Мартинијан Кириловски со песната „Сто пати на ден“, чиј автор е Ристо Самарџиев, ја освои првата награда на „Макфест 2019“. Ова е негово шесто учество на фестивалот, каде што ја почна и својата музичка кариера, на Самарџиев, пак, ова му е седма побeдa во Штип
Три дена, на 10, 11 и 12 октомври, сцената на домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип беше местото каде што триесетина пејачи и групи, заедно со своите авторски тимови, се трудеа да остават што подобар впечаток и, пеејќи во живо, да му го вратат стариот сјај на фестивалот „Макфест“, кој годинава се одржа по 34-ти пат.
– Раздвижено е во градот, среќни сме што фестивалот не згасна, што интересот за него од година на година е сѐ поголем. В година ќе славиме мал јубилеј и убаво е што на макфестовската сцена повторно одекнуваат певливи рефрени – велат штипјани.
А учесниците пак, овој пат буквално од сите генерации, од петнаестегодишници до докажани музички ветерани, којзнае по кој пат, ја истакнаа макфестовската дружба, која, ете, ги преживеа сите сцили и харибди.
– Добро е што организаторскиот тим се подмладува и што на младите им се даваат шанси, но недостига некоја поосмислена концепција, која фестивалот конечно ќе го врати на вистинското место, измени во начинот на гласање, придружни манифестации, промоции, конечно реновирање на салата, која е иста од првиот ден на одржувањето на фестивалот. Секако, недостигаат и децата, кои чекаа во редици за автограм, кои му даваа посебен белег на фестивалот, во оние стари добри времиња, но затоа, пак, макфестовската дружба остана, бидејќи овој фестивал е единственото место кај нас каде што и авторите и изведувачите сѐ уште можат да се натпреваруваат и да ги промовираат своите најнови песни на вистински начин – велат некои од учесниците на годинашниот „Макфест“.
Еден фестивал е успешен ако од него останат барем неколку хитови до следната изведба, а сигурно од „Макфест 2019“ ќе се слушаат десетина песни, меѓу нив, секако, е победничката „Сто пати на ден“, на авторот Ристо Самарџиев, која енергично ја отпеа талентираниот Мартинијан Кириловски. Ова е негово шесто учество на фестивалот, каде што ја почна и својата музичка кариера. На Самарџиев, пак, ова му е седма победа во Штип.
– Пресреќен сум за победата на фестивалот каде што ја започнав мојата музичка приказна. Всушност, јас сум дете на „Макфест“, бидејќи ова е мое шесто учество. Почнав во 2013 година, го освоив третото место и оттука тргна сѐ. „Сто пати на ден“ е моја најубава песна досега и сигурен сум дека ќе биде голем хит, има леплив рефрен и веднаш влегува во уво, па се надевам дека уште долго ќе се памети. Песната е на Ристо Самарџиев, а аранжманот е на Иле Спасов – ни рече победникот Мартинијан Кириловски, кој како член на српската „Гранд продукција“ гради и интернационална кариера.
Второто место го освои дуетот Александар Митевски и Драган Спасов-Дац, со песната „Уште ми фалиш“, чиј автор е Митевски. Текстот беше преведен и на знаковен јазик. Третонаградени се членките на групата „Фрајле“ од Србија, кои на македонски јазик ја испеаја песната „Не ѝ признавај“ на Тоше Поп Симонов, некогашен уметнички директор на „Макфест“, кој како автор се врати по голема пауза.
И Александар Митевски, кого долго го немаше во Штип, ни откри дека трите фестивалски дена го вратиле многу назад, на почетоците.
– Уште првиот ден кога дојдов се потсетив на тие убави, по малку тажни макфестовски денови. Прво на победата со Дуле и Коки во 1996 година, со „Виолина и гитара“, бидејќи јас сум автор на текстот на овој евергрин, со чија изведба почна и вечерашното финале. Мојата прва музичка касета ја издаде токму „Макфест“ и имав голема желба повторно да застанам на оваа сцена. Драго ми е што публиката одлично реагираше на песната, за која снимивме и спот и ветувам дека ќе следуваат уште песни во овој стил што ќе ги снимиме со Дац – ни рече Митевски.
Тој е автор и на одличната балада со која Росана по долги години се врати на „Макфест“ – „Спомени“.
– Не пишувам многу, но долго ѝ се посветувам на некоја тема за која имам чувство дека е нешто посебно. Росана ми е драг лик од македонската естрада, првите песни што сум ги научил на клавир биле оние што таа ги отпеа со сестра си Маријана. Кога беше готова „Спомени“, ја повикав Росана да ја слушне и таа беше затечена. Интересно е дека првата верзија што ја отпеа остана, бидејќи емоцијата е она што ги води пејачите. Ако нешто кај нив ги разбранува дамарите, тие веднаш го прифаќаат, а потоа емоцијата допира до публиката – ни рече Митевски.
Тој дополни дека и сега, по толку години, почувствувал позитивна трема пред настапот на макфестовската сцена.
– Драго ми е што работите тргнаа на подобро, што фестивалот го враќа стариот сјај, онаа магија со која пленеше. Еве, годинава, многу познати пејачи и автори повторно се тука, како Коки, Принц, Дексо, Тоше Поп Симонов, па и јас, и ветувам ќе бидам тука и в година, кога „Макфест“ ќе го прослави 35-от роденден – откри Александар Митевски.
А Росана Сариќ-Тодоровска со своето враќање во голем стил и со емотивната изведба на баладата „Спомени“, за која ја доби и наградата за најдобра интерпретација, ги украде аплаузите и емоциите на фестивалот.
– Секогаш сум тежнеела да пеам песна што кај мене ќе разбуди некои чувства, некоја носталгија, бидејќи сум мошне емотивна личност, а во „Спомени“ како да е собран целиот мој живот. На „Макфест“ ме нема долго, можеби малку повеќе од 15 години, а од овој фестивал носам фантастични спомени од настапите со Маријана, но и како солистка. Сѐ уште живеат „Признавам“, „Ако не исчезнам“, „Стој“, „Љубов“, која ја испеавме со тогаш малата Тамара… Да, многу сум врзана за Штип, ги сакам дружбите и позитивната енергијата и голема чест ми е што прифатив да пеам песна што ме трогна од дното на душата. Имав огромна трема кога излегов, но, искрено, не очекував такви овации, таква награда од публиката. Затоа уште еднаш упатувам огромна благодарност до Александар Митевски, кој, исто како мене, по долги години повторно се врати во Штип – ни рече Росана.
Многу емоции кај публиката предизвика и настапот на Коки Јанков со „Тајфата“.
– Песната „Бела ајта“ е стара две години, нејзин автор е Деан Георгиевски-Ѕене и драго ми е што, ете, зазвуче токму на „Макфест“, од каде што почна сѐ, таа 1996 година кога со Дуле победивме со „Виолина и гитара“. Случајно или не, годинава тука се Александар Митевски и Тино Скендеровски, кој е заслужен за добриот фестивалски звук, а со гитаристот Ивица Јорданов повторно сме на иста сцена… Ова е многу емотивно искуство за мене и имав голема одговорност, бидејќи првпат тука, пред домашната публика, настапувам сам, без Дуле, кого го нема веќе шест години. Но убаво зазвучи песната, имав одлична придружба и мислам дека емоцијата допре до луѓето – ни рече Коки Јанков.
На голема врата на фестивалот се вратија и Принц и Дексо, чиј фантастичен вокал би требало почесто да го слушаме, како и Здравка Мирчевска, која извонредно ја отпеа баладата „Ако има утре“ на штипјанката Весна Малинова, Наташа Малинкова, која повторно ја затресе сцената со својот вокал пеејќи песна на Баже Темелков и Дарко Тасев, а одлични настапи на годинашниот „Макфест“ имаа и: Огнен Здравковски, Мина Блажев, оригиналниот Виктор Апостоловски, темпераментната Кубанка Јасмин Лопез, момците од „Акустик дивижн“, Елена Петреска и Игор Узунов, кои, за жал, не ги видовме во финалето.
Организатор на фестивалот е локалната самоуправа на Штип, со поддршка од Министерството за култура, а, секако, најголема заслуга за реализацијата на годинашното издание има целиот тим, на чело со техничкиот директор Кирил Панајатов и уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин, кој годинава имаше уште една причина за славење – стана татко. Тамара Тодевска имаше шоу-програма во паузата за гласање на годинашниот „Макфест“, а меѓу другите ја испеа заедно со публиката „Тажна љубов, среќна песна“, нејзин најголем хит, испеан токму на макфестовската сцена.
И годинава фестивалот го водеше и по малку танцуваше шармантната Марјана Станојковска, а Македонската телевизија трите фестивалски вечери директно ги емитуваше на својата програма.
Наградени
Освен тројцата првонаградени, чии авторски тимови освоија по 5.000, 3.000 и 1.000 евра, награди во износ од 500 евра добија и Славица Ангелова – за најдобар дебитант, Росана Сариќ-Тодоровска за најдобра интерпретација, Иле Спасев за најдобар аранжман за песната „Кој те учи така“, а Мартија Станјковиќ ја доби наградата за најдобар сценски настап на „Возбуда и љубов“.