Петиција со која се бара украинскиот претседател, Володимир Зеленски, да ги објави записниците од неговите телефонски разговори со рускиот колега, Владимир Путин, беше објавена денес на неговата официјална интернет-страница.
– Имајќи го предвид скандалот околу телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и содржината на тој разговор, особено ‘флертувањето’ со Трамп, координирањето на позициите за одредени кривични случаи и критиките кон лидерите на ЕУ и поранешниот американски амбасадор, бараме да се објават записниците од телефонските разговори меѓу претседателот на Украина, Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин – се наведува во петицијата која беше покрената вчера.
Доколку петицијата ја потпишат најмалку 25.000 луѓе, Зеленски треба да ја разгледа во рок од 90 дена, пренесе агенцијата „Тасс“.
Тврдењето дека Трамп во телефонски разговор во јули извршил притисок врз Зеленски за да го испита работењето во Украина на синот на неговиот ривал за претседателските избори, Џо Бајден, предизвика скандал во Вашингтон.
Поради ваквите обвинувања, американскиот Конгрес започна истрага за Трамп, што може да доведе до негово отповикување.