Здружението „ПП џез-фестивал“, на 13, 14 и 15 септември, во центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе го реализира осмото издание на „Прилеп џез-викенд“, кој е еден од најзначајните културни случувања во нашата земја. Годинашниот фестивал ќе се одржи во салата на киното „Мис Стон“.
– Прилепскиот џез-фестивал и овој пат ќе понуди одлична програма, а публиката ќе има можност да ужива во настапот на врвни музичари од македонската џез-сцена. Богатата програма со пет концерти и филмска проекција ветува ново искуство и незаборавно доживување за сите љубители на овој музички правец со најширок спектар на поджанрови што го сочинуваат џезот денес – велат организаторите.
Почетокот на фестивалот ќе го означи документарецот со џез-содржина „Блу ноут“ во режија на Јулијан Бенедикт и Андреас Морел, а концертот што следува е новиот проект на Доријан Јовановиќ.
Вториот ден, на 14 септември, фестивалот обединува квалитетни изведувачи со големо искуство, кои своето музичко знаење го стекнале во земјава и во странство. Тоа се Триото на Тони Китановски и џез-ансамблот „Кукурек“, чии членови се едни од највлијателните македонски џез-музичари од помладата генерација.
Финалната вечер е резервирана за квартетот на извонредниот гитарист Џоле Грујовски и „Кабадајас“, сега како трио, чиј жанр е мешавина од традиционалните ритмички изрази, со длабоко влегување во сферите на џез-фузијата.
Почетокот на концертите е во 21 часот, а мисијата на фестивалот е поддршка на домашната џез-продукција, негување на добриот музички вкус и создавање нова џез-публика, особено меѓу младите луѓе. Влезниците за фестивалот се во висина од 400 денари (пакет за трите дена) со кои следува подарок цеде од двојната компилација „Прилеп џез-викенд“. Ка.М.