Србија

Освен разликата во политиката и идеологијата во српската опозиција, дополнителен раздор меѓу нив предизвикува и дејствувањето на актуелната власт на Српската напредна партија

За опозициските партии во Србија најголема тема за разидување е бојкотот на наредните парламентарни избори. Ова може да предизвика и натамошна поделба на опозицискиот блок во Србија околу начинот на борба против сегашната власт на Александар Вучиќ. Разликите во ставовите на опозициските политичари и на критичката јавност се манифестираат подолго време и тие не можат да се надминат поради личните интереси и на одделни партии, кои не сакаат да направат никаков компромис. Освен политиката и идеологијата, дополнителен раздор меѓу опозицијата предизвикува и дејствувањето на актуелната власт на Српската напредна партија, која прави минимални отстапки за да може да привлече дел од опозициските партии да излезат на избори. Дел од опозицијата се надева дека ќе може да освои некои од водечките позиции на локално, покраинско или републичко ниво.

Политичкиот аналитичар Бобан Стојановиќ смета дека нема да дојде до поголемо разидување од веќе поделената опозиција.
– Секое дополнително ситнење ја отежнува борбата против власта. Опозицијата би требала да биде единствена околу бојкотот на изборите, а потоа и за начинот на дејствување. Не е потребно да се создава непотребен ефект и со тоа да се минира евентуалниот бојкот. До есен мора да се постигне јасен став околу ова прашање, а потоа сите заедно да тргнат во заедничка кампања за бојкотирање на изборите – изјави Стојановиќ за „Данас“.

Дејан Бурсаќ, истражувач во Институтот за политички студии, е песимист во идното здружување на опозицијата и очекува дополнително разединување во овој табор.
– Всушност, бојкотот е главната точка за несогласување. Многу актери размислуваат на краток рок и целосно рационално од перспектива на сопствените интереси. Бојкотот за кој се залагаат во Сојузот за Србија е можност за помалите партии од опозицијата да влезат во парламентот. На изборите се очекува помал одзив и со тоа и помал цензус, а се надеваат и на гласови од другите партии што нема да учествуваат на изборите. Тоа се главно ПСГ, ДП, ДСС, кои се на границата за исполнување на изборниот цензус – вели Бурсаќ.

Аналитичарот Драгомир Анѓелковиќ смета дека здружувањето без да постои суштинска кохезија на опозицијата нема да даде резултат.
– Прашањата од идејна природа можат некако и да се дотераат да изгледаат како општо прифатливи за да се најде некаков компромис. Но суштината е во тоа што тлеат персоналните судири на лидерите и прашање е на време кога тие ќе излезат на виделина – објаснува Анѓелковиќ.

Лидерот на Движењето на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ, е поблизок до идејата „да се спојат на избирачките места за да ги бранат гласовите“, отколку „да се откажат од натпреварот затоа што не е фер“. Наташа Вучковиќ, функционерка во Демократската партија, смета дека „бојкотот не е политика“.
Наспроти нив е ставот на еден од водачите во СЗС, Драган Ѓилас, кој изјави дека партиите што ќе учествуваат на новите избори, под услови на информативна блокада од власта, не можат да се наречат опозиција.

Неколку анонимни соговорници од врвот на српската опозиција за „Дојче веле“, велат дека Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ се против учество на изборите на начин организиран од Александар Вучиќ, а во Двери и Демократска партија сѐ уште не се убедени дека тоа е вистинското решение.

Некогашниот потпретседател на Владата на Србија, Божидар Ѓелиќ, вели дека за земјата би било трагично, поради атмосферата во медиумите и во општеството, вистинската опозиција да ги бојкотира изборите и Србија да добие власт со поткопани институции. На претседателот на Либерално-демократската партија, Чедомир Јовановиќ, идејата за бојкотирање на изборите му изгледа „нереална и невозможна, и тоа претставува план на политички неискусни луѓе“.