Големите писатели и нивните сопруги и љубовници (1)
Голем број светски писатели имале сопруги и љубовници што им биле инспирација за пишување. Освен во романите, своите чувства ги бележеле и во писма што ги испраќале со брзи кочии
Блаже Миневски
„Ах, каков сопруг беше тој! Колку ме сакаше, колку јас го сакав“, му рекла Ана Грегориевна на Толстој неколку години по смртта на нејзиниот сопруг Фјодор Михајлович Достоевски. Голем број светски писатели имале сопруги и љубовници што им биле инспирација за пишување. Освен во романите, своите чувства ги бележеле и во писма што ги испраќале со брзи кочии. Големиот Гете, на пример, кој во тоа време живеел во Вајмар, на 28 август 1782 година се разбудил уште во мугрите и веднаш седнал да ѝ напише писмо на својата сакана Шарлота фон Штајн: „Добро утро, сакана моја. Зошто си ми токму сега отсутна, па не можам да примам благослов од твоите усни?“ Во тој стил ќе продолжи и на следните неколку страници. На 17 септември, значи дваесетина дена подоцна, Јохан Волфганг Гете на својата Шарлота со крупни букви ѝ признава: „Тебе ти се посветени сите мои часови“. Се разбира, продолжува да ѝ пишува и во следните денови, и следните години, работејќи истовремено и на „Фауст“. Пред да „пукне“ пролетта, на 16 март 1785 година, Гете ќе признае дека за него постојат само две божества – Шарлота и сонот. Сонот само затоа што и кога спие таа е крај него. Веднаш потоа ќе додаде: „Одвај чекам да зборувам со тебе; се насобраа многу работи.