Џузепе Конте, професор по приватно право на Универзитетот во Фиренца, речиси целосно непознат за повеќето Италијанци и за голем дел од академските кругови, ќе има мисија да ги исполни 38-те точки од владиниот договор склучен од двете антисистемски политички сили во Италија, пишува „Паис“.
Европските медиуми наведуваат дека италијанското антисистемско движење Пет ѕвезди и крајнодесничарската Лига долго време гледаа со презир кон идејата власта да отиде во рацете на технократ, наместо кај политичар избран од народот. Но како што оценува француски „Фигаро“, жестоката борба за превласт меѓу партиските лидери со амбиции за премиерската функција Луиџи ди Мајо и Матео Салвини, ги принуди да изберат трета варијанта за шеф на извршната власт.
Според „Паис“, ако биде одобрен од претседателот Серџо Матарела, Конте ќе стане 65-от премиер во последните 72 години во земја, каде што премиерите преживуваат во просек по година и два месеца. Тој ќе претставува влада, која вети дека ќе се бори со Европската Унија за сѐ, од економската политика до имиграцијата и надворешни работи. Недостигот од политичко искуство и слабите врски на Конте со двете партии, сигурно ќе предизвикаат прашања околу тоа колку тој ќе биде ефикасен на функцијата, а тоа дополнително ќе ги усложни односите меѓу Брисел и третата по големина економија во еврозоната.
Во изминатите денови популистичките лидери Ди Мајо и Салвини, составија заедничка владина програма, која им врти грб на строгите мерки за штедење и „диктатите“ на Брисел. Тоа ги загрижува финансиските пазари. Во конечната верзија на програмата барем не фигурираат предизвикувачите на шок-мерки, кои се појавија во претходните верзии, вклучувајќи евентуалното излегување од еврозоната и отпишување на дел од колосалниот јавен долг, заклучува „Фигаро“.