно запоставени, но доволно интригантни да се транспонираат во единствена визуелна сторија. Така, таа раскажува единствени и неповторливи приказни за животот, среќата, љубовта, смртта, стравот, срамот, страста, осаменоста, заборавот. Врската помеѓу минатото, сегашноста и иднината, односно трите животни доби, детството, созревањето и староста, се проткаени во повеќето од делата и носат универзални пораки. Портретите на девојчиња, жени, со нагласени румени образи, понекогаш како симбол на срам, страв, невиност, наивност, заводливост, славење на женскоста се нежно и лирски претставени со неопходната емпатија и лирска поетика.

Личниот сликарски имагинариум на Стефановска го сочинуваат богати наративни знаци и симболи, понекогаш интуитивно градени или луцидно вметнати во композицијата. Тоа се претстави на стилизирани куќички, дрвја, ликови потонати во мечтаење и сонување, анатомски разработени фигуративни претстави на мајка-доилка со дете, бремени жени во мигови на одмор, жена-куќа (симбол што во историјата на уметноста е присутен од праисторијата до денес, но крајно вешто и оригинално интерпретиран), црно-бели шаховски табли, претстави на марионети, Арлекини и дворски шутови, луѓе со маски, маски со луѓе, двојни портрети на занесни и помалку срамежливи убавици со заруменети образи, бродови што се појавуваат од никаде, ангели, бувови, дами со крзно и мноштво други. „Црвени емоции“ е топла ода на женското писмо и раскошната имагинација на Стефановска, сликите од овој циклус поседуваат длабоки и повеќеслојни филозофски толкувања, тоа се приказни во приказни во кои се проткаени мноштво надреалистични, онирични елементи; мали ескапистички прозорчиња од реалноста, потрага по идеализираната верзија од себе во некој свет сличен на светот на Алиса зад огледалото каде што волшепствата се правилo, а никако исклучок…

Анита Бошкова Доковска