Во изминативе три децении се појавувале иницијативи и отворени писма на интелектуалци, и од Грција, и од Бугарија, и од Македонија, кои укажувале на неправедноста на политиката во однос на редица значајни прашања. Но колку реално интелектуалците имаат моќ да влијаат на политиките и на политичките процеси и колку навистина се слуша нивниот глас
Во заплетканите политички интереси и процеси, како на микрорегионален, така и на глобален план, каде што сѐ почесто се апстрахираат етичките, научните, па и демократските принципи, од интелектуалните елити се очекува да алармираат, да потсетат, па и да наметнат некои стандардни вредности, кои се чини не ѝ се примарни на реалната политика. Такви ситуации на запоставување, игнорирање или изигрување на интелектуалната мисла од страна на политиката има речиси постојано и насекаде. Но, и покрај тоа, интелектуалците наоѓаат начини да ги изнесат своите ставови и размислувања, без разлика колку тоа им се допаѓа или не на политичарите.Така, деновиве во јавноста привлече внимание отвореното писмо на група интелектуалци од Бугарија, со кое тие изразуваат, „разочараност и длабока загриженост од објавената ’рамковна позиција’ на бугарската влада за преговорите на Република Македонија за идното членство во ЕУ “.
– Ова враќање на јазикот на националкомунизмот го сметаме за апсолутно недопустливо. Ги сметаме како разумни утврдените услови за забрзување на работата на мешаната комисија за историски и образовни прашања и постигнување побрзи резултати од неа, како и за поголем општествен одѕив од нејзината работа. Го сметаме навистина за наумесно веќе постигнатите договори да се одразуваат во различни информативни табели со историска насоченост, во наставни програми во одредени дисциплини на училиште, на споменици, плочи, гробишта и сл., како и во изјави и коментари на државници, политички фигури и медиуми, поврзани со одразување историски настани. Заедно со тоа, не може да не констатираме дека целокупниот тон на таканаречената „рамковна позиција“ кон Република Македонија е недопустлив – се посочува во писмото, потпишано од историчари, економисти, политичари, новинари од Бугарија.
Интересно е дека во текот на изминативе три децении се појавувале иницијативи и отворени писма на интелектуалци, и од Грција, и од Бугарија, и од Македонија, кои укажувале на неправедноста на политиката во однос на редица значајни прашања.
Но карактеристично е што сите тие интелектуални иницијативи наидуваа на глув одек кај политичките елити. Таквиот однос повторно го поставува прашањето колку интелектуалците имаат моќ да влијаат на политиките и на политичките процеси и колку се слуша нивниот глас. Дотолку повеќе што примерите од минатото покажуваат дека станувало збор и за врвни имиња и докажани авторитети во своите области, кои секако имаат што да кажат. Но дали воопшто некој ги слуша?
– Дилемата колку се моќни интелектуалците да влијаат на политиката и политичарите е пред сѐ практична. Бидејќи таму во практиката се докажува дали интелектуалците имаат моќ да влијаат, односно дали политиката има желба да ја слушне и да ја цени интелектуалната мисла. Практиката покажува дека политиката нема ни слух ни чувство за тоа што имаат да го кажат интелектуалците и науката, воопшто. Тоа го потврдува самата практика, почнувајќи од осамостојувањето на Македонија до денес. Ако, пак, политиката воспостави некаков контакт со интелектуалците, тогаш таа сака да го слушне тоа што самата (политиката) сака да слушне. Според тоа, интелектуалците се сведени на послушници. Во таква ситуација, интелектуалците престануваат да бидат интелектуалци, а науката да биде наука – вели професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски.
За моќта на интелектуалците врз политиката се пресудни интегритетот и чесноста на самите интелектуалци во однос на општочовечките вредности и способноста да останат верни на своите принципи пред коруптивната моќ на политиката.
– Вистинскиот интелектуалец реагира на политичките случувања според својата совест, во согласност со научните принципи и општочовечките вредности. Не може да се зборува за чесен интелектуалец доколку калкулира со овие принципи во интерес на политиката. За жал, во Македонија таков вид интелектуалци сѐ помалку има и затоа политичките партии лесно ги (зло)употребуваат за оправдување на своите политики.
Не би требало да постои интелектуалец што може да го прифати она што Бугарија го прави спрема Македонија, во смисла на политички уцени со историјата за евроинтегративна поддршка. Некој (политиката) да преговара за колективната меморија, а интелектуалците да молчат! Навреден сум од односот, нереагирањето на македонските интелектуалци во оваа ситуација. Политиката може да си поигрува со секакви изговори, но интелектуалците не смеат да си го дозволат тоа – вели социологот Илија Ацески.
По отвореното писмо на бугарските интелектуалци, на македонските социјални мрежи се бара соодветна реакција и од македонските интелектуалци. „Бугарските интелектуалци се спротивставија, на ред се македонските“, гласи еден од статусите на Твитер, со алузија дека и МАНУ треба да ја предводи реакцијата на македонските интелектуалци. Академик Катица Ќулавкова, која секогаш реагирала, но издвоено, на сите процеси на разнебитување на македонизмот, сепак се става во одбрана на своите колеги од МАНУ, велејќи дека не е во ред сета вина да се фрла само на академиците.
– Има во МАНУ извонредни научници. Не е во ред да се фрла вината само на академиците, а државата е поткопана од политичари, мафијаши и нивните потрчковци и ботови, плус лебојадна и паразитска администрација – реагира Ќулавкова на твитот во кој иронично се констатира дека „нашите (интелектуалци) не се од тука“.