Турција го осуди убиството на над 50 Палестинци, кои протестираа денеска на границата со Појасот Газа против отворањето на американската амбасада во Ерусалим.
– За жал, САД арогантно застануваат на страната на израелската администрација, која убива цивили, и се соучесници во ова злосторство против човештвото, посочи турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Тој оцени дека оваа, како што ја нарече, провокација, само ќе ги продлабочи проблемите во областа, ќе остави уште подлабок белег во израелско-палестинските односи, и ќе го направи патот до мир во регионот уште потежок.
Јилдирим изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп со преместувањето на Амбасадата се обидува да го одвлече вниманието од внатрешните проблеми, односно дека се „обидува да го скрие внатрешниот пожар, палејќи пожари надвор“.
Претходно денеска, турското Министерство за надворешни работи оцени дека одлуката на САД да ја преместат амбасадата во Ерусалим ги поттикнала израелските сили да убијат десетици палестински демонстранти.
Во денешните судири меѓу израелската војска и палестинските демонстранти кои протестираат долж границата на Појасот Газа со Израел загинаа најмалку 52 Палестинци.
Демонстрантите, гневни и поради преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, кон израелските војници фрлаа запалени гуми, молотови коктели и камења, а израелската војска тврди дека тие се обиделе насилно да ја пробијат граничната ограда.
Во нередите се повредени над 800 лица, од кои најмалку 27 се во критична здравствена состојба.