Нова смарт табла, на почетокот на учебната година е веќе вклучена во наставниот процес во средното економско училиште во Битола „Јане Сандански“.
Оваа донација од Општина Битола, во голема мерка треба да го подобри квалитетот на изведување на настава на стручните предмети.
-Смарт таблата ќе им користи на учениците за изведување на наставата по сметководство и пракса. Заедно со донацијата од Светска банка и потпомогнато од Министерството за образование и наука, доделени ни се 10 компјутери, кои што ќе бидат со софтверска програма, преку која учениците ќе го избегнат класичниот начин на пишување. Учениците ќе можат да ги користат најновите сметководствени програми, инсталирани за изработка на најнеопходните програми за практична работа по предметите од сметководство и практична настава. Се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму и ќе можеме да опремиме повеќе училници во нашето училиште, рече Александар Цветковски, директор на средното економско училиште.
Градоначалничката Петровска ја потенцираше заложбата дека постојано мора да се вложува во образованието и да се подобруваат условите за работа во сите образовни установи во градот.
-Сметам дека смарт таблата е особено потребна во ова училиште затоа што самата структура на предмети која што ја изучуваат децата бара користење на вакво помагало, кое ќе им ја олесни работата и на наставниот кадар, но и на учениците. Во оваа насока Општина Битола ќе продолжи да ги поддржува училиштата, и со ребалансот на буџетот ќе бидат издвоени средства за набавка на вакви табли во сите образовни институции, затоа што мора да се следат современите текови на работа- посочи градоначалничката Наташа Петровска.