Да продолжат или да прекинат преговорите околу „разликата“ за името на нашата држава (3)
Пишува д-р Гале Галев
Втората половина на 19 век, погледната од аспект на пројавениот интерес кон балканските територии од Отоманското Царство изобилува со богат дипломатски материјал. За наши потреби упатуваме на содржината на документот од кој јасно ќе се види како во тоа време се гледало на „македонското прашање“. Читаме: „Господине министре, … имам чест да Ве известам дека вашиот предлог што се однесува за Македонија ја доведе грчката влада во тешка положба. Таа, од една страна, призна дека економските и политичките интереси на Грција ѝ налагаат да се спогоди со бугарската влада за македонското прашање (сфатено во смисла на поделба на сфери на влијание и пропаганда ав. заб.), од друга страна не смее да го направи тоа од причини што грчкиот народ научил, од пред 50-60 години наваму, во училиштата и во својот печат Македонија да ја смета за грчка земја и да верува дека мнозинството од христијанското население во неа е грчко, а пак таа знае дека таму Грците не се во мнозинство. Ете зошто таа (владата) е во дилема дали да го прифати вашиот предлог за предметното прашање“ (в. Извештај од Дипломатското агентство на Бугарското Кнежевство во Атина до претседателот на Владата и министер за надворешни работи д-р К. Стоилов во Софија, бр. 94 од 18 јануари 1897 год.).
Следуваат мали цитати од доменот на формирањето на националната свест: „Кога ќе се судрат две големи хегемонски нации-држави, ние што пребаруваме низ историските фрагменти не смееме поради шумата да не ги видиме дрвјата. Таканареченото ослободување на Македонија во 1913 година било симболот што го означил почетокот на неприкосновената хегемонија во производството на култура-нација. Без оглед што луѓето дотогаш биле од централна грчка Македонија, јасно било дека оттогаш морале да бидат Грци. И така било“ (в. Анастасија Каракасиду, Полинја жито ридишта крв“- патиштата кон националноста во грчка Македонија – 1870-1990, Скопје 2002, стр. 269). Кај истата авторка ќе го прочитаме и следното: „Денес националистите, речиси со арогантно занемарување на суптилните и сложени нијанси на локалната историја, слепо ги категоризираат славофоните и двојазичарите од минатото, како современи национални аномалии: како ’скопјани’ што го загрозуваат интегритетот на грчката нација“ (исто, стр. 275).
Македонците не се ниту Срби ниту Бугари
Овој краток цитат и следните два се од германски автори: „Пропаднаа напорите да се подели главнината на македонските Словени според етнографски критериуми – на Срби ни Бугари. А ниту еден човек од крв и месо не ќе дозволи врз база на една филолошка критика на сродноста да му се досудува неговата припадност кон некоја определена етничка заедница“ (в. Леонард Шулце-Јена (1872-1955), германски научник, цитирано според Волф Ошлис, Гема Македонија, Скопје 2012, стр. 171):
– Макс Фишер (Max Fischer, 1893-1954): „Србите и Бугарите им се многу блиски на македонските Словени, но Македонците не се ниту Срби ниту Бугари“ (исто, стр. 123);
– Ернст фон Хесе-Вартег „Националната пропаганда на соседните држави на Македонија, поддржана од политиката, од религијата, од училиштето и од бакшишот, ја имаше намерата да ги влече Македонците на сопствената страна, значи од нив да прави Грци, Бугари, Срби итн.“ (исто, стр. 31).
Еден краток, но интересен американски документ: „Во модерно време, Македонија останува политички сон во еден совршен географски регион помеѓу Шар Планина на север од Скопје, планината Рила во Бугарија, Оса, Олимп и Егејско Море на југ, албанските ѕидини на запад. Таа е политички поделена од Југославија, каде што 800.000 Македонци живеат по долината на Вардар, Грција, која ги контролира долните текови на Вардар и Струма со население од околу 500.000 Македонци, помешани со околу милион Грци, како и Бугарија со Пиринска Македонија, населена со 400.000 жители. На крајот по Првата светска војна близу 400.000 Македонци пребегале во Бугарија…“ (в. Извештај на Стејт департментот од 19 март 1949 година за македонското прашање. в. факсимилот за тоа кај Лазар Лазаров, Патот до Македонија, 2007, стр. 133).
Уште еднаш кај Лазаров, во случајот станува збор за дел од француски документ: „Македонците високо го афирмираа потеклото на нивниот јазик… во потеклото на овој јазик има еден дијалект од регионот на Солун, на кој кон 863 година пишуваа браќата Кирил и Методиј… во 1900 година во Прилеп е пронајден пишан документ од 20 мај 1637 година на чист македонски јазик. Разговорот и кореспонденцијата се употребуваа од дамнешни времиња на овој јазик чии карактеристики денес се дефинирани…“ (в. Archives dipomatique…. Nantes… Fond General des fonds…. Serie, Skopje, vol.1, цитирано според: Лазар Лазаров, „Македонија во француската политика на Балканот 1944-1957„. Скопје 1997,стр. 163).
Француски автор: „Националноста не се препознава со јазичните нијанси, ниту со историските споменици. Таа е волјата на народот. Сега овој народ (мисли на Македонците, ав. заб.) со радост би ги пречекал тие што би го ослободиле и, на денот кога ќе биде ослободен, волјата што тој слободно ќе ја изрази ќе биде посупериорна од сите историски, етнографски или филолошки опсервации. Тоа е единствената важечка вистина“ (в. Рене Пинон, цитиран според Лазар Мојсов, Околу прашањето на македонското национално малцинство во Грција, Скопје, 1954, стр. 205).
Историјата не може да се преиначува
Може да се редат уште многу примери. Затоа ставам точка. Но при ова се поставува ново прашање: Има ли некоја трета „вистина“ што е различна од претходните две? Одговорот е: Има. Но во никој случај во неа не можам да ја сместам „вистината“ што, своевремено (11.4.2009), во еден свој публичен говор му ја „продаваше“ на својот народ (за кој, инаку, имам исклучително високо мислење и искрена почит), поранешниот премиер на Грција, г. Константинос Караманлис. Имено, според него, таа се сведува на тоа дека:. „…историјата не се преиначува, не се препишува, не се допишува.“ Ако навистина верува во тоа (што, впрочем, е и човечки), би сакал да му ја препорачам да ја прочита, а ако веќе ја читал, тогаш да ја препрочита искрено напишаната студија со наслов „Полиња жито ридишта крв“, од, горецитираната грчка авторка Анастасија Каракасиду. При ова, во никој случај да не го пропушти и насловот „Национална (лажна) свест и индексирање на спомените“ (стр. 276-279). Кога сме кај ова, можеби е добро почесто да се дружиме и со тритомното мемоарско дело од Винстон Черчил, насловенo „Втора светска војна“ – том први, втори и трети (македонско издание, Скопје 2014 или во оригинал: Memoirs of the second world, 1959).
Би останал недоречен ако, условно речено, не кажам збор-два и за мојата „вистина“. За неа, или како да се дојде до неа, посебно зборувам во третото поглавје од овој мој текст. Во ова пригода, само како мала најава за неа ќе го речам следното: Политичките елити од двете земји дефинитивно да најдат сили и да излезат од 25-годишниот ров, во кој редоследно се сместуваат и никако да излезат од него. Време е да сфатат дека нивната мисија не е во тоа да ги држат своите граѓани „оковани во прангите на национализмот“, туку да ги ослободат од тие пранги. Време е да сфатат дека двата народа (граѓани) се тука кај што се на овој географски простор, не по нивна волја туку по природата на божјите (природни) закони. Да сфатат, исто така, дека и по нас доаѓаат и ќе доаѓаат нови генерации. Време е да сфатат и за нас и за овие (идни) генерации дека има многу повеќе заедничко отколку различно помеѓу двата народа и држави. Ако е така, а така е, тогаш должни се да му дадат простор на многуто, а не на малкуто, кое, освен труење и загаденост, други плодови не дава.
Реакција на Лисабонската декларација
Време е да се вратиме и да видиме што се случуваше натаму на патот на нашето меѓународно признавање. Европската заедница, ако некогаш била под нивото на улогата што сама ја презела во поглед на признавањето на поранешните републики од југословенската федерација, тоа, секако, е во случајот со Република Македонија. Затоа и не изненадува реакцијата на претседателот на државата Киро Глигоров, во врска со решението од оваа декларација. Во неа, меѓу другото, ќе го прочитаме и ова: „И, она што е најважно од сѐ, никој нема поединечно право во Република Македонија, ниту јас како претседател, ниту Владата, ниту парламентот, да одлучи за елементарното и неприкосновено право на нашиот народ: за неговото име и името на државата… со исклучување на зборот Македонија се бара (од нас г.г.) да измислиме име што нема врска со територијата на која живееме и со нашата историја“ (изјава на претседателот Киро Глигоров по повод декларацијата на Европската заедница од Лисабон, Скопје, 28 јуни 1992).
Нанесена неправда, но и произлезена полза
Кога сме кон цитираната декларација, нема друга оцена освен оцената дека со неа во моментот на нејзиното донесување ни беше нанесена неправда, да не речам од најдолен вид. Но тоа е едниот аспект на декларацијата. Истата таа, погледната од друг агол, може да се каже дека, на некој начин, произведе и одредена полза за нас. Полза во таа смисла што токму преку прифатените од наша страна процедури и услови утврдени во декларацијата од 16 декември 1991 година за нашето признавање (вклучувајќи ги во нив и оние што се однесуваат само на Република Македонија), но и другите поставени барања, за кои веќе стана збор, Македонија успеа да дојде до горецитираното позитивно мислење од Арбитражната комисија. Впрочем, ова мислење за нас е и еден од најзначајните меѓународни документи. Тоа е документ што временски не е подложен на какво било обеснажување. Токму поради него Европскиот совет и не можеше со цитираната декларација на Република Македонија политички да ѝ го наложи своето решение, во смисла, таа да мора да прифати во нејзиното име да не стои терминот „Македонија“.
Да заклучам, вистина со нејзиното донесување изостана нашето признавање во тој момент, но толку. Уставното име на државата и натаму остана недопрено, како што остана и самото ова мислење. Натамошниот текст јасно ќе покаже дека тоа (мислењето) не само што не е обеснажливо туку е и непотрошливо. Оттука, тоа, како такво, до целосното заокружување на процесот на нашето меѓународно признавање, очекувам дека ќе ја има улогата на еден од најзначајните аргументи во одбрана на нашето име на државата. При ова заслужува да се укаже на фактот дека до него не ни можеше да се дојде на друг начин освен преку јасно декларираната и реално остварувана соработка и проактивност од наша страна со институциите на Европската заедница во процесот на реализирање на меѓународното признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.