Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ“ се одржа деновиве во Скопје, во организација на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) и Македонската академија на науките и уметностите. Манифестацијата има цел да придонесе во научната обработка, системското проучување и меѓународната афирмација на македонскиот јазик, со што ќе се обезбеди споредливост на резултатите и нивна апликација на пошироко меѓународно ниво.
На отворањето на манифестацијата се обрати претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Во рамките на манифестацијата беше презентиран и новиот интернет-портал Дигитални ресурси на македонскиот јазик, кој содржи над 50 дигитализирани стари книги, граматики на македонскиот јазик, монографии, споредбени студии, база на ресурси за македонски електронски корпус, како и над 4.000 страници дигитализиран дијалектен материјал од целата јазична територија на Македонија.
Првиот ден се одржа меѓународна панел-дискусија посветена на придонесот акад. Б. Видоески во развојот на македонската лингвистика и славистика, на која ќе зборуваат неколку научници од земјата и странство, меѓу кои Зузана Тополињска, Кристина Крамер од Канада и Слободан Реметиќ од Србија. Вчера се одржа меѓународната научна конференција „Динамиката на македонскиот јазик“, посветена на анализата на динамичниот карактер на македонскиот јазик и неговата специфична структура. На конференцијата учествуваа светски познати македонисти, како што се Татјана Вендина од Руската академија на науките, претседателка на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас, Јан Соколовски од Полска, надворешен член на МАНУ и основач на Македонистичката работилница на Универзитетот во Вроцлав, Ирена Савицка од Институтот за славистика при Полската академија на науките и проф. Мотоки Номачи од Универзитетот во Хокаидо, Јапонија. Професорот Номачи на оваа меѓународна конференција првпат го претстави ракописот на необјавената „Граматика на македонскиот јазик“ од акад. Самуил Б. Бернштејн, која е напишана во 1947 година и која повеќе од 70 години се сметаше за загубена.