Фото: Дарко Андоновски

МАКЕДОНИЈА ВО ЗОНАТА НА ОПШТА ЛЕТАРГИЈА И АПАТИЈА НА ПОЛИТИЧКИТЕ СЛУЧУВАЊА

Француската блокада, колку и да боли, сепак не е и единствена причина за апатијата, летаргијата и разочарувањата од кои со години страда македонската држава. Според аналитичарите, народот е уморен и незадоволен од состојбите во својата земја и од политиките што се практикуваат било од власта било од опозицијата, бидејќи досегашните политики не носат видливи резултати, благосостојба и висок економски раст

Македонија минатата недела не доби датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, но се чини дека граѓаните како да се навикнаа и веќе отрпнаа на лошите вести, кои со години доаѓаат од Брисел и повеќе не е подготвен ниту за симболична противреакција преку која би изразил некаков став, негодување на одлуката.

За волја на вистината, во петокот попладне се разгореа социјалните мрежи, но голем дел од реакциите околу блокадата на датумот следуваа од партиски креираните профили, чија задача и онака е да влијаат врз креирањето на јавното мислење. Во вакви околности на апатија и разочараност дома, како своевиден куриозитет прозвучи веста дека бугарски интелектуалци преку Фејсбук за синоќа најавуваат организирано бдеење пред француската амбасада во Софија, изразувајќи еден вид реакција на француската блокада на одредувањето датум за Македонија.

Но факт е дека летаргичноста и разочараноста во македонското општество не се од вчера, туку се резултат на погрешните политики водени изминатите 30 години, кои доведоа до девалвација на институциите, непочитување на правната држава, иселување на младите, ширење на корупцијата, како и пад на општествените вредности.
Токму на тоа низ годините влијаеше и разочарување од политиките и на власта и на опозицијата, со постојаното намалување на одзивот на граѓаните на избори, тешкотиите да се обезбеди цензус за што било, политичките партии во предизборието со автобуси носат луѓе по митинзите оти не можат да ги обезбедат во местата што ги посетуваат, така што од година на година општествената летаргија станува сѐ поприсутна, а ентузијазмот речиси и да го нема.

Некои од граѓаните, социолозите и аналитичарите сметаат дека во Македонија генерално постои незадоволство кај народот од состојбите во државата низ годините и едноставно француската блокада и не ја сфаќаат толку трагично.
– Не сум разочаран што не добивме датум. Па видете каква ни е државата, од самостојноста до денес само се краде, постојано избувнуваат некакви афери, криминалците се на слобода, а младите избегаа во странство. Ако ти самиот не си направиш дома да ти биде убаво, никој нема да дојде од страна да ти го среди домот – вели Апостол Николов, пензионер.

Социологот Илија Ацевски појаснува дека народот е уморен и незадоволен од состојбите во својата земја, па затоа и не реагира на студениот туш од Брисел.
– Не знам против кого би реагирале. Против Европа? Па Европа е и Франција, и Белгија, и Полска. Сите се Европа. Народот е посвесен од нашиве политичари дека во земјава не се направени никакви реформи и затоа не гледа причина да ја критикува одлуката на Брисел – вели професорот Илија Ацевски.

Тој додава дека луѓето се уморни и дека клучно прашање е како сега да се соберат сили да се направат вистински реформи со кои државата би тргнала напред.
За професорката Викторија Кафеџиска македонските граѓани имаат долга историја на разочарувања и тоа влијае врз нив.

– Се покажа дека ние направивме големи отстапки, но тоа не било доволно. Направивме отстапки што се непроменливи и кои долгорочно ќе се одразуваат врз нашата земја, а за возврат не добивме ништо – истакнува Кафеџиска.
Според неа, сега е потребно да се работи на реформи во сите сфери за да се средат состојбите во државата.

– Без оглед што нашите политичари велат дека освен ЕУ нема друга алтернатива, треба да се размислува и за други решенија, не во смисла на промена на европскиот политички курс што го поставила земјата, туку да се има и друго сценарио на комуникација со сите страни со кои би се отворила можност за соработка – истакна Кафеџиска.

Разочарувањето од Брисел беше големо, исто како и она од Букурешт во 2008 година, и она од Лисабон и уште многу други претходно, но и сега лекцијата како да е ненаучена. Само вистински реформи можат да го разбудат духот на овој народ, бидејќи на тој начин повторно ќе се врати вербата во државата и вредностите што таа треба да им ги понуди на своите граѓани, како економски просперитет, правда, социјална грижа, борба со корупцијата… Кога ќе профункционира тоа, сè ќе си дојде на свое место, и со датум, и без датум